Автор: Д-р Марија Коцева, ПЗУ „Д-р Ложзанковски“
Тироидната жлезда е многу мал орган налик на пеперутка лоцирана на предниот дел од вратот, која продуцира хормони кои го регулираат телесниот метаболизам и влијаат на виталните функции на телото. Нормално функциониорање на тироидната жлезда е значајно за плодноста како и за успешна бременост.
Дисфункција на тироидната жлезда може да биде поврзана со нерегуларни и обилни менструални крвавења, отсуство на овулации, пролонгирани точкасти „spotting” крвавења, рекурентни абортуси, рестрикции на интраутерин раст на фетусот.
Тироидната жлезда има особено есенцијална улога во развојот на рана бременост. Во тек на бременоста тироидната жлезда има форсирана продукција на тироксин за 30-50%. Добро функционирање ќе овозможи уреден развој на феталниот нервен систем и мозочето во тек на првиот триместар од бременоста. Во првите 12-18 недели од развојот фетусот е комплетно зависен од мајката за продукција на тироидни хормони. Околу 20 гестациска недела тироидната жлезда на фетусот започнува со сопствена продукција на тироидни хормони. Во тек на бременоста два хормони кои се продуцираат (hCG) од постелката и естрогенот предизвикуваат зголемено ниво на тироидни хормони во крвта.
ХЦГ (HCG) е сличен на ТСХ (TSH) и придонесува тироидната жлезда да произведува зголемена количина на тироидни хормони. Зголемените нивоа на естроген влијаат на зголемена продукција на thyroid-binding globulin протеин кој ги транспортира тироидните хормони во крвта.
Најчеститте пореметувања во функцијата на оваа жлезда се намалена функција (хипотироидизам) и зголемена функција (хипертороидизам).
Хипотироидизам во бременоста е најчесто предизвикан од Хашимотова болест и се појавува кај 3-5 на 1.000 трудници. Тоа е форма на хронична инфламација на тироидната жлезда (автоимуна болест). Нетретирана, во текот на бременоста може да доведе до:
-Прееклампсија, анемии, рани абортуси, мртов плод, интраутерина ретардација на раст на плодот итн.
Најчесто се дијагностицира преку клинички симптоми (екстремен замор, опстипација, намалена толеранција на студ, мускулни грчеви, проблеми со меморија и концентрација) и промени на хормоните, преку крв – зголемена вредност на ТСХ а намалена на T4. Доколку се потврди оваа состојба лек на избор е синтетски тироксин кој е целосно безбеден и неопходен за мајката и за фетусот.
Хипертиреоидизам во бременоста е најчесто предизвикан од Гравесова болест и се појавува околу 1 на 500 бремеонсти. Ретко може да биде предизвикан во бременоста од hyperemesis gravidarum -тежок облик на повраќање и мачнини кои што можат да доведат до дехидратација и губиток на тежина.
Во бременоста најчесто се открива преку клинички симптоми (забрзана срцева акција, неможност да качи телесна маса , благ тремор) и хормонски анализи преку крв (ТСХ хормон со многу ниска вредност).
Во тек на бремеонста тироидната функција е потребно да се проверува на секои 6-8 недели. Неопходен е внес на балансирана исхрана и додатоци од пренатални витамини и минерали кои содржат јод за да се примат повеќето нутритиенти кои што се неопходни за тироидното здравје. Дневните потреби од јод во текот на бременоста се околу 150-200 микрограма. Фетусот се снабдува со јод преку исхраната на мајката.
Многу трудници кај кои веќе има дијагностицирано некое од пореметувањата на тироидната жлезда уште пред бременоста се соочуваат со чувство на страв и паника дали воопшто ќе забременат, дали ќе имаат спонтан абортус… Доколку редовно се прават анализи на тироидните хормони и во консултација со специјалист ендокринолог функцијата на тироидната жлезда се регулира адекватно со терапија нема причина за грижа. Во нашата ординација имаме многу успешни приказни за жени кај кои биле дијагностицирани некои од тироидните пореметувања уште пред бременоста како и такви каде сме откриле на старт од бременоста дифункција која е навремено третирана. Уште на првиот ултразвучен преглед кога утврдуваме присуство на срцева акција им назначувам на пациентките покрај рутинската крвна слика и урина да се испита и ТСХ хормонот за да имаме и рана детекција на неоткриени случаи со пореметена функција на тироидна жлезда во бременоста.