Фото: Принтскрин

Неодамна венецуелските власти испратија 11 илјади војници за да ја повратат контролата над еден од најголемите затвори во земјата, кој долго време беше во рацете на криминална организација. Имено, затворот „Токорон“, кој се наоѓа на северот на Венецуела, со години беше под опсада од членовите на криминалната организација „Трен де Арагва“. Во затворот, кој бил како хотел, затворениците можеле слободно да се движат, а во него имало ноќен клуб, зоолошка градина и многу базени. Властите соопштија дека шест илјади затвореници ќе бидат преместени во други затвори

Приказна за аналите на рубриката „црна хроника“: Казнено-поправна институција како хотел, со базени, ноќни
клубови, дури и со зоолошка градина

Венецуелските власти испратија 11 илјади војници за да ја повратат контролата над еден од најголемите затвори во земјата, кој долго време беше во рацете на криминалната организација „Трен де Арагва“. Повторното заземање на затворот „Токорон“, на северот на Венецуела, од страна на властите во државата, беше сериозен удар за криминалната организација, но не е јасно дали тоа е крајот на мегабандата што од овој венецуелски затвор ги прошири своите активности во Колумбија, Бразил, Перу, Еквадор, Боливија, Чиле, а можеби дури и во Соединетите Американски Држави

НЕОСУДЕНИ ЖИВЕЕЛЕ СО СВОИТЕ ОСУДЕНИ РОДНИНИ

За да се добие комплетната слика, треба да се знае дека многу од луѓето што не биле затвореници живееле внатре со своите осудени роднини. Откако властите објавија дека ќе бидат преместени, многумина од нив плачеа затоа што не знаеја каде ќе бидат однесени нивните роднини.
Венецуелскиот министер за внатрешни работи се пофали со враќањето на контролата над затворот, со што конечно е затворен центарот на криминалот. Министерот истакна дека операцијата била целосно успешна и додаде дека полицијата уапсила високорангирани членови на бандата.
Иако не е вообичаено криминални организации да управуваат со затвори, „Токорон“ беше единствен и стана симбол на неможноста на венецуелската влада да ја поврати контролата.
Хектор Гереро Флорес, предводник на бандата „Трен де Арагва“, во затворот отслужувал 17-годишна казна, поради убиство и трговија со дрога. Но тој бил толку моќен што, наводно, излегувал и влегувал во затворот слободно и пред да стане негов жител. „Трен де Арагва“ е криминална организација што ја проширила својата криминална дејност во Колумбија, Еквадор, Перу и Аргентина, а се закануваше и полека да ги освојува САД.

ЛУКСУЗНА НАСЕЛБА

Рацијата што венецуелската полиција ја направи во затворот целосно го умртви градот Токорон, кој пред полициската интервенција живееше со затворениците. Градот, според сведоштвата, сега е мртов.
Пред самиот затвор имало поставено киосци на кои посетителите можеле да ги полнат своите телефони, за што морале да платат по еден долар. Сега, венецуелските власти ги рушат изградените објекти од страна на криминалната банда.
Затворот од неговите жители бил нарекуван „големата куќа“. Изграден е во 1982 година, во градот Токорон, кој се наоѓа на околу 140 километри југозападно од главниот град на Венецуела, Каракас.
Неговата површина од 2,25 квадратни километри имала капацитет да собере 750 затвореници, но на крајот во него биле сместени повеќе од 7.000 во текот на годините кога бандата „Трен де Арагва“ растела и зајакнувала, помеѓу 2015 и 2018 година.
Според новинарот на „Би-би-си“, кој бил во обиколка на затворот, тој не наликувал на казнено-поправна институција, туку на вистински забавен парк.
Базени, зоолошка градина, спортски игралишта, мали куќички со лимени покриви, ресторани, бејзбол-стадион, јама за борба со петли, аптеки, мотори и огнено оружје биле само мал дел од убавините во кои уживале затворениците.
Затворот наликувал на мал град, со сопствена голема електроцентрала што се активирала при прекини на струја, кои се вообичаени во Венецуела. Затворот дури имал и свој тим техничари, кои исто така биле затвореници, униформирани во фармерки и шарени маици, кои биле задолжени за одржување и следење на снабдувањето со електрична енергија во затворот. Тие толку добро си ја знаеле работата, што заминувале на работа на итни случаи со дефекти во околните градови.
Лидер на затворот бил Ел Нињо Гереро, кој наедно е и водач на криминалната организација. Токму тој е и иницијаторот за оваа преродба на затворот во забавен парк. Ел Нињо Гереро бил опседнат да го претвори „Токорон“ во луксузна населба, а тоа лесно се заклучува по бројот на згради и рекреативни објекти во самиот затвор. Тој изрично барал да се почитуваат редот и безбедноста во затворот.
Сите затворски павилјони биле чувани од вооружени мажи со автомати „АР-15“ или „АК-103“, пушки или пиштоли со калибар од девет милиметри. И тие биле затвореници во затворот, а биле нарекувани со затворски сленг „гаритерос“.
Зоолошката градина била опкружена со голема планина со бујна вегетација. Имала двајца чувари, исто така затвореници, кои биле задолжени да се грижат за животните. Птиците, мајмуните, ноевите, мачките, кокошките, коњите, свињите и говедата се чувале во кафези или на места совршено приспособени за секој вид. Имале дури и мали натписи или знаци, кои ги опишувале карактеристиките на секој од нив.
Во истата област се наоѓала јамата, импресивна бетонска конструкција каде што затворениците можеле да се обложуваат на борби со петли.
Зад следната врата имало бејзбол-стадион со вештачка трева што била реконструирана од самиот лидер.

Почетокот на крајот на „Токорон“

Двајца мажи вооружени со пиштол и сачмарка го обезбедувале лидерот на затворот, Ел Нињо, а на секои 100 метри имало поставено вооружени луѓе, покрај оние што се движеле наоколу со моќни мотоцикли.
Имало и места за обложување на коњски трки, а највпечатливи биле продавниците посветени исклучиво на продажба на дрога, од многу силен вид марихуаната, преку кокаин до синтетички супстанции.
Ноќниот клуб наликувал на оние во Токио, а од властите добиле наредба да станат подискретни бидејќи го привлекувале вниманието кај јавноста.
Затворениците исто така станале забележани по фејсбук-измами со продажба на возила што се воделе од затворот преку рекламна страница.

Затворот добил и име „затвор за богаташи“

Сепак, во него си имало хиерархија и не секој бил богат. Оној што имал да плати си добивал убав третман, но оние што немале пари, биле нарекувани „овци“ и биле најниската скала од општествената хиерархија во затворот. Биле принудени да носат карирани кошули со долги ракави или во риги со вратоврска.
Тие што не ги слушале водачот и неговите наредби биле казнувани со тоа што не им бил дозволен пристап до рестораните, базените и ноќните клубови.
Многу од овие луѓе биле изгладнети и се движеле како зомби.
– Ова е за милионери. Овој затвор е за милионери. Овде сѐ зависи од парите – тврдат новинарите што биле на посета.
Сите затвореници требало да плаќаат 15 долари неделно за „нешто“ (сумата што затворската популација му ја плаќа на водачот за некој да остане во затвор без да биде тепан).
Цените за другите „услуги“ варирале: 20 долари за изнајмување индивидуален простор за спиење од два на два метри, 30 долари за нивните партнери да останат за викенд, меѓу другото.
Во него имало и продавници што на излозите ги рекламирале „Гучи“ или „Најки“, што дава добар увид во количеството пари што циркулирало во затворот.
Домовите на самите водачи биле во област во која можеле да влезат само луѓе блиски до лидерите на затворот. Во нивните куќи имало и скари и базени, кои ги користеле само водачите.
Заземањето на затворот беше сериозен удар за криминалната организација, но не е јасно дали тоа е крајот на мегабандата што од овој венецуелски затвор ги прошири своите активности во Колумбија, Бразил, Перу, Еквадор, Боливија, Чиле, а можеби дури и во Соединетите Американски Држави.

[email protected]