Секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара. Посебен тим од Крим полиција работи во координација со Основното јавно обвинителство, направен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со Клиниката за онкологија.
– Мислам дека лично не би требало да почнувам со клише за тоа што се случува, нема збор што може да ја опише самата помисла во однос на случките на Клинка за онкологија. Најблаго кажано, сметам дека се изгубила човечката димензија, ова се состојби коишто во континуитет подолг временски период траеле. Вие знаете дека имаше неколку пати јавни написи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до МВР, до ОЈО, и тоа беше основната причина за која што се отвори предмет во ЈО и веќе се преземаат процесни дејствија – рече министерот Спасовски во гостување на ТВ21, додавајќи дека мора да се истера до крај и да се анализираат сите аргументи.
Тој дополни дека во моментов не може да се зборува за конкретни информации.
– Конкретноста на информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред сѐ во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени – истакна министерот Спасовски.
Нагласи дека сите инволвирани ќе одговараат, без никаква толеранција кон нив.
– Ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од било кого да е направено, нема да има никаква толеранција. Тоа е основата која ја имаме во работењето со ОЈО и тука нема да има пардон за никого. Се случувале 20 години вакви настани, имало индиции многу пати до сега, но сега е дојден моментот да се расчистува со корупција и за тоа ги преземаме сите чекори и мерки кои стојат на располагање. Секој еден кој бил инволвиран без разлика на позициите кои ги имале, ќе биде дел од процесот и ќе носи одговорност – рече Спасовски.