Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Иако дилемата околу тоа која е причината за избувнувањето на пожарите никогаш со сигурност нема да се реши, сепак, најчестата причина за нив е човечкиот фактор, кој, во комбинација со високите температури и благиот ветер, може да предизвика катастрофа од катаклизмични размери. Токму затоа, граѓаните треба да бидат внимателни, да ја почитуваат забраната за движење во шуми, да не палат огнови на отворено и скари, да не оставаат стаклени предмети во шумите и да не фрлаат догорчиња на отворен простор

Шумските пожари секоја година ни пеплосуваат сѐ повеќе ресурси

Пожари беснеат во Македонија. Само завчерашната статистика од Центарот за управување со кризи евидентира над десетина помали и поголеми пожари на територијата на државата. Независно од обемот на катастрофата што ја причинуваат, односно независно од тоа колкава територија е зафатена од нив, пожарите се еднакво опасни и причинуваат огромна штета. Оние евидентирани како мали пожари, многу лесно можат да се претворат во огнени чудовишта што немилосрдно голтаат сѐ пред себе, еднакво како и големите пожари. На овие високи температури, кога дожд нема ниту на повидок, а секојдневно живата на термометарот е сѐ повисока, од огромна важност е навремената детекција на пожарите, но и одговорноста на граѓаните.

ДЕНОВИВЕ ЕВИДЕНТИРАНИ ПОВЕЌЕ ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАВА

Петнаесетина пожари беа евидентирани завчера на територијаТА на Македонија. Еден од поголемите пожари со кој се бореа пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и ЦУК е лоциран во Беровско, на планинските ридови помеѓу селата Митрашинци и Будинарци. Повеќе од сто лица, меѓу кои и населението, учествуваа во гасењето на огнената стихија. За среќа, последните информации се дека пожарот е локализиран, иако закана претставуваат зажарените дрва, од кои постоеше опасност пожарот повторно да се разгори. Според првичните информации, досега во овој регион изгореле 50 хектари дабова и букова шума.
Иако од помали размери, пожари се евидентирани речиси насекаде низ земјава.
Според податоците од ЦУК, само во Скопје, опожарени се вкупно шест илјади квадратни метри. Меѓу нив, евидентирани се запалено стрниште и запалена ниска вегетација, а забележан беше и пожар на депонијата „Вардариште“, каде што, традиционално, секое лето наголемо се палат ѓубре, разни отпадоци и гуми.
Евидентирани биле три помали пожари во Струмица. Двата биле со запалена ниска вегетација, додека едниот бил со запалена шума на површина од два декари во селото Дедели. Во Охрид, пак, било запалено стрниште, а во Велес била запалена ниска вегетација кај градската депонија. Евидентирани беа и пожари во Битола и во Кавадарци – на патот кон Плетвар.

ПОВЕЌЕ ПРИЧИНИ И ФАКТОРИ

Иако дилемата околу тоа која е причината за избувнувањето на пожарите никогаш со сигурност нема да се реши, сепак, најчестата причина за нив е човечкиот фактор, кој, во комбинација со високите температури и благиот ветер, може да предизвика катастрофа од катаклизмични размери. Токму затоа, граѓаните треба да бидат внимателни, да ја почитуваат забраната за движење во шуми, да не палат огнови на отворено и скари, да не оставаат стаклени предмети во шумите и да не фрлаат догорчиња на отворен простор.
Освен препораките од надлежните, на властите секогаш им се достапни и репресивните мерки за оние што ќе ги игнорираат препораките, но и законите.
За жал, надлежните се соочуваат со уште еден сериозен проблем, кој директно се одразува на состојбата со пожарите. Како што веќе подолго време се укажува, еден од поголемите проблеми се недостигот од пожарникари и старите и дотраени возила. Пред извесно време, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјата им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку што е пропишаниот минимум.

МВР СО ПРЕПОРАКИ, НО ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПРИМЕНУВААТ

Како последица на минатомесечното воведување делумна забрана за движење во шумите, Министерството за внатрешни работи, на крајот на месец јуни, информира дека опасноста од избивање пожари ќе се зголеми.
– По настапувањето на последните значително повисоки температури и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мера се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари, особено поради фактот дека има забележителна раздвиженост на нивите, но и во шумите. Затоа, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние што ќе престојуваат на излетничките места им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери – нагласија од МВР.
Оттаму потенцираа, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце може да причинат пожар.
– Доколку не се придржуваат на овие апели и препораки, граѓаните ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од шест месеци до осум години, во зависност од видот на пожарот и другите околности и последици – истакнаа оттаму.
И покрај многубројните препораки, апели, но и казни што им се изрекуваат на пироманите, се чини дека препораките од надлежните повторно не допираат до оние кон кои се упатени. Доволен доказ за тоа е бројката од околу 15 пожари евидентирани во земјава во последните 72 часа.

ГОРАТ И ДЕЛОВИ ОД БАЛКАНОТ

Веќе неколку дена, повеќе од илјада пожарникари, 260 шумари и 130 припадници на словенечката армија, со денови се борат со пожарот во Крас, во Словенија. Во гасењето помагаат неколку хеликоптери на словенечката армија, како и хеликоптери и авиони од Хрватска, Србија и од Романија, а од страна на европскиот механизам за помош беа испратени и дополнителни два авиона „спартан“, кои имаат носивост до шест илјади литри вода и еден „Ц-130 херкулес“.
Освен овој пожар, нови пожари избувнаа и во југозападниот дел на земјата, како и на Котел, јужно од Љубљана.
Евакуација имаше и на грчкиот остров Лезбос, каде што изби шумски пожар, кој ги загрози имотите на луѓето во одморалиштето Ватера. Минатата недела, шумскиот пожар во планините во близината на Атина оштети домови и принуди стотици луѓе да избегаат, во она што властите го нарекоа едно од најтешките лета на Средоземно Море. Пожари беснееја во Грција и минатото лето, кога беа опустошени околу 300 илјади хектари шуми и грмушки.


Какви казни следуваат за предизвикување пожар според Кривичниот законик

Според членот 227 од Законот за кривична постапка, насловен „Предизвикување шумски пожар“, за оние што предизвикуваат шумски пожари следува затворска казна од една до десет години.
(1) Тој што ќе предизвика шумски пожар, па поради тоа ќе настане штета од поголеми размери, ќе се казни со затвор од една од десет години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена.
(3) Тој што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.


ОН: бројот на големите шумски пожари низ светот драстично ќе се зголеми

Уште на почетокот на годинава, Обединетите нации предупредија дека бројот на големите шумски пожари низ светот драстично ќе се зголеми во наредните децении поради глобалното затоплување, а владите не се подготвени за справување со последиците од уништувањата од таквите екстремни пожари.
Дури и најамбициозните напори за ограничување на емисиите на стакленички гасови нема да спречат драматичен пораст на зачестеноста на екстремните услови на пожари, е еден од заклучоците во извештајот нарачан од Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).
– До крајот на векот, веројатноста за шумски пожари слични на летото во Австралија 2019-2020 година или огромните пожари на Арктикот во 2020 година, кои ќе се случат во дадена година, веројатно ќе се зголеми за 31-57 проценти – се наведува во извештајот.
Ваквите шумски пожари избиваат таму каде што отсекогаш се случувале и се разгоруваат на неочекувани места.
Неодамнешна студија во „Лансет“ заклучи дека изложеноста на чад од шумски пожар резултира, во просек, со повеќе од 30 илјади смртни случаи секоја година во 43 нации, за кои има достапни податоци.
Економските штети во САД, една од ретките земји што ги пресметале таквите трошоци, варираат меѓу 71 и 348 милијарди долари во изминативе години, според процената цитирана во извештајот.