Печатни грешки и фактот што секогаш однапред се бараат пари за некоја (наводно извршена) услуга или (пристигната) стока што не е нарачана се двете клучни работи на кои треба да се внимава, велат експертите
Инвентивноста на криминалците расте: интернет-измамите не престануваат
Онлајн измамите се во подем и тоа е регистрирано како факт и статистички и кај надлежните органи. Цел беа министри, државни институции, и тоа не само во земјава туку во целиот свет. И причината е проста. Измамниците се обидуваат на секој начин да дојдат до брза и лесна заработка. Ако досега бевме сведоци на обиди за измама и измами со мејл-пораки, со разни начини за лажни хуманитарни активности, сега измамниците се обидуваат да се „пробијат“ на пазарот со испраќање СМС, кои повторно упатуваат до сомнителни линкови.
Овој облик на измами е во силен подем во соседна Србија
Криминалците овој пат се надминале дури и самите себе. Сега цел се сите граѓани, бидејќи речиси и да нема човек што барем еднаш не купил нешто преку интернет.
Оттука почнува и сагата на измамените граѓани. Добиваат СМС дека им пристигнала пратка, која, за да ја потврдат, мора да кликнат на линкот што е испратен во самата порака. По овој чекор почнуваат сериозните проблеми. Линкот води кон непознати интернет-страници што бараат логирање и, секако, внесување лични податоци. Потоа веќе што и да се направи е предоцна. Парите од сметките мистериозно исчезнуваат, а луѓето остануваат измамени.
Овој вид измами веќе пристигна во соседна Србија, што значи дека, иако официјално нема институционална потврда за нејзиното присуство во земјава, сигурно веќе започнале и првите обиди на измамниците.
Овој вид измама спаѓа под познатата и во последно време многу актуелна „фишинг измама“, за чија реализација се потребни личните податоци на лицето што е цел на измамата.
Овој вид хакерски напад, кој во превод значи „риболов“, најчесто започнува со испраќање е-пошта или друг вид порака што изгледа како да доаѓа од некој кому му верувате или имате авторитет.
– Понекогаш наместо е-пошта или СМС се креира лажна веб-страница, која е идентична со страницата на компанијата чии услуги ги користиме, а целта на фишинг-нападот е жртвата да открие некои информации, да внесе лични податоци, да кликне на врска или да преземе датотека на телефонот, што ќе се покаже дека е вирус – велат познавачите.
Препознајте ги деталите што можат да ви кажат дека станува збор за измама
Според експертите, доколку се обрне внимание, луѓето лесно би можеле да препознаат дали овие пораки се вистинити или не.
– Овие пораки имаат, главно, печатни грешки. Тие не се секогаш точни кога станува збор за граматиката и формулацијата во самата реченица. Секогаш бараат пари на крајот и врз основа на тоа може да се препознаат. Значи, печатни грешки и фактот што секогаш однапред се бараат пари за некоја услуга или стока што не е нарачана, за што никогаш не се ни разговарало. Запомнете, ова се две ставки на кои треба да се внимава – велат експертите.
Бидејќи компаниите чии имиња се користат во измами не можат ништо повеќе, освен да им дадат насоки на потрошувачите како да препознаат измами, ИТ-едукацијата се издвојува како еден од клучните чекори за одбрана на граѓаните.
ДХЛ станува НОВА ЦЕЛ
Професорот за информатичка технологија во Србија, Петар Кочовиќ, вели дека овој вид измама не е нова. Тој додава дека уште во 2012 година ваква услуга се појавила како дел од СМС и дека моментално е во сила „СМС верзија 5“, што е протокол што вклучува испраќање фотографии и видеа.
– Ситуацијата е таква што денес можеме да испратиме фотографија и линкови преку порака, а идејата за „фишинг“ е да нѐ однесе на веб-локација и таму да оставиме број на кредитна картичка, а со тоа и пари, што повеќето банки во светот нема да ни ги вратат – вели Кочовиќ.
Според него, најновиот вид измама ги вклучува компаниите за достава.
– Најчестата порака доаѓа од Франција. Во пораката, испраќачот вели дека е од курирската служба ДХЛ. Во неа се вели дека вашиот пакет е пристигнат и дека треба да проверите на веб-страницата „mypackage“. ДХЛ, за да се заштити, но и да ги заштити граѓаните издаде предупредување дека такви пораки се испратени од непознат испраќач и нагласи дека е потребно посебно внимание на оние што примаат вакви пораки. Мојата порака до сите е да не отвораат мејлови, СМС и слично што не ги засегаат – истакна Кочовиќ.
Од странство, додава тој, најголем број доставувачи ги прашуваат клиентите како сакаат да им биде испорачан пакетот, па не можеме да очекуваме, ако нарачавме пакет преку обична пошта во Кина, порака од некоја брза пошта.
– Практично, луѓето не обрнуваат внимание. Од друга страна, многу пораки од овој тип стигнале до луѓе што не нарачале ништо, а им паднале во замката поради љубопитност – вели Кочовиќ.