Основното јавно обвинителство Скопје наредило да се спроведе истражна постапка против шест лица поради учество во дејствија на кривични дела убиство и обид за убиство при престрелката која се случи ноќта меѓу 10 и 11 февруари во скопската општина Чаир.
Државното Јавно обвинителство информира дека постапка е поведена и за уште две лица „за дејствија на помагање по извршување на кривичното дело“, затоа што по настанот сокриле два пиштола, помагајќи им на дел од осомничените да не бидат откриени.
– На критичниот ден, на паркинг на улицата „Втора македонска бригада“, по претходна вербална расправија поради сообраќајно недоразбирање кај поликлиниката Чаир, започнала оружена престрелка меѓу две групи, при што првоосомничениот 28-годишник, со употреба на огнено оружје, со умисла го лишил од живот оштетениот Хебиб Буњаку и го довел во опасност животот на уште едно лице. Уште петмина осомничени, исто така, директно учествувале во престрелката, возвраќајки со дејствија на помагање и соизвршителство во убиство и обид за убиство. Последните двајца осомничени, по престрелката, сокриле два од пиштолите користени во оружениот инцидент – соопшти ЈОРСМ.
Надлежниот јавен обвинител предложил мерка притвор за двајца осомничени за дејствија на убиство и обид за убиство, како и мерка куќен притвор за уште еден од осомничените. Притвор е предложен и за двајцата осомничени за кривично дело – помагање на сторител по извршено кривично дело.
– По три лица полицијата се уште трага. Се преземаат и натаму дејствија за целосно расчистување на настанот – наведува Обвинителството.