Фото: Маја Јаневска-Илиева

Необичните опасни предизвици привлекуваат многу „лајкови“, популарност и можност видеото да им стане достапно на корисниците на апликацијата низ светот, а доколку родителите им забранат користење на оваа социјална мрежа, според истражувањата, децата ќе бидат исфрлени од друштвото, бидејќи не се во тренд. Токму затоа детето треба да научи како да ја користи апликацијата и да издржи под притисокот на друштвото, одговарајќи на предизвиците, а притоа да не го загрози сопствениот живот заради виртуелна популарност

ОПАСНИ ПРЕДИЗВИЦИ ПЕРМАНЕНТНО ДЕМНАТ НАД МЛАДИТЕ КОРИСНИЦИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Тикток е една од најпопуларните апликации во светот, а и во земјава. Како една од најпопуларните, оваа апликација станува сѐ поопасна за нејзините корисници. Иако првенствено е наменета за креирање и споделување кратки видеа, сѐ почесто се користи за поставување предизвици помеѓу корисниците, кои се бизарни, животозагрозувачки, а ги цели претежно на младите.

Самоубиството е „кул“ на Тикток?!

Социјалната мрежа Тикток врие од опасни и животозагрозувачки предизвици што ги прават тинејџерите. Изминатиот период, голем број родители реагираа за овие активности преку социјалните мрежи, апелирајќи до другите родители добро да ги отворат очите и сериозно да поразговараат со своите деца, кои, пак, за да бидат дел од групата, подготвени се да направат буквално сѐ.
Не е првпат родители да реагираат за објавите на оваа социјална мрежа. Изминатите години бевме сведоци на голем број предизвици што претставуваа ризик за тинејџерите, кои се нејзини најголеми корисници. Најопасно е кога меѓу младите се шири предизвик што може да ги однесе директно во смрт.
Еден од најновите предизвици за тинејџерите, иако не последен, кој за да бидат „кул“ треба да го направат и да го објават на својот тикток-профил е легнување на прометна улица. Поентата на предизвикот е да се издржи повеќе и покрај возилата што сообраќаат.
Родителите велат дека не знаат како да постапат, па честопати се консултираат со стручни лица, бидејќи не сакаат да направат штета за нивното дете.
– Човек веќе не знае што да направи побргу. Доста често забранувам мобилен телефон, бришам апликации, зборувам, но син ми ми вели дека сите имаат Тикток и сите се снимаат. Моето дете нема објавувани видеа, не прави предизвици, меѓутоа јас лично се плашам да не потпадне под влијание. Знаете како е она, стадото оди секаде заедно – вели Мирана Христовска, мајка на 13-годишен тинејџер од Скопје.
Таа вели дека доста често разговарала со психолог, кој, пак, ѝ дал совет да не го отсекува од трендот, но будно да го следи, користејќи ги апликациите за следење на активностите на детето.
За жал, овој предизвик не е последен. Изминатиот месец и странските медиуми пишуваа за опасни предизвици. Годинава сѐ уште е актуелен ланскиот блекаут-предизвик, во кој, тој што го прави, треба да го задржи здивот и да издржи така, односно да не зема воздух сѐ додека не се онесвести. Овој тренд беше причина за смрт на голем број тинејџери, па родителите на некои од нив дури и поведоа судски постапки против Тикток, а дополнително работат на издигање на свеста кај родителите. Јавноста исто така беше потресена од друг предизвик во кој младите требаше буквално да се обесат и да се обидат да издржат. Поради овој предизвик, десетгодишната Нила Андерсон од САД почина во обид да го направи и да се снима.
Во Македонија лани малолетници сквернавеа гробови во Ресен, па видеата ги објавуваа на оваа социјална мрежа. Трите малолетни лица, две на 14 и едно на 16-годишна возраст, поради овој предизвик завршија во полиција со нивните родители.

ОГРОМЕН ПРИТИСОК ЗА ДЕЦАТА

Необичните предизвици носат многу „лајкови“, популарност и можност видеото да им стане достапно на корисниците на апликацијата низ светот, а доколку родителите им забранат користење на оваа социјална мрежа, според истражувањата, децата ќе бидат исфрлени од друштвото, бидејќи не се во тренд.
Токму затоа детето треба да научи како да ја користи апликацијата и да издржи под притисокот на друштвото, одговарајќи на предизвиците, а притоа да не го загрози сопствениот живот заради виртуелна популарност.
Освен што се согласуваат на бизарни предизвици, најчести корисници на оваа апликација се децата, поради што предаторите на многу едноставен начин можат да дојдат до нивните податоци.
Според познавачите на проблематиката, тешко е да се утврди колку деца и млади во светот ја користат оваа апликација, но сигурно бројот е голем, со оглед на тоа што популарноста на апликацијата расте секојдневно, бидејќи таа е преземена повеќе од една милијарда пати.
Неколку светски интернет-страници укажаа на штетноста од апликацијата дури откако се случија голем број незгоди, вклучувајќи и едно дете што падна во кома по повреда на главата. Дотогаш никој не водеше сметка за тоа што децата, тинејџерите и младите прават и гледаат на Тикток.
Во Америка еден од предизвиците што кружеа на оваа апликација, до тој степен избега од контрола на полицијата, што таа во соопштение потенцира дека понатамошното правење на предизвикот ќе се санкционира со казни, па дури и со апсење. Затоа е важно да се издигне свеста кај децата и другите корисници на оваа апликација дека таа е многу штетна.


Тренд: Класично изживување врз мали деца

Во трката да бидат дел од шемата, и родителите наседнуваат на многубројните ризични тикток-трендови. На оваа социјална мрежа неодамна можеше да се види бизарен тренд, во кој родителот на мобилниот телефон вклучува одреден филтер и потоа излегува страшно чудовиште на екранот. За тоа време, тие ги оставаат своите мали деца на возраст од две години и нагоре, ги затвораат во соба и ги снимаат нивните реакции, по што ги објавуваат.
Кога чудовиштето ќе излезе на екранот, децата врескаат, плачат, се обидуваат да ја отворат вратата, но нивните родители ги држат затворени и се смеат зад нив.
Реакциите на овие предизвици беа поделени, а најчесто гледачите ги осудуваа овие видеа.
„Пет минути смеа, десет години терапија за детето“, напиша еден тиктокер под видеото на родителите.


И МВР предупредуваше на штетноста од Тикток

Во март минатата година, во рамките за спречување на младите да направат самоубиствен предизвик на Тикток“ Министерството за внатрешни работи предупреди дека од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа Тикток во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување малолетни лица.
МВР апелираше до граѓаните, особено родителите, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи.
– Според досегашните сознанија, вакви повици нема од профили на наша територија, ниту од околните држави, но апелираме на будност и надзор за да се избегнат какви било несакани случувања – беше наведено во соопштението.

[email protected]