Реактивирање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана
Во дискусиите на состаноците меѓу сите страни, за реактивирање на македонскиот лекторат во Тирана било согледано дека прифаќањето на оваа иницијатива е со заемна подготвеност не само за повторно почнување настава по македонски јазик туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што би можело да резултира со брз развој на лекторатот и постепено да се создаваат услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика
По прекин од десетина години, со заеднички заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и македонското друштво „Илинден“ од Тирана, од оваа академска учебна година повторно се активира Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, Албанија. Позитивен одговор на иницијативата т.е. за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик, на МД „Илинден“ од Тирана, неодамна дала деканката на Факултетот за странски јазици од Тирана, Есмералда Кромида.
– По заложбите на МСМЈЛК при УКИМ и остварените дипломатски залагања, остварувањето на иницијативата се засили во мај годинава, кога во Тирана беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира, и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следуваше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги имаше остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор што ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на лекторатот – се наведува во соопштението на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај, обновувањето на лекторатот е од големо значење за Македонците во Албанија и во исто време е корисно за албанското општество да се запознае со македонскиот јазик, литература и култура. Ѓурѓај открива дека до пред десетина години, кога функционирал лекторатот, имало голем интерес за студирање на македонскиот јазик, вообичаено со по 30 студенти годишно. Исто така претседателот на МД „Илинден“ смета дека овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Во дискусиите на состаноците меѓу сите страни, за реактивирање на македонскиот лекторат во Тирана, било согледано дека прифаќањето на оваа иницијатива е со заемна подготвеност не само за повторно почнување настава по македонски јазик туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што би можело да резултира со брз развој на лекторатот и постепено да се создаваат услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика. Ј.П.