На денешното судење за предметот за уривањето на комплексот „Космос” на бизнисменот Фијат Цаноски се сменил адвокат на една од обвинетите во предметот, потврдија од судот.
Станува збор за обвинетата Елизабета Најдовска, на која адвокатот Димитар Дангов ѝ го откажал полномоштвото, па бил назначен нов адвокат од Тетово, Мерџан Даути, кој побарал увид во доказите. Судот тоа го дозволил за утре.
Предметот се суди година и 9 месеци и е пред крај со распит на обвинетите и изнесување завршни зборови. Останува неизвесно дали и колку тоа ќе влијае врз брзината на судењето и донесувањето пресуда за случајот.
Обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски и останатите четворица обвинети Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева, на почетокот на судењето кажаа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување и поради политичка одмазда му урнале дел од објектот на Цаноски, за што тој ја тужи државата во Стразбур.