Граѓаните треба да бидат претпазливи кон сите понуди што ветуваат нереално високи приходи за многу краток временски период – тоа е првиот и најочигледен знак дека станува збор за измамнички намери

ЗГОЛЕМЕН БРОЈ ЕВИДЕНТИРАНИ СЛУЧАИ НА КОМПЈУТЕРСКИ ИЗМАМИ

Лековерноста, лажните надежи за брза заработка, а пред сѐ сиромаштијата што притиска, се главната причина граѓаните да наседнуваат на разни измами што им ветуваат брз пристап до големи суми пари. На ова укажува и информацијата споделена од секторот за компјутерски криминал при МВР, која потврдува дека ваквите измами во земјава воопшто не се ниту ретки ниту наивни. Напротив, не само што се чести туку ги чинат граѓаните стотици илјади евра.

ЗАЧЕСТЕНА ПОЈАВА НА ИЗМАМИ

Само пред неколку дена, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност во рамките на Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во изминатиот период е забележана зачестена појава, во која непознати лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни електронски адреси целат на македонски корисници и испраќаат линкови до веб-страници и сервиси преку кои се ветува лесна заработка со исполнување одредени задачи што се доделуваат на дневно ниво од самиот сервис или апликација.
– Измамата ја вршат на тој начин што, откако лицата ќе се регистрираат и ќе ги остават нивните лични податоци, добиваат кориснички профил преку кој може да купат одреден пакет во зависност од паричните средства што се подготвени првично да ги инвестираат преку купување претплатнички пакети во криптовалути. Откако корисникот ќе ја направи иницијалната инвестиција, добива одредени задачи што вклучуваат посета на веб-страници или преглед на видеа за кои добиваат соодветен надомест, во зависност од пакетот што го имаат избрано. На овој начин сѐ повеќе граѓани влегуваат на пазарот за криптовалути, но немаат доволно знаење или информации како да го направат тоа на безбеден начин.
Како резултат на тоа, зачестија измамите, во кои граѓаните остануваат без илјадници евра и криптовалути – информираа од Министерството за внатрешни работи.
За да се избегне таквото сценарио, експертите редовно ги предупредуваат граѓаните да внимаваат да не станат жртви на инвестициски измами.
Граѓаните треба да бидат претпазливи кон сите понуди што ветуваат нереално високи приходи за многу краток временски период – тоа е првиот и најочигледен знак дека станува збор за измамнички намери – потенцираат оттаму.
Од полицијата нагласуваат, граѓаните никому да не му ги даваат своите лични податоци, кои се доверливи, ниту пак да им испраќаат фотографии од лични документи, банкарски картички, како и еднократни лозинки за апликации за банкарство преку интернет и други податоци за овластување банкарски трансакции.

НЕКОЛКУ ВИДА ИЗМАМИ ЕВИДЕНТИРАНИ ОД ЕВРОПОЛ

Овој проблем не е актуелен само во земјава туку и пошироко во европските земји.
Вакви појави на измами се евидентирани и од страна на Европол, па токму затоа тие со препораки им препорачуваат на граѓаните начини на кои можат и треба да се заштитат од компјутерските финансиски измами.
Па така, според Европол, постојат неколку вида измами што полицијата најчесто ги забележала во случаите на кои работела.
Првата е наречена „романтична измама“, во која, вообичаено, измамникот им приоѓа на поединци преку апликации за пронаоѓање сродни души или, пак, преку социјалните медиуми. Притоа почнува како романса и додворување, сѐ додека не се стекне доволно доверба за да се отвори прашањето за инвестирање. Кога доаѓа до тој момент, измаменото лице најчесто останува „покусо“ за неколку илјади евра, а од љубовта нема ниту „љ“.
Вториот вид случаи на измами се наречени „пријателски измамник“. Овој вид измамници најчесто отвораат профили како вашите пријатели и комуницираат со вас. Бидејќи вие немате никаков сомнеж дека не комуницирате со вашиот пријател, многу лесно станувате дел од измамничка инвестициска шема, во која ќе загубите многу пари.
„Шанса за бизнис“ е третата најатрактивна измама за криминалците. Измамникот ѝ се обраќа на потенцијалната жртва нудејќи ѝ неповторливи шанси за криптоинвестиции. Ја убедува жртвата дека треба да инвестира врз база на лажно успешни и профитабилни компании. Во многу случаи, жртвата на крајот сфаќа дека не може да ги повлече инвестираните пари и дека е измамена.
Не секоја реклама е вистинска и токму затоа многу е важно да не наседнувате на сите реклами што ги гледате на социјалните мрежи. Во првиот миг кога некоја примамлива реклама ќе ви го привлече вниманието да кликнете на неа, вие ги испраќате вашите лични податоци, по што добивате повик од измамник, кој ќе ве убеди да инвестирате.

Што можат да направат граѓаните за да се заштитат

Она што се препорачува за граѓаните за да се заштитат себеси и своите пари од вакви измами е секогаш да побараат финансиски совети пред да дадат пари или да инвестираат средства и да ги одбијат ненајавените повици за можности за инвестирање.
Исто така, потребно е да добијат непристрасни финансиски совети пред да инвестираат пари во понудите што ветуваат сигурна инвестиција, гарантирани приноси и голем профит.
Од МВР велат дека, ако некогаш граѓаните инвестирале во измама, измамниците, најверојатно, ќе ги наведат повторно или ќе ги продадат нивните информации на други измамници, па последна препорака е веднаш жртвите да стапат во контакт со полицијата доколку се посомневаат во нешто.
– Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со нивните интерни процедури за сајбер-безбедност – велат од МВР.

ШТО ПРЕПОРАЧУВА ЕВРОПОЛ

Во однос на заштитата од вакви измами, од Европол велат дека граѓаните треба да бидат посебно претпазливи кога се вакви брзи заработки во прашање. Оттаму велат дека е потребно да се истражи добро местото каде што ви бараат да направите инвестиција, како и граѓаните да бидат претпазливи кога плаќаат со криптовалути, бидејќи кога трансферот еднаш е направен, не може потоа да се повлече.
Доколку добиете понуда за инвестиција од страна на пријател, потврдете дека тоа навистина е вашиот пријател.
Од Европол апелираат, граѓаните да бидат посебно внимателни со апликациите за пронаоѓање сродни души на социјалните мрежи, бидејќи тука се најголеми понудите за инвестиции во наводни криптовалути.
– Бидете внимателни доколку добиете понуда да отворите криптопрофили, бидејќи тие директно ќе ве однесат до паричниците контролирани од страна на криминалците – информираат оттаму.
На крајот, како што велат од Европол, доколку одлучите да инвестирате, добро истражете каде ќе инвестирате и анализирајте го проектот што толку лесно ви ветува голема сума пари.