Наш императив е да го сочуваме Охридското Езеро како непроценлив животен ресурс. Благосостојбата на езерото не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него, порача претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова на денешното одбележување на 90-годишнината од основањето на Хидробиолошки завод во Охрид.
– Мораме да се грижиме и да ги сочуваме нашите природни убавини и реткости. Тие се вечни, тие се наше, но и светско наследство и му припаѓаат на целото човештво, а не само нам. Да склучиме договор со природата, да склучиме договор со Охридското Езеро, а можеби да донесеме закон за Охрид, третирајќи го како надредено над нас, постаро и поважно. Да го заштитиме и чуваме, оти преку него се штитиме себеси. Да вложуваме во екологијата – рече Силјановска-Давкова.
Побара зголемување на буџетот на Хидробиолошкиот завод како институција која има клучната улога во зачувувањето на водените ресурси во државата.
– Хидробиолошкиот завод не е чувар единствено на Охридското Езеро. Тој е посветен и на другите два бисери на македонската водена ризница: Преспанското и Дојранското Езеро. Имаме генерациска обврска да обезбедиме непречено и континуирано функционирање на фундаменталната научно-истражувачка и образовна дејност од областа на биологијата – лимнологијата – подвлече Силјановска-Давкова.
Осврнувајќи се на развојот на Хидробиолошкиот завод, Сиљановска-Давкова посочи дека тој прераснал во реномирана институција која располага со современа лабораториска опрема. Како што посочи, Хидробиолошкиот завод од Охрид претставува првата линија на одбрана во борбата против климатските промени, исчезнувањето на видовите и загадувањето на водите.
– Јавна тајна е дека слатката вода како ресурс е во фокусот на сегашноста, а ќе биде клучна и во иднината. Впрочем, предвидувањата велат дека таа можеби, или веројатно ќе биде извор на идните светски конфликти. Не смееме да замижуваме пред горчливата вистина на сенките понекогаш надвиснати над езерото: неконтролираниот урбанизам, загадувањето, несоодветното управување со отпадните води, смртната опасност по јагулата и нејзиниот попречен, па и оневозможен пат кон Саргасовото море и назад, сечењето на трските и уништувањето на блатото. Сето ова не смееме да не го гледаме. Благосостојбата на езерото не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него и ако не војуваат со него. Ако продолжиме и ако дозволиме да го вознемируваат и уништуваат езерото, ќе посегнеме по суицид – потенцира Силјановска-Давкова.
Според директорката на Хидробиолошкиот завод Орхидеја Тасевска, девет децении постоење не се само бројка, тоа историја на посветеност, труд и научна љубопитност.
– Во 1935 година во времето кога науката за копнените води беше во своите почетоци, токму овде на бреговите на Охридското Езеро се поставија темелите на првиот научно- истражувачки центар од ваков вид на Балканот. Благодарение на визионерството на научникот, академик Синиша Станковиќ започнува една нова ера на систематското проучување на езерото и богата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови – рече Тасевска.
Се осврна на развојот на Хидробиолошкиот завод низ годините, таа оцени дека денес Заводот е модерна научна установа со тим од научни работници кои со својот труд и визија ја надоградуваат работата на генерациите пред нас, организирани во десет одделенија со низа истражувања.
– Заводот има капацитет и компетентност да ги следи состојбите со сите природни и вештачки езера во државата и со тоа да обезбедува стратешки податоци за управување со водните ресурси. Институутот врши и активна заштита на животната средина. Во текот на својот раст и развој оваа установа се соочувала со многу предизвици и потешкотии, но останала столб на лимнолошките истражувања во нашата земја. Хидробиолошкиот завод е симбол на нашата одговорност кон природата, чувар на нашето најголемо богатство и мост што не поврзува со светот. На 90 години од неговото основање нашата мисија продолжува со уште поголема посветеност, со визија за иднината и со вера дека науката и природата мора да одат рака под рака – порача директорката на Заводот.
Државниот советник за наука и иновации при Министерството за образование и наука Светлана Пинева информираше дека оваа година доделени се средства во износ од три милиони денари за продолжување на истражувањата на Охридското Езеро.
– Оваа година издвоен е буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука што е речиси двојно повеќе за разлика од буџетот во 2024 година. На три јавни конкурси распределени се 374 милиони денари за проектно финансирање на јавните научни установи, факултетите, научните институти и МАНУ. Науката и истражувањата, користењето на знаењата и македонскиот памет се единствениот начин на малите држави да се натпреваруваат со светот. Како Институт вие тоа го потврдувате – истакна државниот советник за наука и иновации во Министерството за образование и наука Светлана Пинева.
За градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, Хидробиолошкиот завод е темел на научното проучување на Охридското Езеро и од основањето до денес тој ја носи мисијата да ја чува неговата уникатна флора и фауна и да создава мост меѓу науката и општеството.
Хидробиолошкиот завод Охрид е најстарата македонска научно-истражувачка институција, основана во далечната 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.