Од моето 33-годишно работно искуство со илјадници такси-возачи, можам да потврдам дека многу граѓани, особено таксистите, се директни сведоци на многу обиди за насилства, кражби, криминал, разбојништва, непочитување сообраќајни прописи, шверцување итн. Сите граѓани ги споделуваат настаните со пријатели и колеги, а никој ништо не пријавува од причина што не сака да биде вовлечен во полициски и судски постапки, со што ќе се доведе во многу неповолна ситуација, вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје и член во Советот за сообраќај на Град Скопје
Таксистите живи сведоци на светлата и темната страна на животот и на предизвиците од професијата
Такси-професијата е една од оние професии за кои слободно може да се каже дека немаат точно работно време, а тоа се однесува особено на оние таксисти што работат сами за себе. Нив ги има рано наутро по улиците, но и во доцните вечерни часови, кога се чини дека целиот град спие. А токму тој период од едно деноноќие всушност е идеален за насилно, криминално и девијантно однесување, на кое сведочат токму такси-возачите.
Таксистите неми сведоци на голем број девијантни појави, насилства, криминал, разбојништва, грабнувања…
Меѓу народот постои една народна поговорка што не е далеку од вистината: „возач и хигиеничарка знаат сѐ, но молчат“. И во практика можеби тоа е навистина така.
Како што вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје и член во Советот за сообраќај на Град Скопје, таксистите се неми сведоци на голем број девијантни појави, почнувајќи од насилства, криминал, разбојништва, грабнувања, непочитување на сообраќајните прописи, и токму од тие причини, како што вели тој, најдоброто решение се нивните предлози со кои се залагаат за поголема безбедност на граѓаните.
– Како и секогаш, постојано се залагаме за поголема безбедност на граѓаните, дадовме предлози и идеи околу намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж, минимум 1.500 нови вработувања, зголемување на буџетот, но ништо не ни е прифатено – вели тој.
Рајчановски вели дека преку медиумите даваат предлози за заштита, превенција и намалување на насилствата, криминалот, разбојништвата, грабнувањата, непочитувањето на сообраќајните прописи….
– Факт е дека речиси сите учесници во разни злодела, криминал, кражби, разбојништва, грабнувачи, непочитувачи на сообраќајни прописи, исчезнати лица, трговија со луѓе, шверцување мигранти итн., се пренесуваат со возила или како пешаци се директни учесници во сообраќајот и оттука си го земам правото да дискутирам за тоа – вели тој.
Зошто таксистите не пријавуваат криминални поведенија на кои се сведоци?
Рајчановски потенцира дека околу заштитата и превенцијата од горенаведените дејства важно да се направи нешто за да се заштитиме и да ги одвратиме и обесхрабриме сторителите да не се впуштаат во незаконски дејства, бидејќи однапред ќе знаат дека ќе бидат многу брзо откриени и санкционирани.
– Од моето 33-годишно работно искуство со илјадници такси-возачи, можам да потврдам дека многу граѓани, особено таксистите, се директни сведоци на многу обиди за насилства, кражби, криминал, разбојништва, непочитување сообраќајни прописи, шверцување итн. Сите граѓани ги споделуваат настаните со пријатели и колеги, а никој ништо не пријавува од причина што не сака да биде вовлечен во полициски и судски постапки, со што ќе се доведе во многу неповолна ситуација – вели тој.
Претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје вели дека прво треба да се изменат определени закони за да се овозможи задолжително монтирање камери на секоја зграда, училишта, градинки, институции итн. и задолжително во сите регистрирани возила на територијата на Македонија, кои ќе снимаат надвор од возилото и снимките ќе се прифатат како дел од доказен материјал.
– Ова не е ништо ново, ова функционира беспрекорно во некои држави. Камерите снимаат јавна површина (нема нарушување на приватноста), како и оние што сега ги имаме на раскрсници, булевари итн. Таквиот начин на употреба на камерите во возилата им создава сериозен проблем на оние што сакаат да сторат некое незаконско дело, бидејќи се свесни дека многу брзо ќе бидат откриени. Камерите за во возило сега се евтини, иако обично во некои земји ги даваат како донација осигурителните компании, со што трајно си го решаваат проблемот околу штетите на возилата, кои се исплаќаат преку манипулации, наместени сообраќајки, записници итн. – потенцира тој.
Рајчановски додава дека треба да се воведе и различна боја на регистарските таблички за службени државни возила, кое исто така не е ништо ново.
– Тоа пред многу години добро функционираше кај нас, а верувајте ќе придонесе за намалување на злоупотребата и манипулациите со државно-службените возила, за растоварување на сообраќајот и ќе се исклучи нивна замешаност во разни незаконски дејства. Ова е иднината, знаеме кому нема да му се допаѓа, ама треба сите заеднички да извршиме голем притисок за да се прифати вакво нешто, кое е врв за превенција и безбедност на сите граѓани – нагласува тој.