Полицајците што вршеа увид во белградското училиште беа згрозени од суровоста на малолетникот убиец кој ладнокрвно пукаше во своите соученици / Фото: ЕПА

Чувството на моќ и на сила што го чувствувале, а често и деструктивната љубопитност, односно интересирањето да дознаат какво е чувството да се изврши убиство се најчестите причини за убивањето. Има повеќе случаи каде што деца извршиле убиство и додека го правеле тоа, а и по убивањето, покажувале голема ладнокрвност, не изразувале ниту трошка жал, а и не се покајувале

Некои криминолошки аспекти на ладнокрвните убиства чии сторители се деца

По стравотната трагедија што се случи на 3 мај во Србија, кога малолетниот Коста Кецмановиќ ладнокрвно уби свои ученици и училишниот чувар, многумина во регионот беа шокирани и беа единствени во помислата овој случај на дете масовен убиец никогаш повеќе да не се повтори. За жал, реалноста е дека насекаде постојат малолетни монструми и дека и пред 3 мај имало понекој Кецмановиќ и дека, за жал, ги имало и по крвавиот напад во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
Тоа утро, на 3 мај, во ОУ „Владислав Рибникар“ дошло до рафални истрели, по што следувало врескање на учениците, кои се обидувале да си ги спасат животите. Сурово и ладнокрвно, тринаесетгодишниот Коста Кецмановиќ, употребувајќи го пиштолот на татко му што го украл само неколку дена претходно, уби деветмина негови врсници и училиштен чувар.
Како што минуваа деновите и течеше истрагата се заклучи дека тој заедно со неговиот татко Владимир одел на стрелиште, каде што вежбал пукање, но и дека имал цел список и план како да го изврши свирепото убиство.
За него сѐ уште се зборува. Србија е завиена во црно, а сигурно малиот Коста ќе остане во фокусот на јавноста, бидејќи сите сакаат да дознаат зошто го направи тоа, иако веројатно никогаш нема да се открие како едно дете успеало да убие толку многу свои врсници со прецизност на професионалец.
Со оглед на тоа што имал 13 години за време на масакрот што го направи и според српскиот закон не е предмет на кривична одговорност, сместен е во Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

НИ НАУКАТА НЕ МОЖЕ ДА ОБЈАСНИ ЗОШТО

Исклучително ретко се случува дете да изврши сериозен криминал, но не е реткост да изврши убиство. Но кога ќе се случи тоа и кога светските медиуми ќе известат за некој таков инцидент, граѓаните со неверување, но и со голем интерес и ужас ги следат таквите случаи. Убиството е комплексно криминално дело. Психологијата не може да објасни докрај зошто возрасните се решаваат на таков чекор, а кога станува збор за деца, мистеријата е уште поголема.
Случајот со малиот Коста не е единствен ниту последен, за жал.
Криминологијата евидентирала злосторства направени од деца што нападнале помлади од нив, а жртвите биле најчесто на возраст од шест до осум години. Во повеќето случаи, чувството на моќ и на сила што го чувствувале, а често и деструктивната љубопитност, односно интересирањето да дознаат какво е чувството да се изврши убиство, се најпознати причини за убивањето. Има повеќе случаи каде што деца извршиле убиство и додека го правеле тоа, а и по убивањето, покажувале голема ладнокрвност, не изразувале ниту трошка жал, а и не се покајувале.

НЕКОЛКУ СЛУЧАИ ВО СРБИЈА

Малолетниот М.М. (13) го убил својот врсник Андреј Симиќ (13), а телото на убиеното момче било пронајдено во локва крв на поткровјето од куќата. Постои сомневање дека момчето искрвавило до смрт откако било прободено со нож или некој друг остар предмет.
Соседите рекле дека го виделе во еден момент М.М. кога истрчал на улица и паднал на околу 50 метри од куќата. Неговата баба, која оди со помош на патерици, побарала помош од соседите велејќи: „Некој мора да е мртов“. Двајца соседи притрчале до М.М., кој бил во бунило и се тресел, веројатно откако сфатил што направил во куќата, но се смирил по доаѓањето на лекарот од итната помош.
– Вишото јавно обвинителство – Ниш е известено дека на 5.10.2023 година, околу 11 часот, во куќата во Нишка Бања било пронајдено безживотното тело на А.С. (2010). Дежурниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство – Ниш изврши увид на местото на инцидентот и нареди да се преземат сите дејства за прибирање докази за расветлување на околностите под кои се случил инцидентот. По прибирање на сите релевантни докази, утврдено е дека А.С. (2010) бил лишен од живот од М.М. (2010). Во согласност со Законот за малолетни сторители и кривична заштита на малолетниците, М.М. (2010) е кривично неодговорен, бидејќи не наполнил 14 години. Во согласност со одредбите од означениот закон, за наведеното е известен Центарот за социјална работа во Ниш, како орган на старателство, за да преземе мерки од негова надлежност – информираа од Вишото јавно обвинителство – Ниш.
Момчето, исто како и Коста Кецмановиќ, е префрлено на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

ПРИМЕРИ КОГА ВО ДЕЦАТА „СЕ БУДИ“ ПОТЕНЦИЈАЛЕН УБИЕЦ

Трагичен инцидент се случи неодамна во германскиот град Офенбург, кога 15-годишно момче го уби својот врсник на училиште. Момчето убиец М.З. по потекло е од Косово.
Според извештаите, осомничениот го зел пиштолот на дедо му пред да оди на училиште, кој, според членовите на семејството, бил заклучен, и отишол на час. Најпрвин го полил својот врсник со запалива течност со намера да го запали, но запалката не работела. Матеја З. не застанал тука, па пукал во врсник од одделението, кој, за жал, во болница им подлегнал на повредите.
Амарџит Сада, осумгодишно момче од Индија, го остави целиот свет во шок во 2006 година. Имено, тој убил шест бебиња и сопствената сестра.
Осуден е на доживотен затвор, ги признал делата, а како причина за убиствата ја истакнал љубомората поради вниманието што новородените бебиња го добивале од нивните родители.
Арон Кампбел ја грабнал шестгодишната Алеша Макфел од нејзината соба додека спиела и престојувала кај нејзините баба и дедо во Шкотска. Имал само 16 години кога го извршил свирепото убиство. Тој ја силувал и брутално ја убил Алеша, нанесувајќи ѝ тешки повреди. Потоа го фрлил нејзиното тело во шума. Подоцна малата Алеша била пронајдена гола од страна на припадниците на полицијата. Биле избројани 117 поединечни повреди на целото тело. Кампбел бил обвинет за злосторството што го направил, а судијата изјавил дека ова е најсуровото и најзлобно злосторство направено од дете што некогаш го видел.
Десетгодишниот Дамиола Тејлор бил брутално убиен од страна на браќата тинејџери Дени и Рики Педи, кои за своето злосторство завршиле во затвор. Тие биле на дванаесет и на тринаесетгодишна возраст. Додека Дамиола се враќал дома од библиотека во југоисточен Лондон, во ноември 2000 година, еден од убијците му се доближил со парче од скршено шише и го прободел. Момчето успеало да избега на скали каде што искрвавило до смрт. За овој случај имало дури три судења, а актуелни биле неколку теории за неговата трагична смрт. На првото судење сведок било мало девојче, чие сведочење не било прифатено од страна на судијата. На второто судење немало доволно докази за да се донесе пресуда за убиство, а на третото двајцата браќа конечно биле осудени на осумгодишен затвор во институција за малолетници.
Додека возел велосипед во локален парк во Њујорк, тогаш тринаесетгодишниот Ерик Смит удрил во четиригодишното момче Дерик Роби, кое одело само во паркот.
Смит го одвел момчето во затскриен шумски дел во паркот, го задавил, фрлил два големи камења врз него и на крајот со дрво го удирал неговото тело. Бил осуден за убиство, за кое била предвидена затворска казна од девет години до доживотен затвор. Осум пати било одбиено неговото барање да биде пуштен на слобода со кауција. Во 2005 година тој изјавил дека бил злоупотребуван во семејството и дека поради тоа неговото однесување било такво. Како и да е, неможноста да изрази емоции додека ги давал изјавите било главна причина за психолозите да тврдат дека тој никогаш нема да биде рехабилитиран комплетно и ослободен за да живее во општеството како нормален човек.
Лајонел Тат е најмладиот Американец што е осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување. Неговата мајка Кетлин ѝ била дадилка на шестгодишната Тифани Еник, а Лајонел за момент бил оставен сам со неа. По 45 минути играње со девојчето, тој ѝ рекол на мајка си дека Тифани не дише, а всушност ја задавил и ѝ ја удирал главата од маса. На судењето, судијата истакнал дека Лајонел ја убивал Тифани додека таа не им подлегнала на повредите. Неговата доживотна пресуда беше многу контроверзна, бидејќи е изречена за толку младо момче. Тој бил осуден на една година домашен затвор, но бидејќи повторно извршувал кривични дела, е вратен во вистински затвор.
Џошуа Филипс, пак, извршил убиство кога имал 14 години, додека играл бејзбол во дворот во својот дом во Флорида. Во тој момент, ја удрил осумгодишната Меди Клифтон во окото, по што таа почнала да крвави. Филипс изјавил дека го фатила паника од реакцијата на неговиот татко, па поради тоа тој ја задавил со телефонски кабел и ја прободел 11 пати. Потоа го скрил нејзиното тело во кутијата од неговиот воден кревет, а неговата мајка го пронашла телото една недела подоцна. Аутопсијата покажала дека девојчето не било сексуално злоупотребувано, иако нејзиното тело било пронајдено разголено од половината надолу. Убиството било мотивирано поради насилниот татко на Филипс, кој би бил многу лут доколку ја видел повредената Меди кај нив. Момчето немало никакви злосторнички криминални дела. Осуден е како возрасен на доживотен затвор, без можност за условна слобода.
Алиса Бустаманте ја намамила својата деветгодишна сосетка Елизабет Олтен во шумата, каде што ја задавила, ја обесила и потоа ја закопала во плиток гроб. Бустаманте била проблематична тинејџерка од државата Мисури. Имала долга медицинска историја. Таа била депресивна, насочена кон себеповредување и имала самоубиствени обиди.
– Штотуку извршив убиство. Ја задавив, ѝ го исеков грлото и ја прободев со нож и сега е мртва. Не знам како се чувствував во тој момент – напишала таа во својот дневник.
Подоцна додала дека чувството било неверојатно.
– Откога ќе се победи чувството на страв, добиваш чувство на уживање. Некако сум нервозна и се тресам. Морам да одам во црква – напишала таа.
Нејзината мајка Пати Преис ја нарекла „злобно чудовиште“ и изјавила дека откога го слушала нејзиното сведочење и откако го прочитала нејзините зборови во дневникот почнала да ја мрази сопствената ќерка. Бустаманте добила доживотен затвор без можност за ослободување.