Според податоците за 2023 година, до август бројот на загинати во сообраќајни незгоди изнесува 85, додека бројот на повредени лица изнесува 2.805, што е значително помалку во споредба со последните четири години, информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ

Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди се одбележува од 1993 год., а во 2005 година ООН го прогласи за светски ден, кој се одбележува секогаш во недела во третата седмица од месецот ноември. Оваа година на 19 ноември, голем број релевантни институции и организации од целиот свет се ангажираат за да се потсети јавноста на милионите лица што загинале или биле повредени во сообраќајни незгоди, за да им се даде помен на истите тие, но и за да се издигне свеста кај учесниците во сообраќајот за последиците од сообраќајните незгоди со цел да се намали бројот на загинати и повредени.

ВО МАКЕДОНИЈА, 124 ЛИЦА ГО ЗАГУБИЛЕ ЖИВОТОТ

Овој ден е посветен и на членовите на семејствата на загинатите и повредените во сообраќајни незгоди, како и на сите оние што се соочуваат со физички или психички последици од сообраќајни незгоди, а признание им се оддава и на службите за итна медицинска помош, противпожарните единици и сиот медицински персонал, но и на сите општествени чинители што им даваат помош на повредените и на семејствата на загинатите и повредените лица.
Годишно, во светот, околу 1,35 милион луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони лица добиваат повреди.
– Во Македонија, минатата година, 124 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 3.834 биле повредени. Според податоците за 2023 година, до август бројот на загинати во сообраќајни незгоди изнесува 85, додека бројот на повредени лица изнесува 2.805, што е значително помалку во споредба со последните четири години – информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

ГОДИШНО 1,3 МИЛИОН ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ ГО ГУБАТ СВОЈОТ ЖИВОТ ВО СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ

За волја на вистината, сообраќајните незгоди не се проблем само во земјава. Според податоците на Светската здравствена организација, на светско ниво, годишно околу 1,3 милион луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони добиваат повреди како последица на сообраќајна незгода. Голем број од загинатите и од повредените се деца и млади. Многумина со право ги нарекуваат сообраќајните незгоди „епидемија“ или „црна чума“ на 21 век.
Сепак, сообраќајната хроника евидентирала досега генерални причинители на сообраќајните несреќи со кобни исходи. Насекаде во светот причините можат да бидат исти. Брзо возење, возење во алкохолизирана состојба, лоши патишта и сигнализација, неисправни возила, кои возачите ги игнорираат и не ги поправаат… Користењето мобилен телефон е една од главните причини за смртност во сообраќајот, а прва причина се невнимателните возачи.
Под невнимателен возач се подразбира расеан возач или возач што го одвлекува вниманието од патот, разговара на мобилен телефон, испраќа текстуална порака или јаде додека вози. Според листата на Светската здравствена организација за ризични фактори што предизвикуваат сообраќајни несреќи, на трето место се наоѓа невнимателното возење, а зголемувањето на просечната брзина е директно поврзана со веројатноста за сообраќајна несреќа и со сериозноста на последиците од несреќата. На пример, секој еден процент зголемување на средната брзина предизвикува четири проценти зголемување на фаталниот ризик од несреќа. Д.Т.З.