(НЕ)ИСКУСТВОТО НА ВОЗАЧИТЕ ПОЧЕТНИЦИ КАКО ПОВОД
Возачите се најмногубројната категорија учесници во сообраќајот и логично е, како таква, најголемиот број прекршоци да се реализираат токму од нив. Интересно е дека, според билтените на Министерството за внатрешни работи, голема е бројката на возачи почетници што откако зеле возачка дозвола, сториле некаков прекршок.
ГОЛЕМА ПОЧЕТНИЧКА САМОДОВЕРБА, А РЕЧИСИ НИКАКВО ВОЗАЧКО ИСКУСТВО
Возачите почетници и младите возачи се една од категориите учесници во сообраќајот на кои им се случуваат катастрофални и животозагрозувачки грешки додека се дел од сообраќајот. Самодовербата со која неосновано се „полни“ возачите почетниците додека управуваат со возило е огромна, а токму тоа, според инструкторите, е најголемиот проблем за нив.
– За да бидете добар возач, не е потребно само да положите и да добиете возачка дозвола. Напротив, добре возачи се оние што имаат големо искуство, оние што знаат да го следат сообраќајот околу нив, а не само да гледаат право пред нив. Залудно вие возите добро ако не процените кога некој прави прекршок и не изгреагирате за тој прекршок да не ви предизвика сообраќајна несреќа вам. Возачите почетници не следат ретровизори, не проценуваат, а веруваат дека се добри возачи. Токму тука е најголемата грешка. Потребно е искуство, а не како што сѐ почесто гледаме возачи што пукаат од самодоверба, а буквално ништо не знаат – вели инструктор од Скопје.
Според него, токму тоа е и причината за честите сообраќајни несреќи во кои како учесници се појавуваат почетниците.
– Ако забележите и во санкционираните возачи од МВР, голем број се почетници што возеле под дејство на алкохол, не ставиле појас, удриле во друго возило поради непрописно престигнување…, сето тоа е школа, што мора да се научи низ денови, месеци, па и години возење. Исто е како и со велосипедот. На почетокот никој не знае да се качи на тротоар возејќи, но, со искуството, сите научуваат. Токму затоа на моите кандидати секогаш им велам дека возачката е само документ и ништо повеќе. Таа не може да те направи добар учесник во сообраќајот, ниту, пак, може да ти го даде соодветното искуство, кое, за жал, за време на обуката не е доволно за да се стекне – вели тој.
ВКУПНО 400.000 МЛАДИ ЛИЦА ГО ГУБАТ СВОЈОТ ЖИВОТ ВО СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ
Пред неколку дена беше одржан вебинар на тема „Малолетничка деликвенција, со посебен осврт кон сообраќајни кривични дела“. Тој беше организиран од страна на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет во Кичево и Факултетското студентско собрание на Факултетот за безбедност во Скопје.
На вебинарот свое излагање имаше претседателката на РСБСП, м-р Гордана Кожуваровска, која истакна дека безбедноста во сообраќајот е императив на сите субјекти од областа на сообраќајот, но е значајна и за секој човек, бидејќи секој на свој начин е учесник во сообраќајот. Исто така, таа ги наведе најчестите причини за сообраќајни незгоди во кои страдаат младите возачи, односно возачите почетници. Според неа, возачкото неискуство, недоволната созреаност, неискуството во ноќно возење, некористењето сигурносен појас, нефокусираноста, заморот, возењето под дејство на алкохол се само дел од причините.
Според податоците на СЗО, годишно во светот околу 400.000 млади лица го губат својот живот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека 1.100 млади животи до 25-годишна возраст дневно згаснуваат во светот. Сообраќајните незгоди се водечка причина за смртност на лицата од 15 до 19-годишна возраст, а втора причина за смртност на лицата од 19 до 25-годишна возраст.
Сите присутни на настанот, имајќи ги предвид наведените податоци, констатираа дека сообраќајните незгоди за младите луѓе се црната чума на 21 век.