Фото: Макфакс / Архива

Христијан Пендиков, кој неодамна доби бугарски пасош, се чувствува загрозено, нема да бара обезбедување од МВР, но не одговори на прашањето дали со обвинетиот Илија Спасески, за кој тврди дека го натепал, се знае од претходно, како и дали причините за тепачката се нерасчистени односи од порано. Пред медиумите одново се пожали кога беше прашан какви закани добива. Истовремено, тврди дека престојува нормално во Македонија, со надеж дека нема да биде убиен.

-Се чувствувам загрозено. Добивам закани на социјални мрежи. На коментари си читаме закани кај што сакаат да нè убијат. Не се чувствувам добро. Пријавено е во полиција пред неколку месеци и сега пак неодамна. Редовно си пријавуваме. Пријавено е во ОБСЕ, секаде – рече тој.

Поради болест на обвинетиот одложено денешното рочиште од судскиот процес за случајот Пендиков

На прашањето како престојува во Македонија ако добива закани, тој одговори: „Престојувам нормално, со надеж дека нема да нè убијат следниот пат“.

Со оглед дека во Бугарија доби обезбедување, а во Македонија се шета без заштита, тој одговори и дали ќе побара заштита од МВР.

-Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме поради некакво национално чувство. Се случи инцидент, се надевам дека нема да се повтори за никого. Не е убаво никој да е тепан и омаловажуван поради национално чувство.

Адвокатот Стефан Камишевски не одобри Пендиков да одговори за тоа дали се точни шпекулациите оти тој не бил претепан поради неговото бугарско чувство, туку поради нарушени односи од претходно.

-Јас ќе му одговарам на тоа прашање, се извинувам – реагираше адвокатот.

На барањето да дозволи прашањето да го одговори самиот Пендиков, адвокатот рече: „Јас не можам да ви дозволам бидејќи таквите факти се факти што треба да се утврдат во една законски уредена судска постапка“.

И покрај инсистирањето, Пендиков да одговори дали се знае со обвинетиот Илија Спасески, адвокатот не дозволи.

-Јас ви одговарам – рече адвокатот.

-Може ли да ми дозволите да одговорам? Дали се знае или не се знае на таа околност, Пендиков даде одговор во Обвинителството и ќе даде одговор пред судот во постапката кога ќе биде сослушан во својство на оштетен.

Наместо одговори на другите отворени прашања за тепачката адвокатот на Пендиков рече дека за познанството ќе се чуе во судница, па со изговор дека неговиот клиент мора да замине за Софија, ја прекина изјавата.

-Сега јас ви благодарам, Пендиков мора да се врати назад денес во Софија бидејќи сè уште му трае лекувањето и повредите не му се заздравени. Ви благодарам- рече адвокатот.

Судењето се одложи поради отсуство на обвинетиот, кој со документација од доктор докажа дека е болен.

Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на згаснатиот бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.

„На 19 јануари во кафе-бар во Охрид обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон своето возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со рацете и нозете по главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видеонадзорот“, соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.

Тепачката се случи на почетокот на јануари.