Фото: Игор Бансколиев

Мини-анкета кај носителите на образовниот процес за првичните впечатоци од новата „образовна концепција“

Најголемите забелешки од наставниците се зашто не им се аргументирано објаснети причините за измените во наставните програми според новата образовна концепција, ниту, пак, им е претставен целиот концепт на понатамошните реформи што се предвидуваат

Почетокот на новата учебна година од први септември се чини дека само ги направи погласни реакциите на сите учесници во образовниот процес (наставниците, родителите, учениците) од реформите според новата концепција на образованието, која веќе неколку години се спроведува и покрај забелешките и незадоволството артикулирани од нивната практична примена. Дури и за време на летниот распуст, додека беа спроведувани обуките од Бирото за развој на образованието, за одделенските предметни наставници, кои ги преземаат учениците од шесто одделение да се адаптираат за настава според новата концепција, во јавноста беа објавувани сегментарни реакции за неприфатливост на одредени промени. Најголемите забелешки од наставниците се зашто не им се аргументирано објаснети причините за таквите измени во програмите ниту, пак, им е претставен целиот концепт на понатамошните реформи што се предвидуваат.

Можеби како најсеопфатна конструктивна и професионална реакција во која беа изнесени забелешките произлезени од практиката на досегашното спроведување на реформите, но и на она што се предвидува понатаму, беше онаа на Здружението на просветни работници на градот Куманово. По темелна анализа на новата концепција за основно образование, која веќе е дел од одделенската настава во основните училишта, а годинава треба да се имплементира во предметната настава, наставниците од основните училишта во Куманово отворено ѝ се обратија на јавноста за тоа што подразбира новата концепција за основно образование, едногласно изјаснувајќи се против неа.

Во анализата се наведува дека со новата концепција, во наставните планови од VI до IX одделение се исфрлаат наставните предмети: Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, а наместо тие предмети учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети: Природни науки и Историја и општество.

Во рамките на наставната програма по предметот Природни науки се опфатени некои содржини од наведените наставни предмети што се укинуваат. Наставата во една учебна година треба да ја предаваат три наставника, секој од своето научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците и годишната оценка ќе бидат математички просек од трите поединечни оценки.

Предметот Историја и општество, според новата концепција, опфаќа дел од наставни содржини од предметите Историја, Географија и Граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови. Така, во програмата за VI одделение, децата по овој нов предмет ќе учат за старите цивилизации, за ориентација во простор и за закони.

Наставната програма по предметот Македонски јазик за VI одделение предвидува целосно исфрлање на делот историја на јазик и улогата на словенските просветители Св. Кирил и Методиј во создавањето на словенската писменост и првото словенско писмо.

Според новата концепција за основно образование, наместо наставните предмети Информатика и Техничко образование, учениците ќе изучуваат нов наставен предмет – Техничко образование и информатика, со намален број на часови и наставни содржини.

Во средните стручни училишта е намален бројот на часови по англиски јазик од три на два часа седмично, додека во гимназиите се изучува со три часа седмично, со што учениците од средните стручни училишта при полагање на државната матура се во подредена положба од учениците во гимназиите.

Исфрлањето на фундаменталните науки од образованието, за просветните работници од Куманово значи вовед во образование без знаење, способности и вештини неопходни за живот во новиот милениум. Образовен систем без физика, хемија, биологија, географија и историја, поточно систем во кој во два наставни предмета се спојуваат мал дел научни вистини од горенаведените науки, не може да биде силен и не може да произведе квалитет. Тоа го докажуваат нашите ученици, кои по заминување на странските универзитети постигнуваат врвни резултати.
– Исфрлањето на историскиот дел од македонскиот јазик од наставната програма за VI одделение, за просветните работници е недопустливо и недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација, особено ако и самата експертска комисија што учествувала во изградбата на новата концепција дала строги препораки историскиот дел да остане во наставната програма за VI одделение. Кој тоа сам исфрла историја – прашуваат просветните работници од Куманово.

Освен тоа, тие реагираат и на воведувањето сеопфатно сексуално образование од најрана возраст на учениците, предвидено според новата концепција, нагласувајќи дека „училиштето не смее да биде место за промоција на сексот, видови љубов и сѐшто како задача за воспитување му припаѓа на семејството како основна клетка во општеството“.