Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје им ја продолжи мерката притвор за 30 дена на петмината осомничени за случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.
– Предлогот за продолжување на мерката притвор се прифаќа и на: В.М., В.К., Б.В. за кои постои основано сомнение за две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.4 и чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 од КЗ, и две кривични дела Грабнување од чл. 141 ст.1 и чл. 141 ст.2 вв ст. 1 од КЗ, како и А.Ѓ. осомничен за кривично дело Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 од КЗ, сите поврзани со убиството на малолетната девојка од Скопје – В.Ѓ и велешанецот П.Ж., им се продолжува притворот за 30 дена – се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Воедно прифатен е предлогот и за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена и за С.Д. осомничен за Помагање на сторител во извршување на кривичното дело од чл. 365 ст.5 вв со ст.1 од КЗ, а поврзан со бегството на прво осомничениот кој се наоѓа во екстрадиционен, краткотраен затвор во Република Турција.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.
Првосомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. На 29 декември минатата година му беше одредени привремен затвор во Затворената казнено-поправна установа Беликсир во Турција.
-Во дописот од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир – Турција информираат дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“, согласно Законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена – наведуваат од Министерството за правда.
Постапката за екстрадиција на Палевски, како што информира МП кон средината на месецов, ќе трае неколку месеци.
Истрагата за убиството на Вања и Панче почна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.