Фото: МВР

Неоснованите и неаргументирани тврдења за текот на истрагата извршуваат уште еднаш убиство врз жртвите, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“, одговарајќи на прашањето кога и на кој начин е дојдено до сознанија за осомничените како извршители за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој потенцира и дека постапувањата за двата случаи почнале од моментот на пријавувањето.

– Се постапува врз основа на пријавите и тоа веднаш од моментот кога се пријавува. Не сакам шпекулациите да бидат на преден план. Бевте сведоци на шпекулации дека убиствата биле извршени од лица од една или друга етничка припадност, дека им е дозволено да избегаат во Косово, па дека се наоѓа девојчето во некоја џамија во Косово итн. Тоа беа најгнасните лаги и невистини, тоа беше нешто најдолно што може да се случува. Ова се тврдења кои што можат да ги направат само десни екстремистички групи кои што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и сакаат да се предизвика некаква недоверба, страв итн., и покрај брзината и ефикасноста со која работеше полицијата. Прво, во однос на случајот со велешанецот, во однос на пријавата, мора да кажеме дека шпекулации се дека од 22-ри, па дека не се постапувало итн. Значи, пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24-ти вечерта и тоа за исчезнување на лице кое што живеело само, кое што фамилијата, семејството го бара и не го наоѓа и пријавува дека исчезнува лицето. Секако дека нема пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде – објасни Спасовски, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес, а за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето.

Спасовски потенцираше дека Турција е пријателска и братска земја која ја поддржува Македонија од првиот ден од осамостојувањето, одговарајќи на прашањето за екстрадицијата од Турција на првоосомничениот Љупчо Палевски.

– Нашите два народа се мост на соработка меѓу двете држави. Апсолутно сум убеден дека кога станува збор за спроведување на правда, посебно кога станува збор за вакви грозоморни убиства, мислам дека нема воопшто место да размислуваме за таа постапка. Министерот за правда заедно со неговиот тим ги направија сите потребни работи во однос на подготовката на целата документација, преводи кои што се официјални и кои што веќе се доставени во Турција. Информациите се потврдени од страна на турските власти дека се примени сите тие документации во однос на екстрадицијата и јас очекувам дека тој процес ќе тече најбрзо и дека ќе се заврши екстрадицијата на осомничениот – дециден беше Спасовски.