Според експертите, меѓу најчестите причини поради кои обични луѓе пројавуваат криминална волја да шверцуваат дрога се нивната социјална загрозеност, беспарицата и финансиската безизлезност со која се соочуваат. Дополнителен мотив им е притисокот што го создаваат сѐ понискиот социјален статус на нивните семејства, финансиските обврски, секојдневните трошоци и кредитите со кои обичниот човек претходно се обидел да ги амортизира финансиските долгови. Токму тоа го користат инвентивните шверцери на наркотици, кои се надеваат дека обичните луѓе нема да бидат откриени од страна на полициските власти, бидејќи тие досега никогаш не биле регистрирани од полициските органи
Илегалната трговија со дрога во пораст во регионов
На почетокот на месецов, македонската полиција успешно пресече меѓународен транспорт на наркотични дроги. Во акцијата беа запленети околу 67 килограми марихуана, со проценета вредност од околу 250 илјади евра. Дрогата била во специјален бункер направен во подот на возилото, како и во подот од багажниот простор. Специјален простор за складирање и криење на дрогата бил направен и во резервоарот. Во сите тие „скришни“ места, четириесет и шестгодишниот шверцер сакал да шверцува дури 67 килограми марихуана, спакувана во повеќе пакувања.
Сето тоа покажува на огромните инвентивни идеи што ги имаат лицата што сакаат да заработат од шверц на дрога. На разните креативни идеи за шверц им нема крај. Изминатите неколку дена и Хрватска успешно фати маж што во себе пренесувал дрога, а беше пронајдена дрога и во прекривки за маса. Македонската полиција, пак, речиси секојдневно запленува поголеми количества марихуана и други опијати.
РЕГИОНОВ СЕ БОРИ СО ШВЕРЦЕРИТЕ
Како што укажуваат безбедносните експерти, според нивното искуство, меѓу најчестите причини поради кои обични луѓе се пријавуваат да шверцуваат дрога спаѓа беспарицата со која се справуваат тие и нивните семејства. Во последниот случај во кој македонската полиција реализира заплена на 67 килограми марихуана, скопјанецот одлучил да си ја проба среќата како превозник за паричен надомест од 2.500 евра. Тој требал да ја пренесе дрогата од Албанија, преку земјава, до Турција.
Чести се ваквите случаи во кои поединци за пари се нафаќаат да бидат фатени и обвинети за шверц на дрога.
Неодамна, хрватската полиција, на загрепскиот аеродром, успешно фати човек, во светот на шверцот познат како човек мазга, кој проголтал 117 капсули кокаин.
Уште на самиот почеток на неговото патување од Лисабон до Загреб, Бразилецот им би сомнителен за шверц, па полицијата го следела неговото патување. Кога пристигнал на аеродромот, тој веднаш бил преземен од страна на полицијата на детално испитување. Во тоалетната школка, уште за време на летот, тој се испразнил, при што исфрлил 24 капсули полни кокаин, а при прегледот, во специјална тоалетна школка наменета за вакви случаи, се „олеснил“ уште за 31 капсула. Сите биле со тежина од 310 грама.
Со оглед на тоа што не знаела уште колку капсули носи лицето во себе, полицијата го однела на преглед, бидејќи доколку пукне само една од тие капсули, постои голема веројатност животот да му биде во опасност.
При прегледот на абдоминалните рендген-снимки било констатирано дека тој имал голем број туѓи тела во дигестивниот тракт. Сомнежите на полицијата се оправдале, бидејќи забележале дека, покрај 55-те веќе исфрлени, тој носел уште 62 капсули со кокаин.
Изминатите денови, повторно во Хрватска, полицијата успешно фати прекривки за маса натопени во раствор од кокаин. Како што информираа тамошните власти, две лица, маж и жена, успеале на територијата на Колумбија да купат поголемо количество кокаин, кој потоа бил стопен во форма на раствор од кокаин, во кој биле натопени ленени прекривки за маса. Вака скриената дрога во две пратки преку редовна курирска служба била прошверцувана на територијата на Република Хрватска, по што 43-годишниот маж ја подигнал минатата недела.
Полициските службеници направиле претрес на пакувањата прекривки, при што биле пронајдени 26 парчиња.
СОСТОЈБА НЕ Е ПОДОБРА НИТУ ВО ЗЕМЈАВА
На крајот на минатиот месец, во Струга, полицијата уапси маж што бил осомничен дека бил координатор на меѓународна организирана криминална група што дејствувала главно на територијата на Австралија.
Тој имал и македонско и австралиско државјанство, а бил уапсен како резултат на соработка помеѓу македонската и австралиската федерална полиција, по едногодишна истрага.
Тој бил координатор на меѓународна организирана криминална група што дејствувала главно на територијата на Австралија и договарала зделки со дрога, користејќи софистициран начин на комуникација преку шифрирани телефонски уреди.
Во текот на оваа меѓународна акција, во Австралија биле уапсени 13 лица што биле членови на криминални групи поврзани со групата координирана од него, при што било откриено поголемо количество наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари. При претресите, покрај дрогата, запленета е и поголема сума пари.
Основното јавно обвинителство во Велес, исто така на крајот на минатиот месец, донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 од Кривичниот законик.
На 29 октомври, 30-годишна жена, неовластено, заради продажба, држела наркотична дрога марихуана во количество од 978,6 грама и хероин во количество од 0,31 грам. На тоа со умисла ја поттикнал второосомничениот, нејзиниот сопруг, кој се наоѓал на издржување казна затвор, а за да ја набави дрогата ѝ помогнал третоосомничениот, ставајќи ѝ на располагање средства за извршување на кривичното дело.
Сопругот телефонски ја известил осомничената дека треба да оди во Скопје и да ја преземе дрогата оттаму, која потоа требало да му ја предаде нему во затворот. Таа го ангажирала третоосомничениот со неговото такси-возило да ја превезе. Во близината на Катланово, оштетената излегла од такси-возилото, па ја купила дрогата од непознато лице, за сума од 1.800 евра, и се вратила во возилото, каде што му кажала на третоосомничениот дека ја набавила дрогата. Со автомобилот се упатиле кон Велес, но на наплатната станица „Сопот“ полициски службеници од СВР-Велес извршиле контрола, при што ја пронашле и ја одзеле дрогата.