Рестрикциите на уличното осветлување го зголемија бројот на кражби во вечерните часови
До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број поплаки од страна на загрижени граѓани што или биле жртва на кражба или имаат соседи што биле ограбени, а сето тоа се случило поради редуцираното осветлување на скопските улици. Велат дека се исплашени и за сопствената безбедност, бидејќи во такви услови тие се лесна цел за крадците, кои за да остварат некаква заработка не избираат средства и методи. Очигледно, некои наши сограѓани на најлош можен начин ја злоупотребуваат новонастанатата ситуација, предизвикана од недостигот од електрична енергија што наметнува рестрикции
Рестрикциите, кои веќе почнаа да се спроведуваат на уличното осветлување, предизвикаа проблеми за скопјани, кои им причинуваат дополнителни главоболки. Станува збор за зголемување на бројот на кражбите во вечерните часови, главно по дворовите и влезовите на станбените згради, како резултат на редуцираното улично осветление. Факт е дека крадците немаат страв и срам, па „оперираат“ во секој период од денот, меѓутоа, исто така неоспорен факт е дека темнината отсекогаш им била поатрактивна, првенствено поради тоа што видливоста е значително помала, а наедно и поради помалата фреквенција на минувачи, кои би можеле да бидат непријатни сведоци или дури и да се обидат да го спречат делото.
ГОЛЕМ БРОЈ ПОПЛАКИ
Во населбите низ Скопје веќе некое време поради енергетската криза и препораките на Владата во сила се рестрикциите на уличното осветлување, поради што свети секоја втора светилка, а некои се и со намалена моќност. Ваквата ситуација добро им дојде на крадците, чија омилена цел се дворовите, семејните куќи, но и влезовите на зградите. Очигледно, некои наши сограѓани на најлош можен начин ја злоупотребуваат новонастанатата ситуација, предизвикана од недостигот од електрична енергија што наметнува рестрикции.
До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број поплаки од страна на загрижени граѓани што или биле жртва на кражба или имаат соседи што биле ограбени и сето тоа поради намаленото осветлување на скопските улици.
Велат дека се исплашени и за сопствената безбедност, бидејќи во такви услови тие се лесна цел за крадците, кои за да остварат некаква заработка не избираат средства и методи.
– Живеам во Карпош, во делот со индивидуални живеалишта. Кај нас веќе неколку месеци во сила се рестрикциите, кои, секако, и ние граѓаните ги поддржувавме, бидејќи важно е секој денар да се штеди. Меѓутоа, изминатиот период, заедно со соседите евидентираме зголемен број на кражби од нашите дворови, бидејќи осветлувањето е значително намалено. На многумина им беа украдени велосипеди, ролерки, електрични тротинети, алати и што ли уште не. Бараме да бидеме заштитени. Ние не сме против штедењето и рестрикциите, меѓутоа некое решение мора да се изнајде за да се спречат ваквите појави – вели Славица Милошевска, жителка на Карпош.
И другите поплаки се со слична содржина. Граѓаните велат дека забележуваат многу нови и сомнителни лица, кои бесцелно се движат во околината, а за кои и да сакаат немаат основа да ги пријават, бидејќи не ги „фатиле на дело“.
ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ 13 КРАЖБИ
Од Министерството за внатрешни работи велат дека на подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Скопје, од први до 15 септември, евидентирани се 13 кривични дела кражба од двор.
– Од нив осум кривични дела се гонат по службена должност и пет кривични дела се гонат по приватна тужба. Од нив пет кривични дела се извршени во ноќните часови – информираа од МВР.
Во вакви (не)времиња, кога сите се обидуваме на некој начин да заштедиме и да дадеме свој придонес во намалување на кризата, важно е граѓаните да ја зголемат сигурноста и безбедноста на сопствените домови.
Дали тоа ќе биде набавка на домашно милениче или, пак, поставување аларм-системи или, пак, поставување безбедносни камери и заклучување на дворовите, сите тие мерки можат да помогнат во намалување на кражбите.
Надлежните укажуваат дека е особено важно на некој начин да се обезбедат домовите, бидејќи ни претстои долга зима, кога денот ќе завршува веќе во 16 часот, а потоа видливоста значително ќе се намали.