Бугарска болница, чие име и локација не се откриваат, била клучен сегмент во синџирот на нелегални трансплантации на органи од живи луѓе, во периодот од 2019 до 2021 година. Но бугарските медиуми поврзуваат настани, лица и локации во Софија со нелегални трансплантации на човечки органи, конкретно на бубрези…

Бугарија клучен дел од меѓународен синџир за шверцување и пресадување човечки органи

Во серија објавени написи, кои произлегуваат од повеќегодишен проект на истражувачко новинарство на група новинари од реномираниот јапонски весник „Јомиури Шимбун“, се открива „афера со криминална природа“ дека „во Бугарија се вршеле нелегални трансплантации на човечки органи, конкретно на бубрези“. Бугарска болница, чие име и локација не се откриваат, била клучен сегмент во синџирот на нелегални трансплантации на органи од живи луѓе, во периодот од 2019 до 2021 година.
Истражувачкиот новинарски тим на јапонскиот весник „Јомиури Шимбун“ добил конкретни доказни материјали за повеќе случаи, за кои постојат основани сомненија дека биле сторени кривични дела за трговија со органи. Весникот располага и со видео и аудиоснимки до кои дошол од различни извори.

Откриени само некои детали од меѓународниот синџир на шверцување и трансплантација на човечки органи

Според весникот „Јомиури Шимбун“, јапонска непрофитна организација (чие име сѐ уште не се открива) била мозокот на криминалните операции. Координатор за Бугарија бил Турчин (58), чиј идентитет не се открива. Се споменува дека истиот тој бил уапсен од украинските власти во 2017 година, исто „под сомнение за вмешаност во трговија со органи“. Објавена е и информацијата дека тој добил средства, вклучувајќи и „такса за дарители“ од околу два милиони јени (15.000 американски долари), од Здружението за поддршка на пациенти со нерешливи болести, за трансплантација на бубрег од жив дарител за јапонски пациент во Киргистан минатата година.
Според снимките до кои дошол јапонскиот весник, „јапонска непрофитна организација носела пациенти најпрвин во Кина, посредувајќи во трансплантација на органи од починати луѓе“. Но поради пандемијата на коронавирусот, трансплантациите во Кина станале невозможни, по што „јапонската непрофитна организација побарала други врски и локации за нелегалните активности“. Така, „организацијата“ нашла лице од турска националност, кое имало или отворило канали на соработка со болница во Бугарија. Имено, во април минатата година, според објавените материјали од весникот, на двајца јапонски пациенти им била извршена трансплантација на бубрег во болница во Бугарија, договорена од споменатиот Турчин. Операциите биле успешни, но тој престанал да посредува во врска со оваа нелегална активност на трансплантација во Бугарија токму во моментот кога во јавноста и медиумите во Бугарија протекла информацијата дека „бугарските власти отвораат истрага поради сомневање дека во земјата биле спроведени нелегални трансплантации од живи дарители од 2019 до 2021 година.“

Нелегалните активности за трансплантација на човечки органи продолжиле во други делови на светот

Оваа година, споменатото лице со турско државјанство, според објавените материјали на јапонскиот истражувачки тим од весникот, предложило трансплантациите да продолжат во Шри Ланка. На онлајн состанок во мај, тој бил регистриран на снимки при што изјавил: „Можеме да започнеме во секое време“, а директорот на јапонската непрофитна организација одговорил: „Би сакале да започнете да ги водите пациентите околу јули“. На состанокот годинава, во јуни, со аудиозапис била регистрирана следнава кореспонденција: „Прво, те молам испратете ми медицински информации и извод од матична книга на родените“, рекол Турчинот, а директорот на непрофитната организација одговорил: „Ајде да побрзаме и да го направиме тоа; ако еден човек успее, тогаш ќе испраќаме по две лица, вкупно околу 10 луѓе, еднаш на два месеца“.
Во материјалите што се приложени како доказ, се регистрира дека непрофитната организација препорачала трансплантација во Шри Ланка на 58-годишен Јапонец од Јокохама, кој имал бубрежна болест. Датумот на неговото патување бил одреден за почетокот на јули, но бил одложен во последен момент.
Шри Ланка е во сериозна економска криза од пролетта, а на почетокот на јули, нацијата прогласи банкрот и демонстрантите ја окупираа официјалната претседателска резиденција. Оттогаш, недостигот од гориво и превирањата продолжија, но на пациентот од Јокохама повторно му се обратиле овој месец за патување во земјата. Датумот на поаѓање бил прецизиран, но на крајот непрофитната организација го информирала дека „патувањето е откажано“.

Непрофитната организација негира вмешаност

Непрофитната организација, која се препозна во новинарското истражување на весникот „Јомиури Шимбун“, категорично ја негираше својата вмешаност во трговија со органи. „Никогаш не сме биле вклучени во трговија со органи“, се вели во еден од демантите.
Сепак, таа исто така објави: „Точно е дека постои сомневање за трговија со органи“ во врска со трансплантацијата. Непрофитната организација соопшти дека координирала околу 170 трансплантации во странство во текот на изминатите 17 години, а изворите на органи вклучуваат случаи на случајна смрт, мозочна смрт и егзекутирани затвореници до 2015 година, како и живи дарители во пет случаи. Се вели дека изборот и аранжманите на дарителите ги прават локалните болници и координатори и дека „непрофитната организација никогаш не е вклучена“ во овој процес.

Истрагата во Бугарија е во тек

„Јомиури Шимбун“ не напиша подетално за бугарскиот дел од криминалниот синџир на шверцување и трансплантација на човечки органи. Но одредени информации што протекоа во бугарската јавност се дека станува збор за настани и лица од средината на минатата година, кога во болницата „Лозенец“ во Софија беа откриени сомнителни документи. Имено, дека „од октомври 2019 година до април 2021 година биле направени 14 трансплантации на бубрези од жив дарител“. Во вакви околности, разрешување на директорот на болницата, Љубомир Спасов, како и на целиот Управен одбор на болницата, сега се поврзува со аферата на нелегалните трансплантации од живи дарители. Постои и сведочење на поранешниот маркетинг-директор на болницата, г. Леви, кој потврдил дека во „Лозенец“ се вршеле нелегални трансплантации на бубрези, а цената за нив поединечно изнесувала околу 20 илјади долари. Д.Ст.


Пронајдено големо количество сув цвет од канабис во поранешна фарма

МВР објави дека при претрес на поранешна фарма за одгледување канабис за медицински цели во Битола, запленета е дрога во вредност од околу 800.000 евра и приведени се пет лица.
– На 16.8.2022, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје – Единица за недозволена трговија со дрога, во координација со тимови од Одделот за специјални полициски операции – специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и СВР-Битола, лишени од слобода се пет лица, а запленета е дрога во вкупна проценета вредност од околу 800.000 евра. Имено, по добиени информации дека во правен субјект за производство на канабис во медицински цели во Битола се врши производство на марихуана, и покрај донесената одлука и решение од страна на Владата на РСМ на 25.5.2021 за одземање на дозволата за одгледување канабис за медицински цели, објавена во „Службен весник“ бр.121 од 3.6.2021, по предлог на Министерството за здравство, поради постапувања спротивни на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кои биле констатирани при вонредна контрола извршена на 10.4.2021, од страна на Комисијата за оценување на исполнетост на условите за одгледување канабис за медицински цели во содејство со МВР, обезбедена е наредба за претрес од Основен суд Битола – се вели во информацијата на МВР.
Во една од просториите на поранешната фарма, затекнати се две женски лица во момент на обработка и пакување сув цвет од канабис, додека во други простории на фабриката е пронајдено големо количество сув цвет од канабис, како што соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Пронајдената дрога е спакувана во 67 вреќи во вкупна тежина од околу 250 килограми. Петте лица се приведени во полициска станица, а по комплетирање на целокупната документација против сите инволвирани лица во нелегално производство на наркотична дрога марихуана ќе биде поднесена кривична пријава.