Еден од најголемите ризици што ги преземаат мигрантите во патувањето до посакуваната земја што за нив ветува подобар живот се патот и маршрутите по кои тие се движат. Според Меѓународната организација за миграција, организација при Обединетите нации, од 2014 г. повеќе од 50 илјади мигранти ги загубиле животите или исчезнале додека се обидувале да стигнат до крајната дестинација, како што се Соединетите Американски Држави или Европската Унија
Чекорење по МИГРАНТСКИ МАРШРУТИ на кои брутално се прекинуваат човечки животи
Потрагата по подобар живот, оставањето на родното место и заминувањето илјадници километри подалеку, само за да се спасат од економско- финансиските кризи во своите држави, од нискиот социјален статус и сиромаштијата, од недемократските режими и војните ги чинат мигрантите многу пари, одрекувања и маки, а честопати цената ја плаќаат со своите животи. Еден од најголемите ризици што ги преземаат во патувањето до посакуваната земја што за нив ветува подобар живот се патот и маршрутите по кои тие се движат. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), организација при Обединетите нации, од 2014 г. повеќе од 50 илјади мигранти ги загубиле животите или исчезнале додека се обидувале да стигнат до крајната дестинација како што се Соединетите Американски Држави или Европската Унија.
Сепак, бројката не е конечна. Според организацијата, бројот на мртви и исчезнати може да биде уште многу поголем. Тоа значи дека, за жал, мигрантите се движат по многу опасни и животозагрозувачки маршрути. Оттука доаѓа и мотивот да истражиме кои се најопасните маршрути за мигрантите и зошто?
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ Е НАЈСМРТОНОСНО
Централниот Медитеран, односно централниот дел од Средоземно Море е дефинитивно најопасната маршрута за мигрантите во светот. Ова го потврдуваат и од ИОМ. Се проценува дека повеќе од 19.500 лица загинале од 2014 година до денес обидувајќи се да го поминат Средоземно Море од Северна Африка во Европа.
Мигрантите најчесто го прават тоа во импровизирани и претоварени пловни објекти, како што се гумени чамци, што го прават патувањето опасно и потенцијално смртоносно. Со овие пловни објекти најчесто управуваат криминални организации и трговци со луѓе.
Во Тунис, пак, кој покрај Либија е главна точка за преминување на патот кон Европа преку централносредоземната маршрута, постојат дури и гробишта, направени посебно за оние што ги загубиле животите во морето. И покрај тоа што овие гробишта треба да имаат ефект врз потенцијалните мигранти да ги одвратат од идејата, сепак, немаат никакво влијание. Тие што сакаат да заминат, заминуваат, не размислувајќи дека тоа може да биде нивната смртна казна.
Како што велат од ИОМ, меѓународната заедница има сериозна причина за загриженост поради фактот дека процентот на починати е меѓу највисоките на оваа маршрута во однос на сите други познати.
Според европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, од 2015 година до денес, спасени се речиси 300 илјади лица додека се обидувале да ја искористат оваа маршрута, што дополнително зборува за тоа колку масовно е користена од страна на мигрантите.
ВНАТРЕШНОАФРИКАНСКИ МАРШРУТИ
За голем број мигранти од Африка, сонот за доаѓање во Европа започнува со пат преку нивниот континент, кој често подразбира долго патување преку Сахара.
Суровите услови на теренот претставуваат и огромна закана. ИОМ проценува дека преминувањето на Сахара било причина за смрт на речиси 5.000 мигранти во периодот од 2014 до 2022 година. Некои од нив починале од исцрпеност, некои затоа што им снемало вода.
Друга закана по нивните животи се многубројните криминални банди што работат со трговија со луѓе во регионот. Нивното насилство исто така е главна причина за голем процент на умирања на мигрантите.
ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН САД – МЕКСИКО
Границата помеѓу САД и Мексико претставува исто така огромен предизвик. Регионот е познат по непристапните терени, меѓу кои има и пустински области, а мигрантите често се обидуваат да преминат во САД преку опасната река Рио Гранде, која тече по должината по дел од границата.
Давењето е една од главните причини за смрт на оваа мигрантска маршрута, за која ИОМ проценува дека одзела повеќе од три илјади животи од 2014 година.
Оние што се обидуваат да ги избегнат условите што природата ги нуди со криење во возила се соочуваат со друг вид опасност. Така, на пример, во декември 2021 година, 56 мигранти загинаа во Чиапас-Мексико, откако камионот со кој патуваа направи сообраќајка.
И тоа не е единствената опасност со која се соочуваат. Честопати шверцерите ги пренесуваат во камиони ладилници каде што премрзнуваат до смрт или, пак, ги легнуваат во багажниците од автомобилите, а доколку времето е топло, тие се задушуваат до смрт.
АЗИСКА МАРШРУТА
Според Меѓународната организација за миграција, четири од десет мигранти низ светот во 2020 година биле родени во Азија, а овој континент има неколку главни мигрантски маршрути.
Според агенцијата на Обединетите нации, речиси пет илјади лица починале или исчезнале во Азија во последните осум години. Поголемиот број нив се од Бангладеш и Рохинџ, кои ги користат морските маршрути преку бенгалскиот Залив и Андаманско Море за да стигнат на сигурно во околните земји или на крајот, сепак, да се обидат да стигнат до Европа.
И овие мигранти се честа цел на шверцерите со луѓе. Друга проблематична маршрута е границата помеѓу Иран и Турција, која досега доживеа невиден прилив на авганистански мигранти откако талибанците ја презедоа власта во земјата.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, во Иран и околните земји како бегалци се регистрирани повеќе од два милиони жители на Авганистан.