Медицинската сестра од Клиниката за онкологија и радиотерапија, која на 28 февруари беше фатена при повторна кражба на лекови, доби отказно решение на 23 мај, а од 28 февруари не е стапната на Клиниката, рече денеска в. д. директорката д-р Виолета Клисаровска на заедничка прес-конференција со министерот за здравство Фатмир Меџити и организацискиот директор Хаљид Матоши, откако Јавното обвинителство во петокот отвори предистражна постапка за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката.
Таа вели дека е нормално лековите да се разредуваат во физиолошки раствор, но тоа не значи дека некому ќе му се даде раствор без лек или дека ќе се преполови доза.
-Од денот кога сум директорка на Клиниката за радиотерапија и онкологија, ноември 2022 година, одговорно тврдам дека секој пациент ја добива терапијата и затоа ве молам да не се манипулира, пациентите премногу се вознемируваат – вели таа.
Апелираше да не се генерализира проблемот врз целиот тим. Вели дека стручниот колегиум работи високопрофесионално.
За безбедноста на лекови рече дека претходно имале сомнежи, имало допрен глас, но тогаш не можела да биде во допир со точни информации.
-Беше јавна тајна дека медицинско лице врши кражба. Кога се утврди дело, делував како што треба. Откако сум јас директорка, подигнато е нивото на безбедноста на патеката на лекот. Еднаш неделно имаме конзилиум, на кој се состануваат сите 12 раководители на одделенија и за секој пациент се разговара и одлучува за текот на терапијата – рече Клисаровска.
Вели дека не дава втора шанса никому, без разлика дали е украден скап лек или физиолошки раствор. А за тоа зошто медицинската сестра била вратена на работа после првата кражба рече дека треба да одговори претходното раководство. Сестрата била ангажирана во дневната болница и не била директно вклучена со растворањето лекови. Вели дека во случајот не бил украден скап лек.
На новинарско прашање зошто претходниот директор д-р Нино Васев денес дошол на работа, таа кажа дека нема добиено никакво решение од институциите за да биде отстранет од работа.
Таа апелира надлежните институции да донесат одлука и ако има виновници, да ги именуваат.
-За нашата клиника, ова е од непроценлива, огромна важност. За да се отфрли т.н. колективна вина, која сега се надвиснува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим, што ја руши довербата пациент – лекар, што директно се одразува врз здравјето на граѓаните. Стручниот колегиум на клиниката најостро осудува секое несовесно и нестручно работење со молба и апел кон сите надлежните и медиумите да не се генерализира проблемот – порача Клисаровска.
-Од дното на душата сакам да се открие, вината да добие име и презиме и пациентите да ја вратат довербата- рече таа.
Меџити и Клисаровска замолија да не се шират непроверени информации, да се почекаат извештаи од институциите, со цел да не се создава немир и паника кај онколошките пациенти.
Инаку, поради случајот на Онкологија, денеска во 18 часот пред Владата е закажан протест.