Македонија, за жал, сѐ уште е далеку од најдобрите светски лаборатории за форензика. Но она што најмногу ги интересира луѓето е дали навистина тоа што ни се прикажува на малите екрани е така или, пак, холивудските продуценти добро ги зачиниле „сликите што се движат“? И дали она што отсекогаш било привлечно за луѓето, како што се „извршувањето на најкрвавите кривични дела и нивното откривање“ со дотерани приказни од форензичката практика, изгледа лесно достапно на екраните, а реалната состојба од теренот е сосема поинаква? Каква е, впрочем, фактичката состојба во светот и кај нас, во однос на развојот на форензиката и нејзиниот удел во откривањето на кривичните дела? Тоа е прашање што често се поставува во јавноста
Форензичките лаборатории се далеку од она што ни се прикажува на ТВ-екраните
Од секојдневната комуникација со луѓето околу нас може да се забележи еден интересен феномен, дека е огромен бројот на оние што сакаат да гледаат криминалистички серии, особено оние во кои се застапени истрагата и форензиката. По трагата на ваквото сознание, а и по искажаниот интерес во јавноста по ова прашање, направивме мало истражување да видиме колку се совпаѓаат овие филмови со реалноста. Според нашите сознанија, акцијата што ни ја прикажува Холивуд на малите екрани, сепак, е само за анимирање на љубителите на ваквите серии. Форензиката ни одблизу не е како тоа што ни се прикажува на екраните, зад неа стојат сериозни процеси, за кои обичниот човек малку знае.
ФОРЕНЗИЧКИ АНАЛИЗИ НЕ СЕ ДОБИВААТ ПРЕКУНОЌ
Форензиката е сегмент од криминологијата што е најмалку познат за обичниот човек. За неа луѓето најмногу дознаваат од телевизиските серии, посебно од оние што се занимаваат со истрага на местото на злосторството. Утврдувањето ДНК, земањето отпечатоци, супербрзите компјутери што веднаш ги пронаоѓаат сторителите на кривичното дело се само мал дел од работите што ни се презентирани на малите екрани.
Она што најмногу ги интересира луѓето е дали навистина она што ни се прикажува на малите екрани навистина е така или, пак, холивудските продуценти добро ги зачиниле фактите?
Тим Купершмид, кој работел како извршен директор на лабораторијата за форензика „Соренсен“, во едно интервју говори за тоа колку има вистина во телевизиските серии што опфаќаат истражување на местата на злосторството.
– Ги гледам овие емисии заради забава. Едноставно, ваквите работи не функционираат така како што се прикажани во сериите. Во реалноста нема идентификација на ДНК и одеднаш на компјутерот да ви излезе возачката дозвола на сопственикот на ДНК, ниту пак ги добивате ГПС-координатите што ќе ве одведат директно кај тој човек – изјави Купершмид.
Него често го прашуваат дали работите функционираат така како што е прикажано. Вели дека работата на форензичарите не е толку сјајна како на ТВ- екраните, таа знае да биде многу здодевна и вклучува многубројни часови работа. Така, на пример, анализата на ДНК пронајдена на одредено место на злосторство трае со часови, додека, пак, на телевизиските серии тоа се прикажува дека е работа што одзема неколку секунди.
ФОРЕНЗИЧКИТЕ ИСТРАГИ СЕ ДАЛЕКУ ОД „ЛЕСНА ПЕСНА“
Во реалноста, анализата на ДНК трае од два до пет дена, и тоа ако нема компликации во случајот. Лабораториите се соочуваат со многубројни проблеми. Некои лаборатории имаат од 30 до 60 дена период на чекање пред да се добие анализата. Во случаите каде што не станува збор за криминал против човек и истрага на убиство, чекањето може да трае дури и со години.
Постојат голем број митови, токму поради телевизиските серии. Па така, таму ни е прикажано дека оној што работи во лабораторија врши распит на осомничени, апси и прави други полициски работи.
– Ние не се возиме во ултрамодерни и ултраопремени џипови низ плажите на Мајами, ретко може да се најде лице што работи во лабораторија и што работи и на терен. Едноставно, нема да испратите некој во полициска академија за да го затворите во лабораторија. Тоа би било залудно изгубен тренинг. Исто како што некој не би бил научник за да го пуштите да работи на улична патрола – истакна Тед.
СЕРИИТЕ ГО ЗГОЛЕМИЈА ИНТЕРЕСОТ ЗА СТУДИРАЊЕ ФОРЕНЗИКА
Интересно е тоа што на малите екрани може да се види како форензичарите си ги следат сите случаи на кои работеле, а тоа воопшто не е така. Тие работат голем број случаи, што е невозможно да се следат. Форензичарите воопшто и не се запознаени дали случајот на кој работат е случај што бара итно решавање. Она што е интересно е дека откако почнало емитувањето на таквите серии, голем е интересот на луѓето да станат форензичари, а уште поинтересно е што поротниците во судовите замислуваат дека токму таква е работата на форензичарите.
Пред да почнат да се емитуваат ваквите емисии, ретко кој знаел што воопшто претставува ДНК. Сега е дел од нормалните разговори и сите се запознаени со нејзиното постоење.
– На сериите гледаме дека форензичарите јадат и пијат за време на анализите и се шегуваат со своите колеги. Тоа, едноставно, не функционира така. Нема јадење и пиење во лабораторијата додека се вршат тестови, бидејќи форензичарот мора на себе да носи маска, за да не ги контаминира примероците.
Кои се најчестите лажни митови што ги прикажуваат сериите за форензиката?
За да бидат сериите поинтересни, сепак се многу поинакви од реалноста, некои од нив дури се контрадикторни. Така, на пример, фактот што лабораториите можат да ги собираат, подготвуваат, тестираат и да ги добијат резултатите од анализата на ДНК и други форензички тестови за неколку часа, е целосен апсурд.
Исто така, ситуациите во кои осомничениот седи во собата за испрашување облечен во истите алишта што ги носел во периодот кога го извршувал кривичното дело се смешни. Дополнително, реализираните тестови врз неговата облека и врз него пристигнуваат за неколку минути и детективите веднаш пристапуваат кон негово испрашување, па и апсење.
Истражувачите на местата на злосторството ги следат случаите од почетокот до крајот, ги заклучуваат истрагите и го решаваат случајот за неколку дена, што е практично невозможно да се направи, со оглед на големиот број решени и тековни случаи.
Практично е невозможно еден човек да прави сѐ. И да биде инволвиран во истрагата и да апси и да реализира потери по бегалци во еден ист случај.
Невозможно е да се добие ДНК од секоја површина од која ќе се земе, а анализата дава два одговора, да и не. Истражителите не само што можат да извлечат ДНК од сѐ туку можат и да кажат дали истата таа е од плунка, пот, солзи, па дури и од кремирано човечко тело.
Во ДНК-базите ги нема сите, тоа е нереално и невозможно. Ги има сторителите на кривични дела, и тоа доколку од нив е земен ДНК-примерок, а исто така фактот што кога ќе се најде совпаѓање на ДНК компјутерот веднаш на екранот има црвени букви, анализа што е 99 проценти точна, дури излегува и возачката дозвола на сторителот.
Во лабораторија не смее ниту да се јаде ниту да се пие, а во сериите, истражителите најчесто го прават тоа.