Тунелот ископан од криминалци што беше откриен во Подгорица / Фото: ЕПА

Бегство од затвор преку ископан тунел од страна на затворениците веднаш асоцира на филмот „Бегството од Алкатраз“, во кој Клинт Иствуд ја има главната улога на затвореник, кој рачно, со лажица и други предмети, секојдневно копа тунел за да излезе од затворот, а потоа со импровизиран чамец бега од злогласниот остров. Или, пак, тоа нѐ потсетува на уште попопуларниот филм снимен во 1994 година, „Бегство од Шошенк“, кој корисниците на најголемата интернет-база на филмови ИМДБ (Интернет муви датабаза) во 2021 година го избраа за најдобар филм на сите времиња: за затворениот банкар, кој во текот на бегството од затворот ползи низ канализациска цевка полна со отпадни води и поминува околу 500 метри, но успева да излезе на другиот крај… Но филмовите не се нереалност, тие се инспирирани од вистински животни приказни и настани…

ПРОКОПУВАЊЕ НА ТУНЕЛИТЕ ЗА БЕГСТВО
– ИСТОРИСКИ ПРЕДИЗВИК ЗА ОСУДЕНИЦИТЕ

И додека сите ние уживаме во крими-филмови и не веруваме дека воопшто на Балканот и во Македонија може да се случи такво нешто, во јавноста како бомба одекна веста дека во Црна Гора бил откриен тунел преку кој една криминална група се поврзала до судското депо. Ова не е единствен случај. Не толку одамна ваква вест одекна и во Македонија, кога беше откриен тунел во „Идризово“, преку кој затвореници со долги и доживотни пресуди планирале да избегаат на слобода токму на овој начин.
Бегството преку тунел во криминологијата се карактеризира како смел, инвентивен и импресивен пат за бегство од страна на оние што се обидуваат да ги избегнат затворските ќелии. Сепак, неколку затворски бегства со помош на ископани тунели оставија свој печат во криминалистичката историја.

ОТКРИЕН ПОРАДИ СИЛЕН ВЕТЕР

Филмска приказна во Црна Гора. Провев ѝ помогна на црногорската полиција да открие тунел, кој од изнајмен стан лоциран на улицата Његошева водел до депото на Вишиот подгорички суд. Откривањето отвори многу прашања – дали станува збор за бегство или кражба. Но откако почна истрагата сѐ се разјасни. Во депото на судот имало девет тони дрога, 400 парчиња оружје, муниција, експлозиви и досиеја.
Ископаниот тунел бил откриен сосема случајно. Една од вработените во судот за време на паузата што ја користела со својата колешка ѝ рекла дека многу силно дувал клима-уредот во просторијата, на што нејзината колешка ѝ рекла дека климата воопшто не е вклучена. Пријавувањето во соодветните служби, всушност, помогнало да се открие дека до депото има ископано тунел.
Дел од црногорските медиуми, пак, јавуваат и дека тунелот бил откриен сосема случајно, при попис на материјалите во депото, по истрага на полицијата и обвинителството поради сомневање дека магацинот бил ограбен.
Иако Подгорица е поврзана со подземни тунели, за да стигнат до просториите на судот, сторителите на овој невиден обид за упад, морале да ископаат и да пробијат ѕидови со дебелина од 70 до 80 сантиметри.
Станот од кој е ископан тунелот бил изнајмен пред два месеца. Медиумите јавуваат дека сопственикот на тој стан е уапсен, но дека се трага по лицата што го користеле. Станот се наоѓа на улицата Његошева спроти зградата на Вишиот суд.

КАКО ВО ХОЛИВУДСКО СЦЕНАРИО

Црногорските експерти велат дека откривањето таков тунел под судската зграда изгледа како сценарио за холивудски филм.
– Ваков потфат бара организација, работна сила, сериозна технологија и огромни финансиски средства – изјави архитектот Џенан Колиќ за РТЦГ.
Тој посочи дека изградбата на тунелот подразбира планирање и добро познавање на зградата на судот и неговата околина.
– Кога почнуваш со ископ ти требаат координати, да речеме дека почнуваш да копаш, а немаш координати, лесно можеш да завршиш на плоштадот наместо на саканото место. Оваа група направи совршена работа. Секоја машина што се користи при ископ пренесува вибрации и тие вибрации би ги почувствувале сите вработени – додаде Колиќ.
Во истрагата за овој несекојдневен случај се вклучени сите надлежни служби, а тунелот е главна тема на седницата на Бирото за оперативна координација на Секторот за разузнавачка безбедност.

ОД ДЕПОТО НИШТО НЕ Е УКРАДЕНО

По објавувањето на веста, како бомба почнаа да се шират разни информации, а најголемиот дел се однесуваа на тоа дека од депото исчезнале документи што биле клучни за работата на судот на одредени случаи.
Според претседателот на Вишиот суд, Борис Савиќ, од депото ништо не недостига, само било забележано дека криминалците пребарувале по документите.
– Се сомневаме дека цел бил лесниот пристап до судот и до притворската соба, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на просторијата за притвор – рече Савиќ.
Нагласи дека ништо не недостига и оти направиле попис.
– Најдовме преместени предмети во депото. Направен е попис, речиси ништо не недостига, тоа го увидовме. Утврдено е дека предметите биле претресени. Не се точни информациите дека нешто е украдено – изјави Савиќ.
Сепак шефот на црногорската полициска управа, Никола Терзиќ, истакна дека не верува дека некој би копал толкав тунел за да не земе ништо.
– За разлика од претседателот на Вишиот суд, кој најави дека речиси и да нема докази од депото, мислам дека никој не вложил толку труд и труд за рекреација, иако би сакал тој да е во право, а јас да грешам. Се плашам дека вистината ќе биде поинаква – изјави Терзиќ.
Тој рече дека полицијата прави сѐ за да го расветли овој случај.
– Овој случај покажува дека луѓето од другата страна на законот не мируваат. Сепак, нека бидат сигурни дека и ние не мируваме и дека наскоро ќе ги изведеме пред лицето на правдата – изјави Терзиќ.

ПОВЕЌЕ ОД ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ СЕ КОПАЛ ТУНЕЛ ВО „ИДРИЗОВО“

Холивудско сценарио во најголемиот затвор во земјава, „Идризово“, неодамна беше главна тема во македонските, но и во балканските медиуми. Затвореници што одлежувале долги и доживотни затворски казни, четири месеци копале тунел, кој бил доста добро опремен. Имал потпорни греди и добро осветлување.
Сето тоа го забележале градежни работници што работеле на уривање стари објекти во затворот. При уривањето на објектите и ископите, тие пронашле подземен недовршен тунел во должина од педесетина метри, на потегот од објектите што се уриваат, кон оградниот ѕид на затворот.
Откако тунелот беше откриен, надлежните започнаа со истрага за да се утврди фактичката состојба до целосното расчистување на случајот.
Управата за извршување санкции, во координација со КПД „Идризово“ и безбедносните органи, врз основа на собрани информации што индицирале дека осудени лица преземаат недозволени активности со кои би се создале услови за организирано бегство од установата, го подигнала степенот на безбедноста во затворот, со цел да се дојде до подетални информации и да се провери нивната веродостојност. Како резултат на тие активности, било пронајдено место од каде што затворениците би можеле да избегаат и на тие локации било зголемено обезбедувањето.
Тунелот почнувал од локација на која затворениците шетале, па токму затоа постои и основано сомнение дека припадници на затворската полиција знаеле за тоа. Но тој дел засега не е потврден.

ЕЛ ЧАПО И ВАЛКАНИТЕ АЛИШТА

Познатиот Ел Чапо, чие вистинско име е Хоакин Гузман, е главниот виновник за тоа што мексиканско-американската граница е како сирење со дупки – преполна со тунели под земјата. Во доцните 1980-ти, Ел Чапо ангажирал архитект за да конструира мал премин, со должина од околу 60 метри, од куќата на адвокатот во Аква Приета во северозападната држава Сонора до куќата во сопственост на картелот во Даглас, Аризона.
Откако бил ископан тој тунел, Ел Чапо ги известил соработниците дека може да испратат колку сакаат дрога преку него. Картелот инвестирал многу во десетици подземни тунели, кои имале дури и осветлување, моторизирани возила и системи за вентилација. Сите тунели ја поминувале американската граница. Граничната полиција постојано работи на бетонирање на овие тунели, но постојано се ископуваат нови.
Но можеби неговото најкомплетно бегство од тунел се случи во 2015 година, кога тој користел тунел долг околу километар и половина за да излезе од затворот „Алтиплано“ во близината на Мексико Сити. Отворот за бегство започнувал под тушот во неговата ќелија и завршувал многу подалеку од затворските ѕидови. Звуците на удари со чекан и конструкција биле „покривани“ со гласен телевизор, додека одредени чувари замижувале пред бучавата. Ел Чапо на крајот повторно беше фатен и екстрадиран во САД, каде што моментално отслужува доживотна затворска казна.

КАЗАНОВА Е ПРВИОТ ЗАТВОРСКИ БЕГАЛЕЦ ПРЕКУ ТУНЕЛ

Бегството од затвор со помош на тунел воопшто не е новитет во затворските документи. Историските документи откриваат дека овој начин на бегство можеби прв го реализирал лукавиот бонвиван Казанова, попознат по неговите многубројни љубовни авантури, за кого е забележано дека честопати не го почитувал законот.
Во 1756 година, тој се нашол во озлогласениот затвор во Венеција за кривичното дело „јавно навредување против светата религија“. Направил нож од закопано парче метал и почнал да прави тунел. Несреќна околност се случила кога тој бил преместен во друга ќелија, а во неговата бил затворен монахот отец Балби. Благодарение на своите извонредни вештини на убедување, успеал да го убеди отецот да го продолжи копањето. Благодарение на тоа што го убедил, двајцата успешно избегале.
Понатаму, за време на Американската граѓанска војна, полковникот Томас Роуз бил заробен војник на Унијата, кој бил држен заедно со 1.200 други во магацин во Вирџинија. Користејќи само џебен нож и неколку фрлени парчиња дрво, Роуз започнал со копање, на крајот конструирајќи тунел од 15 метри, кој започнувал во импровизираната визба на затворот и водел до празна барака. Дополнително, неколку дена по своето прво бегство, Роуз се вратил на местото на злосторството и им помогнал уште на неколку мажи да побегнат низ неоткриениот премин. Речиси 100 мажи го искористиле тунелот во својата потрага по слободата.

Трите тунели „Том“, „Дик“ и „Хари“

Едно од најпознатите бегства од затвор преку тунел треба да биде она што ги вклучува сојузничките војници од Втората светска војна, држени во озлогласениот логор „Сталаг Луфт III“, за кој се смета дека е отпорен на бегство. Тоа не го одвратило Роџер Бушел, кој смислил детален план што вклучува три тунели, кои ги нарекол „Том“, „Дик“ и „Хари“ и кои биле опремени со светло и вентилација, па дури и примитивен систем на патека. Алатите биле направени од лимени конзерви, а нечистотијата се складирала во панталоните на затворениците, а потоа се расфрлала низ логорот за време на периодите на вежбање.
На 24 март 1944 година, 76 мажи се обиделе да избегаат преку тунелот „Хари“. Само тројца успеале да стигнат до слободата, другите повторно биле заробени и погубени или испратени во концентрациони логори. Нивната приказна за храброст и иновација го инспирира познатиот филм „Големото бегство“, во кој глуми Стив Меквин.

Има и тунели на надеж и спасение не само на бегство и криминал

Не сите тунели се користат за злосторнички или недозволени цели. Тие исто така можат да понудат надеж и спасение. Рударската несреќа во Копиапо во Чиле во 2010 година, која зароби 33 рудари на 700 метри под земја, беше трансформирана во спектакуларен спасувачки напор. Рударите останаа под земја кога се затрупа главниот пристапен тунел во рудникот „Сан Хозе“ во Копиапо, на околу 725 километри северно од главниот град Сантијаго. Откако беше утврдено дека мажите се безбедни и релативно здрави, беа смислени различни планови за спасување, користејќи меѓународна помош, вклучувајќи ја и НАСА.
Три огромни платформи за дупчење почнаа да се спуштаат кон рударите, при што на еден од уредите за копање му требаше околу еден месец за да ја достигне потребната длабочина. Потоа во тунелот беше ставена капсула за бегство, беше спуштена до рударите и вратена на безбедно. Севкупно, капсулата за бегство направи 39 кружни патувања нагоре и надолу по тунелот. Нивното искушение беше претворено во филм насловен „33“.

[email protected]