Фото: ЕПА

ВОНРЕДНА МЕЃУНАРОДНА ПОЛИЦИСКА ОПЕРАЦИЈА „ИДЕНТИФИКУВАЈ МЕ“

Дури 22 убиени жени, и по повеќе од десетина години од насилната смрт, сѐ уште почиваат во делови од гробишта наменети за неидентификувани лица во три земји во Европа. Токму затоа, „Интерпол“ ја лансира кампањата „Идентификувај ме“. Со неа, полициските единици бараат помош од јавноста за да ги идентификуваат починатите, бидејќи никој не ги побарал, ниту пак ги пријавил како исчезнати. Со јавно објавување на таканаречените „црни објави“, кои претходно им беа достапни само на интерните канали за комуникација на полициите, „Интерпол“ се надева дека ќе успее да добие повеќе информации за жртвите, нивниот идентитет, потекло, па и да се пронајдат нивните семејства, за кои веруваат дека ги бараат блиските

„Интерпол“ започна цела една операција мотивирана од само едно убиство на жена во Амстердам, чии остатоци беа пронајдени во канта за ѓубре. Станува збор за операцијата „Идентификувај ме“, која е започната со цел да се идентификуваат жртвите чии идентитети не се откриени и по многу години од нивната насилна смрт, односно убиство. Жртвите се претежно жени што биле убиени, а чии семејства, пријатели или блиски роднини не се пронајдени. За нив, полициите немаат никакви податоци. Ниту име, ниту потекло. Ова е прв пат „Интерпол“ да побара помош од јавноста со цел еден список, барајќи повеќе информации за неидентификувани тела.

Полицијата трага за имињата на 22 убиени жени

Жената што во 1999 година беше пронајдена во канта за ѓубре беше застрелана во главата и во градите. Форензичката детективка Карина ван Леувен се обидува да ја реши оваа мистерија откако му се придружила на првиот градски тим за „ладни“ случаи во 2005 година. Холандската полиција вели дека случајот станува „ладен“ кога ќе остане отворен и нерешен околу три години.

Исцрпувајќи ги сите напори, таа и нејзините колеги контактирале со полициите во соседна Германија и Белгија, каде што дознале за уште повеќе случаи на убиства со неидентификувани женски жртви. Трите земји направиле список од 22 случаи, кои претставувале проблем за решавање и побарале од „Интерпол“ да ги објави нивните детали.

Белгиската полиција приложила седум случаи, германската шест, а холандската девет. Најголемиот дел од жртвите биле на возраст помеѓу 15 и 30 години.
Кога не се знаат нивните имиња, ниту пак кој ги убил, полициските експерти велат дека многу е тешко да се утврдат точните околности околу начинот на кој настапила нивната смрт.

Комплетниот список, кој е достапен на интернет-страницата на „Интерпол“, содржи детали за жените, фотографии од предметите што би можеле да ги идентификуваат, како што се облеката, накитот и тетоважите што ги имале, и во некои случаи, нови реконструкции на лицата и информации за самите случаи.
Ван Леувен вели дека пронаоѓањето на одговорите во такви случаи е од витално значење.
– Ако немате име, немате приказна. Вие сте само број. А никој не е само број – вели таа.
Во Холандија, речиси две неидентификувани тела на жени изгледаат како случаи на убиство, додека, како што вели полицијата, телата на неидентификуваните мажи личат на случаи на починати од широк дијапазон на околности.
Во тој дел на Европа, луѓето можат многу лесно да се движат од една до друга земја, затоа што границите се отворени.

Зголемената глобална миграција и трговија со луѓе доведоа до тоа поголем број лица да се пријавуваат како исчезнати надвор од нивните национални граници, вели докторката Сузан Хичин, координаторка на единицата за ДНК на „Интерпол“.
– Тоа може да го отежни идентификувањето на телата, а жените се непропорционално повеќе погодени од родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство, сексуален напад и трговија со луѓе – вели таа.

ЖРТВА БРОЈ ЕДЕН

Телото на жена пронајдена во канта за отпадоци денес почива на гробиштата во центарот на Амстердам. Нејзиниот гроб се наоѓа близу железничката пруга и зад редовите со гробови со персонализирани натписи и со положени свежи цвеќиња. Таа почива во областа за личности чии имиња не се знаат. Десетина мали плочи „извираат“ од земјата со зборовите „неидентификуван покојник“.

Жената била пронајдена кога локалниот жител Јан Мејер излегол со својот чамец да извлече канта со ѓубре што соседот ја забележал дека лебди на површината на реката покрај неговиот дом во холандската престолнина.
Но кога ја повлекол кантата за ѓубре, забележал дека е потешка од вообичаено и како што нејзиниот поголем дел испливал на површината, можел да почувствува непријатна миризба.

Како пожарникар, Јан и претходно се среќавал со мртви тела, но овој мирис бил многу непријатен. Го потсетил на инцидент од детството, кога пронашол застрелана овца. Не знаел што има во неа, но забележал дека капакот на кантата бил закован со шајки. Ја повлекол кантата и повикал полиција.

Кога кантата била насилно отворена, полицајците пронашле ќесе со прашок за перење наставан над бетонот со кој бил наполнет еден слој. Кога ја превртеле кантата, на земјата испаднало телото. Едната од рацете на жртвата била забетонирана. Полицаецот што бил присутен истакнал дека телото било во сива боја и изгледало како скулптура од песок.

Било невозможно на прв поглед да се утврди дали станува збор за маж или жена. Истрагата во тоа време утврдила дека жената, веројатно, била во средни дваесетти години со најверојатно потекло од Западна Европа, а дел и од Азија.

Скорешните форензички истраги, со помош на анализа на изотопите, го стеснија кругот на местото на нејзиното раѓање на Холандија, Германија, Луксембург или Белгија.
– Сето тоа има врска со храната што ја јадете и водата што ја пиете, но и воздухот што го дишете – вели Леувен, говорејќи за оваа техника.
Во неделите по откривањето на телото, полицијата објави детали за нејзината облека, бројот на чевли и што носела на себе, но и понатаму нејзиното име остана енигма. Нејзините темни чевли не биле на неа, туку биле ставени во кантата заедно со нејзиното тело. „Интерпол“ објави детали што беа пронајдени со телото во рамките на операцијата „Идентификувај ме“.

Носела позлатен часовник на раката, а во кантата е пронајдена и чанта од змиска кожа. Во кантата била пронајдена и машка облека, за која полицијата верува дека му припаѓала на сторителот на убиството. Во кантата имало јакна со зашиен црвен кружен знак. И покрај напорите на полицијата да го идентификува знакот, тоа не дало резултати.
Ниту еден осомничен никогаш не бил сослушан ниту пак уапсен во врска со случајот.

СЕКОЈА ОД НИВ ИМАЛА НЕКОЈ КОМУ МУ НЕДОСТИГА

Кога детективката Карин ван Леувен првпат го посетила гробот на жртвата во 2007 година почувствувала тага поради фактот што луѓето паѓаат во заборав по смртта. Сопственикот на гробот ја запрашал што планира да прави со сите други непознати, што всушност било причина таа да го сфати енормниот проблем со неидентификуваните тела.

Идентификувањето на мртвите тела станало нејзина специјалност и таа на крајот идентификувала 41 личност што починале од разни причини. Сите тела што таа ги идентификувала имале една заедничка работа.
– Без разлика на тоа колку долго било потребно да се идентификуваат, сите имале некој кому му недостигале – вели таа.

ОПЕРАЦИЈА „ИДЕНТИФИКУВАЈ МЕ“

Само четири лица во чија идентификација помогнала Карина во Холандија биле луѓе од оваа земја, поради што таа верува дека прекуграничната соработка меѓу полицијата и поголемата информираност на јавноста се толку важни.
Еден од случаите во оваа операција е за жена пронајдена во Белгија, со карактеристична тетоважа на црн цвет со зелени листови и натпис под сликата. Таа била пронајдена како лежи во реката во Антверпен во 1992 година. Полицијата вели дека била убиена насилно, но никогаш не го открила нејзиното име.

Во другиот случај од 2002 година, телото на една жена е пронајдено во едриличарски клуб во германскиот град Бремен, замотано во тепих и врзано со јаже.
Од „Интерпол“ велат дека објавените јавни списоци на овие црни објави ќе помогнат да се разбудат сеќавањата и ќе ги поттикнат луѓето да се појават со какви било информации што ги имаат за жртвите.
– Можеби ќе препознаат обетка или препознатлив дел од облеката – вели Сузан Хичин од „Интерпол“.

Во некои од овие 22 случаја, полициските служби користеле технологија што не била достапна во времето кога телата биле откриени за да ги зголемат шансите за нивна идентификација. Докторот Кристофер Рин, форензички илустратор од Шкотска, направил нова реконструкција на лицето на жената пронајдена во канта за ѓубре во Амстердам. Тој се сеќава на оригиналната фотографија од обдукцијата, додека бил студент и никогаш не ја заборавил. Сега се надева дека новата слика, која ја направил со помош на компјутерски софтвер, ќе помогне да се откријат нови траги.
За нив, најважно е да го откријат идентитетот на жртвите за тие да можат да се вратат кај семејствата.

[email protected]