Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огромниот пад на градежништвото во вториот квартал годинава е последица на сите предизвици со кои градежните компании се соочуваат изминативе години, а за кои континуирано самите алармирале пред надлежните институции, јавноста, стручната фела. Проблемите поврзани со администрирањето на почнатите капитални проекти, бариерите од правен аспект (како што е недела неработен ден), незначителниот обем на распишани јавни набавки за градежни работи и ниската реализација на планираните тендерски постапки се само дел од причините за состојбите во кои се наоѓа оваа стопанска гранка…

Од врвот до дното на македонската економија

Градежништвото бележи огромен пад од речиси 22 отсто во вториот квартал, а со тоа паѓа и учеството на овој сектор во бруто-домашниот производ (БДП). Причина за тоа е намалената активност на градежните компании, како резултат на запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти, забавената инвестициска активност на приватниот сектор, како и пад на договорените градежни работи во странство.

Повеќегодишно акумулирање на
проблемите и немање слух на надлежните

Како што објаснува за „Нова Македонија“ претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Андреа Серафимовски, огромниот пад на градежништвото во вториот квартал годинава е последица на сите предизвици со кои градежните компании се соочуваат изминативе години, а за кои континуирано алармирале пред надлежните институции, јавноста, стручната фела.
– Проблемите поврзани со администрирањето на почнатите капитални проекти, бариерите од правен аспект како недела неработен ден, незначителниот обем на распишани јавни набавки за градежни работи и ниската реализација на планираните тендерски постапки се само дел од причините за состојбите во кои се наоѓа оваа стопанска гранка, која некогаш беше носител на економскиот раст на државата – посочува Серафимовски, додавајќи дека ако се земе предвид дека овие податоци се споредба со претходната година кога градежништвото исто така беше во лоша кондиција, резултатите се уште попоразителни.

Учеството на градежништвото во БДП од 7 во пад на 3,8 отсто

Што се однесува до учеството на градежништвото во БДП, вели тој, во вториот квартал изнесува 3,8 отсто за разлика од пред неколку години кога достигнуваше и до 7 отсто. Што упатува на заклучокот дека градежништвото не е дел од приоритетни гранки на кои се посветени развојните политики на државата. Иако како комора, споменува претседателот, се залагаат дека треба да биде имајќи го предвид и фактот дека неговиот ангажман повлекува ангажман на 25 други стопански гранки (угостителство, транспорт, рударство, металопреработувачката индустрија и други).
Здружението на градежништвото има направено повеќе решенија за спас на секторот, кои преточени во иницијативи, предлози и препораки во повеќе наврати се доставени до надлежните институции.
– Она што, според нас, треба да биде приоритет во моментот е развојот на домашните градежни компании и зголемување на нивната конкурентност, што зависи од самите деловни субјекти, но и од државата со оглед дека се очекува градежна експанзија од над милијарда евра во која домашните градежни компании мора да го најдат своето место – нагласува Серафимовски.
Според него, поразителен е фактот што домашните компании се сѐ помалку присутни на домашниот пазар. Изминатиот период, Серафимовски вели дека две од трите делници на железничката пруга 8 (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка) во вредност од околу 200 милиони евра биле доделени на странски компании. Автопатите на коридорот 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во вредност од над милијарда евра биле доделени на странски конзорциум со директно преговарање, без примена на Законот за јавни набавки. Четири од пет експресни патишта, кои се во вредност од околу 200 милиони евра ги градат странски компании.

Домашните градежни компании се уништуваат, а на странските им се дава преференцијален статус

– Доколку сакаме децениската традиција на домашното градежништво да не згасне и да бележи позитивен предзнак на статистичките податоци, кои го дефинираат неговиот развој, оваа состојба мора да се промени, а заложбите на државата за тоа се потребни повеќе од кога било. Во таа насока, очекуваме да се гарантира еднаков третман и услови за работа на домашните и странските компании, можност за конкуренција и примена на прописите за јавни набавки, особено кога се во прашање капитални проекти од поголема вредност, како и доследна примена на законската обврска за ангажман на домашни компании на капиталните проекти на коридорите 8 и 10, кои во следните години ќе се реализираат со стратегиски партнер – нагласува Серафимовски.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски, истакна дека градежништвото треба да биде локомотива на вкупната економија, но во моментов таа не ја движи економијата напред.
– Кога говориме за градежништво треба да говориме за изградба на коридори, инфраструктура, а додека кај нас фокусот е на станбени единици. Се случува процес што е математички несфатлив, луѓето се иселуваат, населението се намалува, а бројот на станбени единици се зголемува. Сметаме дека градежништвото треба да биде присутно во многу сфери, како изградба на инфраструктура, индустриски капацитети, патишта, водоводи, железници, а, за жал, во нашата земја резултатот е изградени едвај неколку километри годишно – појаснува Ангелоски.