И додека македонските власти преземаат низа акции да го задржат статусот на Охридско Езеро како заштитено светско наследство од страна на УНЕСКО, се чини дека соседна Албанија воопшто не се оптоварува каков статус ќе има езерото. Таму со години беснее ловокрадство на пастрмка и друга риба во време кога тоа е најстрого забрането, голем проблем е вливот на отпадни води од албанска страна во езерото, а сега се контаминираат езерските води и со рударски отпад
Климатските промени имаат сојузник во човекот
Македонските природни езера како никогаш досега се наоѓаат на удар на климатските промени, но уште поголем удар задава човечкиот фактор, кој продолжува да се однесува крајно деструктивно и да го уништува она што природата го создавала со милиони години.
Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро директно ги чувствуваат последиците од климатските промени, од година на година губејќи милиони литри вода поради повисоките температури на воздухот, но и поради намалените врнежи од дожд и снег. Факт е дека човекот многу малку може да направи за да ги спречи климатските промени, но може да дејствува во насока да ги заштити езерата од сопствените дејства со кои ги уништува природната флора и фауна.
Македонија сите три најголеми природни езера ги дели со соседните земји Албанија и Грција, така што грижата за езерата мора да биде споделена и сите засегнати земји заеднички да работат на подобрување на состојбите, наместо да ги влошуваат.
Имено, пред неколку децении Грција поради потребите на нејзиното земјоделство без никаква контрола ги испушташе водите на Дојранско Езеро, доведувајќи го на работ на еколошка катастрофа. Тогаш, благодарение на македонската страна, беше најдено решение да се пренасочи водата од изворите во Ѓавато кон езерото, со што колку-толку се спаси ова езеро да не исчезне од светската мапа.
Судбината на Преспанско Езеро е уште позагрижувачка, бидејќи нивото на езерските води е намалено за неколку метри и постојано опаѓа, а сите обиди да се направи нешто за спас на ова езеро завршуваат само со најави за изработка на некакви стратегии без конкретна акција.
Единствено стабилно, ако воопшто може да се употреби ваков термин, сиве овие години беше Охридско Езеро, но и тоа сега се наоѓа пред сериозни предизвици само поради неодговорното дејствување на луѓето.
Потребна е заедничка и координирана меѓудржавна акција
И додека македонските власти преземаат низа акции да го задржат статусот на Охридско Езеро како заштитено светско наследство од страна на УНЕСКО, се чини дека соседна Албанија воопшто не се оптоварува каков статус ќе има езерото.
Таму со години беснее ловокрадство на пастрмка и друга риба во време кога тоа е најстрого забрането, поточно кога се мрести рибата. Уште на почетокот на 90-тите години на минатиот век мистериозно исчезнаа граничните пловки во езерските води, па често се случува рибарите од другата страна на границата да навлезат и во македонски води и да ловат.
Особено голем проблем е вливот на отпадни води од албанска страна во езерото, бидејќи тие не се колекторски третирани, туку се пуштаат слободно да се вливаат во Охридско Езеро. Неодамна екологистите реагираа на уште една деструктивна појава од албанска страна, поточно загадување на езерото со токсични материи од рударски отпад расфрлан на брегот и на околните ридишта во близината на албанскиот град Поградец. Во овој дел на езерото во водата веќе е регистрирано зголемено ниво на токсични материјали, многу повисоко од она што го препорачуваат директивите на Европската Унија.
УНЕСКО пред нешто повеќе од две години направи мониторинг на состојбите и побара од Албанија итно да го премести отпадот, но и да прекине со секакви активности за ископување руда во области каде што може да биде загрозен биодиверзитетот на Охридско Езеро. Засега нема никакви активности околу решавањето на овој проблем, туку само најави дека рударската депонија ќе биде отстранета во некое идно време, без да се прецизира кога би се направило тоа. Проблемот со рударскиот отпад на албанската страна не е од вчера, тој е забележан од поодамна, но загрижувачки е што албанските власти не преземаат ништо за да спречи загадување на Охридско Езеро.
Познавачите на состојбите сметаат дека ако човекот продолжи да се однесува деструктивно кон езерото, тогаш и без климатските промени тоа е осудено на пропаст.
– Практика или случување во светот е олиготрофните езера што се природни, кои имаат голема моќ на самопрочистување, поради оние што не воделе сметка за нив, да стануваат бари, езера без кислород, кои го изгубиле растителниот и животински свет и кои во некое идно време ќе може да се користат само за ловење неквалитетна риба, а да не зборуваме за капење и рекреација. Временски не може да се предвиди кога би се остварило ваквото црно сценарио, но загадувачите што го оптоваруваат Охридско Езеро, и тоа што може да дејствува на езерскиот екосистем, постојат, ги имаме, секојдневно го гледаме тоа, за што постојано алармираме, но гледаме дека тоа не се решава и не се поправа – истакнуваат познавачите на состојбите.
Како и да е, крајно време е надлежните од Македонија, Грција и Албанија да седнат на заедничка маса и со заеднички проекти и со сериозни европски пари да почнат да работат на спас на трите езера што ги споделуваат, во спротивно сите неповратно ќе загубат вистински природни богатства и резервоари на слатка вода, за кои очигледно не се доволно свесни.