Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов” доби нова опрема вредна над 580 илјади евра. Со употреба на опремата и со поддршка на Фондот за здравствено осигурување, им се излегува пресрет на барањата на клиниките и на Академијата, со што од буџетот ќе се покриваат и две нови анализи за пациенти со ретки болести и за молекуларната дијагностика.
Надлежните, по повод презентација на опремата во МАНУ, посочија оти се вложува во развојот на генетското инженерство, молекуларната биологија, но и дека се следат светските трендови.
– Успешна, прогресивна држава се потпира на успесите во науката, зошто држава која инвестира во науката, инвестира во својата иднина и развој. Со буџетска поддршка е помогната набавката на новата опрема за потребите на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов”, вредна над 580 илјади евра – изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски при презентацијата на новата апаратура.
Опремата е во функција и на едукативната дејност во рамки на постдипломски студии, специјализации и докторски студии од областа на молекуларната биологија и генетското инженерство.
– Дополнително, со употреба на опремата и со поддршка на Фондот за здравствено осигурување, излегуваме пресрет на барањата на клиниките и на Академијата, со што од буџетот ќе се покриваат и две нови анализи за пациенти со ретки болести и за молекуларната дијагностика. Она што сакам да го истакнам овде, е дека ги препознаваме вредностите на оваа наша врвна научна установа и сите наши научни институции и затоа преземаме конкретни чекори за финансиска поддршка за нивен развој – посочи премиерот.
Според Ковачевски, за првпат оваа Влада презела пионерски чекори за забрзан развој на научните потенцијали во повеќе области.
– Јас знам дека тоа не е премногу, но сепак се работи за опрема која е од врвно светско производство, над половина милион евра и која придонесува за правење на сеопфатни и исклучително софистицирани генетски и молекуларни анализи што ќе се прават тука во Скопје – рече Ковачевски.
Посочи дека за првпат по 10 години, во 2021 година е спроведен конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи, а спроведен е и конкурс за набавка на опрема за лаборатории, акредитација на лаборатории и за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа, во рамки на кој конкурс е одобрена и опремата чија презентација се одвиваше денеска.
– Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70 проценти е учеството на државата во реализацијата. Во услови на светска економска и енергетска криза, вложуваме во капитални проекти и го овозможуваме непречено развојот на институциите кои се под државна капа. За првпат во повеќе децении, помогнавме со обновување и модернизацијата на опремата со која располага Академијата со цел да ги следи светските трендови, а во изминатиов период ги посетивме и другите научни лаборатории низ државата каде исто така, за првпат по подолг период се вложени сериозни инвестиции – подвлече Ковачевски.
Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека од голема важност за пациентите е можноста за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите.
Академијата за здравствениот сектор, додаде Меџити, помага во рана детекција на болестите, што за лекарите значи можност за побрза реакција во поглед на методите на лекување.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека институцијата за проект за унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика вреден 43 милиони денари, преку Министерството, добила поддршка од 21 милион, односно речиси 50 проценти од вкупната вредност.
– Задоволството е обострано, затоа што после навистина долг период, да речам стагнација на државата во делот на поддршката на научните установи, актуелната Влада одвои околу 240 милиони денари за да им помогне да ги осовременат научно – истражувачките капацитети и со тоа да им се отворат нови можности за развој на дејноста што ја вршат – подвлече Шаќири.
Според раководителот на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“, академик Александар Димовски, се уште малку се вложува во науката.
– Има ветување и добра волја од сите, меѓутоа кога ќе дојде време за вистинско издвојување, секогаш науката е она трето прасе, последно од кое најлесно се зема и се остава како најситен дел за издвојување, а сум длабоко убеден дека без вложување во наука, нема знаење, без знаење нема напред. Се друго е само шлаг на торта без темели – рече Димовски.