Католичките верници, протестантите и дел од православните христијани кои се водат по грегоријанскиот календар утре го одбележуваат Божиќ, додека преостанатиот дел од православниот свет кој празнува според јулијанскиот календар ќе го прослави Христовото раѓање по две недели.
Во христијанството сè уште има разлики за тоа кога треба да се слават Божиќ и другите верски празници, пред сè поради несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Така католиците, протестантите и дел од православните христијани кои го прифатиле грегоријанскиот календар, Божиќ го слават на 25 декември. Дел од православните цркви, меѓу кои и МПЦ – Охридска архиепископија, кои се водат според стариот јулијански календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари. Всушност, и едните и другите го слават празникот на 25 декември, но не во ист ден поради употребата на различните календари.
Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата меѓу „старокалендарците“ и „новокалендарците“, разликите остануваат и покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел од православните христијани во 2101 година Божиќ, наместо на 7, ќе го слават на 8 јануари. Тоа е затоа што стариот јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај грегоријанскиот календар се случува по 3.300 години, пренесува МИА.
Во времето на Отоманската Империја, цариградскиот патријарх Еремија Втори Транос го одбил предлогот на папата Григориј Тринаесетти за прифаќање на грегоријанскиот календар и за усогласување на верските празници. Примената на грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почна во првите децении на 20 век, на инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким Трети.
Во 1919 година новиот календар е прифатен во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), во 1923 во Грција, а потоа и во Бугарија, Романија и Турција…
Меѓутоа, монасите на Света Гора, Ерусалимската и Московската патријаршија, Српската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија и натаму се водат според јулијанскиот календар, за разлика од Црквата на Грција, Бугарската патријаршија, Патријаршијата на Романија, Православната црква на Украина, Апостолската автокефална православна црква на Грузија, Автокефалната православна црква на Албанија и неколку помали православни цркви, кои го прифатија грегоријанскиот календар.
Најсериозен обид за усогласување меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар направил српскиот физичар и астроном Милутин Миланковиќ. Календарот што тој го изработил по барање од вселенскиот патријарх Милентиј Четврти се смета за најточен и за разлика од јулијанскиот и грегоријанскиот, доцни еден ден на секои 28.800 години.
Миланковиќ го претставил својот календар на Сеправославниот конгрес во 1923 година во Цариград. Решението го прифатиле Цариградската, Александриската, Антиохиската, Бугарската и Романската патријаршија, како и Атинската архиепископија. Против биле Српската православна црква и Ерусалимската и Московската патријаршија. И покрај мнозинската поддршка од православните цркви, календарот не е прифатен.
Стариот јулијански календар, според кој се води и МПЦ-ОА, датира од 46 година пр.н.е., кога римскиот император Јулиј Цезар го ангажирал александрискиот астроном и математичар Сосиген да изработи нов попрецизен календар. Тогаш во Рим се воведува календар базиран на египетскиот со 365 дена поделени во 12 месеци, наречен јулијански според Јулиј Цезар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-тиот ден се додавал во февруари, кој тогаш бил последен месец во годината. Со новиот јулијански календар почетокот на Новата година, што дотогаш бил во март, е префрлен на 1 јануари.
Во 325 година на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја е одлучено да биде прифатен јулијанскиот календар и по него да се сметаат значајните датуми од историјата на христијаните. На Соборот во Никеја учествувал и претставник на градот Скупи, своевремено голем регионален културен центар, врз чии ѕидини е изградено Скопје.
Подоцна е утврдено дека годината според јулијанскиот календар е подолга за 11 минути и 14 секунди од природната соларна година, со што на секои 128 години се создава разлика од еден ден. Во 16 век разликата достигнала 10 дена, што предизвикувало проблеми во одредувањето на Велигден, најголемиот христијански празник што секогаш се врзува за пролетната рамноденица и неделата по првата пролетна полна месечина. Затоа папата Гргур Тринаесетти во 1582 година извршил ревизија на јулијанскиот календар, со што е создаден грегоријанскиот календар, до денес општоприфатен во светот, според кој годините се бројат од раѓањето на Исус Христос.
Со була на папата Гргур Тринаесетти, денот по 4 октомври не се сметал како 5-ти, туку како 15 октомври, со што е „испеглана” разликата од 10 дена. Разликата во траењето меѓу грегоријанската и природната година е надмината со тоа што престапна е секоја четврта година. Последните години од вековите што не се деливи со 400 без остаток не се сметаат за престапни. Така, на пример, 1900 за разлика од 2000 година не била престапна, бидејќи не е делива со 400.
Дебатата што се отвора секоја година за „двојната” прослава на Божиќ, според познавачите на религиите, не е теолошко, туку астрономско прашање. Тие нагласуваат дека календарот го мери времето, а не верата. Јулијанскиот календар е создаден пред Исус Христос и затоа не треба да се врзува за христијанството, ниту, пак, грегоријанскиот. Христијаните, пренесува МИА, верувале и пред создавањето на грегоријанскиот календар, а ќе веруваат и кога ќе заврши, велат теолозите.
Астрономите, пак, укажуваат дека календарот служи за да го усогласи дневниот и годишниот циклус на Земјата и да ги задоволи потребите на луѓето за фиксирање во времето. Календарот е договорен збир на правила што го одредуваат односот меѓу различните временски интервали – денови, недели, месеци и години и основа за планирање на животните и социјалните циклуси, за утврдување и одржување световни и духовни настани според потребите на луѓето и општеството.