Заминувањето на годишен одмор за многумина значи одмор, релаксација, уживање во откривањето нови области, нови средини, нови луѓе. За жал, некои од нас ги доживуваат најнепријатните искуства токму во деновите кога би требало да бидат комплетно безгрижни. „Нова Македонија“ направи краток преглед на дел од непријатните искуства забележани само деновиве, кои можат да ни се случат на сите за време на годишните одмори доколку не сме доволно внимателни и претпазливи и ако на секој предизвик не му пријдеме аналитично и плански. Во второто продолжение потсетуваме на новите моменти околу исчезнувањето на македонскиот турист во Посиди, Грција, а ви пренесуваме и уште две неодамнешни несреќни случки што опоменуваат и уште еднаш нѐ потсетуваат дека треба да бидеме крајно внимателни

БЕЗ ПЛАН, ГОДИШНИОТ ОДМОР ЛЕСНО МОЖЕ ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО КОШМАР (2)

На Халкидики, во Грција, и вчера продолжи потрагата по исчезнатиот 28-годишен турист Мартин од Македонија, кој се води како исчезнат од саботата попладне, кога бил однесен од силни морски струи, на плажата Мити, во Посиди. Во операцијата од рано наутро беа вклучени три брода и четири патролни возила на крајбрежната стража, како и групи доброволци. Условите во областа што се пребаруваше беа поповолни во однос на претходните 24 часа.
Мајката на исчезнатиот Мартин пристигна со авион од Америка и дојде на Халкидики, каде што заедно со волонтери спасувачи ја следи одблизу потрагата. „Ја напуштив Америка за да дојдам во Грција за да се обидам да го најдам моето дете. Имам голема вознемиреност и исчекување. Имаме вера“, изјави таа за медиумите.
Претседателот на доброволниот спасувачки тим, Христос Рамос, потврди дека благодарение на поволните временски услови за темелна потрага ќе биде употребен и подводен дрон. Камерата на дронот има видливост на длабочина од 100 метри и фронтално на должина од 30 метри.
Како што веќе објавивме вчера, Мартин и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне го славеле роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван. По прославата, влегле во морето и биле зафатени од силни подводни струи што ги оддалечиле од брегот. Уште истиот ден беше спасен 25-годишниот Васил, а Иван 20 часа по исчезнувањето.

МОРСКА СТРУЈА ОДНЕСЕ ДЕТЕ ДАЛЕКУ ОД БРЕГОТ

Јавноста неодамна беше вознемирена и од информациите за инциденти во кои беа вклучени дечиња што со своите семејства или блиски роднини биле заминати на летен одмор, а кои, за жал, резултираа со трагичен крај.
Седумдесет и едногодишен човек од Бугарија заминал на одмор во Грција со својот внук. Двајцата заминале на попладневно капење, а момчето со себе зело и душек. Додека било под надзор на дедото, момчето влегло со душекот во водата, по што силните морски струи го одвеле момчето далеку од брегот. Во моментот кога сето тоа го забележал дедото и кога видел дека момчето го нема, истрчал и се фрлил во морето, со надеж дека ќе успее да го спаси внукот. Меѓутоа, според пишувањето на грчките медиуми, на дедото најверојатно му се слошило од стресот, по што бил пронајден мртов. Капачите го пронашле дедото во несвесна состојба, го ставиле на штица за сурфање, го извлекле од морето и му дале прва помош, но сепак реанимацијата не била успешна.
– Кога видов дека има конци околу срцето, сфатив дека имал операција на срце и дека најверојатно починал како последица на срцев удар од преголемиот стрес – истакна еден од сведоците на трагедијата.
Во целата таа лоша ситуација, како мала утеха била веста дека барем момчето било пронајдено и спасено. Двајца туристи успеале да стигнат до него со кану иако тоа било оддалечено дури 16 километри од брегот на Тасос.
За жал, ова не е првпат морската струја да однесе дете на душек далеку од брегот.
Од тие причини, постојано се апелира до родителите да бидат внимателни и крајно претпазливи со своите деца и да не ги пуштаат сами на душек, туку постојано да бидат покрај нив.

СО ХРАНА ВО ЕГИПЕТ

Уште една трагедија поврзана со летен одмор го потресе светот. Овој пат, шестгодишно момче од Италија почина во летувалиште во Шарм ел Шеик, откако непрекинато повраќало цели 36 часа. Сѐ уште не се јасни точните причини за смртта на момчето. Првично, таткото на момчето се сомневал дека детето проголтало вода од базенот и дека тоа е причината за повраќањето. Сепак, брзата помош му констатирала труење со храна.
Откако почнало да повраќа, детето од лекарите добило третман за труење со храна, исто како и неговите родители, бидејќи и тие ги покажувале истите симптоми.
За жал, детето не реагирало на терапијата и неговата состојба не се подобрила, по што било однесено во болница. За жал, веќе било предоцна. Лекарите цел час се обидувале да го реанимираат, меѓутоа детето веќе не давало знаци на живот.
Неговиот татко бил со потешки симптоми. Тој бил задржан на оддел за интензивна нега, а неговата мајка, која е во четвртиот месец од бременоста, била со полесни симптоми и била пуштена од болница.
Родителите изјавија дека јаделе само во одморалиштето каде што престојувале и каде што се хранеле сите присутни.
Адвокатите на семејството побараа обдукција на телото на детето, а египетскиот суд отвори истрага за смртта.

[email protected]