Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со идеја за афирмација на позитивните вредности на македонското општество, а поаѓајќи од историското наследство и традицијата на Македонија, во која атрибутите на повеќеетничкиот соживот, уважување, почитување, меѓусебно помагање и кохезија се вградени во темелите на државноста (Крушевскиот манифест, манифестот на АСНОМ и денес – Уставот и законите), „Нова Македонија“ спроведе обемна анкета на својот веб-сајт и ги праша граѓаните дали препознаваат меѓуетничка сплотеност во протестите против францускиот предлог. Огромно мнозинство од анкетираните, односно 73,8 отсто од нив, на анкетното прашање одговориле со – да, додека 25,1 отсто одговориле со – не. Во меѓувреме сѐ погласни стануваат пораките и на голем број интелектуалци од сите професии и етникуми против францускиот предлог

МАКЕДОНИЈА МАНИФЕСТИРА ТРАДИЦИОНАЛНА ИСТОРИСКА СПЛОТЕНОСТ И ЗАЕДНИШТВО ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

Наспроти маневрите на политичките субјекти низ институционалните лавиринти за конечна одлука за (не)прифатливост на францускиот предлог за наводно повлекување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, голем дел од македонските граѓани веќе десетина дена континуирано протестираат пред Владата и Собранието (но и пред Министерството за правда и за надворешни работи), со пораката – „Ултиматум – не, благодарам“, јасно ставајќи на знаење како го читаат понудениот компромис од ЕУ. Но покрај изразувањето на пораката од македонската јавност за неприфатливост на францускиот предлог, како своевиден општествен предизвик се наметна тестот на граѓанската, пред сѐ меѓуетничката сплотеност во изразувањето отпор кон предлогот со кој имплицитно на Македонија ѝ се наметнува бугаризација. Со идеја за афирмација на позитивните вредности на македонското општество, а поаѓајќи од историското наследство и традицијата на Македонија, во која атрибутите на повеќеетничкиот соживот, уважување, почитување, меѓусебно помагање и кохезија се вградени во темелите на државноста (Крушевскиот манифест, манифестот на АСНОМ и денес – Уставот и законите), „Нова Македонија“ во анкета на својот веб-сајт го постави следното прашање до своите читатели: Препознавате ли меѓуетничка сплотеност во протестите против францускиот предлог?
Во текот на 24-часовната достапност на анкетата на интернет, на која учествуваа 917 читатели, 73,8 отсто од нив на анкетното прашање одговориле со – да, додека 25,1 отсто одговориле со – не. Околу 1 отсто од учесниците во анкетата не се регистрирани поради непрецизен одговор при оставањето коментари. За два дена имаше вкупно 1.188 одговори, со што процентот на оние што одговориле со – да, се зголеми на 78,9 отсто.
Во дел од коментарите се наведени забелешките: „Делумно има Срби, Турци и други на протестот, но не и многу Албанци“, „Треба да има“. Има и коментари од видот: „Турчинка сум и секој ден сум на протест. Ова е и моја држава. Нас, во Нерези нѐ учеа да ја сакаме Македонија. Ќе протестирам секој ден“, „Ние Власите сме против овој циркус. Срамота“, „Дедо ми беше партизан, моите предци се бореле за Македонија, моите другари се од сите вери и националности… Живеам во Чаир, не смееме да дозволиме Македонија да им се поклони на Бугарите“, „Ова парче земја е наша судбина. Господ рекол заедно да живееме, заедно и ќе се бориме“, „Не е националромантизам да сме обединети, ама на патриотите мора да им дојде памет и да си го едуцираат членството да не пеат националистички песни на протестите. Инаку сме против срамот“.
Поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, кој редовно е присутен на протестите, категоричен е дека од ден на ден повеќе се чувствува сплотеноста на граѓаните во отпорот за прифаќање на францускиот предлог.

– Апсолутно се чувствува меѓуетничката сплотеност на учесниците на протестот, но и во јавниот дискурс во отпорот против францускиот предлог. Морам да забележам дека на протестите не се присутни само од оние националности што се наведени во Уставот, туку има и Црногорци, Хрвати, македонски снаи и зетови, па дури еден од поредовните е и мој пријател од Либан. Инцидентите што се случија минатата седмица, сметам дека беа тенденциозно испровоцирани, токму за да предизвикаат меѓуетнички тензии (дури и судир) и да ја дискредитираат и стават во втор план пораката на протестот. Дури и несоодветно малото обезбедување на протестот од надлежните институции, мислам дека беше дел од сценариото за предизвикување меѓуетнички инцидент. Но, сепак, во другите денови од протестот се покажува сплотеноста на граѓаните на Македонија во пораката за неприфаќање на францускиот предлог – вели Ивица Боцевски.
Надвор од протестите, на социјалните мрежи, коментар што привлече внимание со поддршката на отпорот против францускиот предлог е статусот на младиот Умејр Муамеди, 22-годишен правник од Скопје. Преку пример со свој пријател, Албанец, Муамеди објасни зошто и неговите сонародници треба да застанат во одбрана на Македонија заедно со сограѓаните Македонци.

– Вчера на мој пријател, кој постојано ми викаше дека ние сме Албанци и не треба да ни е гајле за Македонија, му се слоши и викнавме брза помош. Арно ама, брзата помош не дојде ниту од Приштина ниту, пак, од Тирана, туку од „8 Септември“ – Скопје. Од вчера и на него му стана јасно за кого треба да се бориме. За Македонија! – пишува Умејр Муамеди.
Во сличен контекст, поддршка за македонскиот отпор спрема францускиот предлог на преговарачката рамка за ЕУ дава и интелектуалецот од Косово, Халил Матоши, писател, публицист и уредник колумнист во влијателниот косовски весник „Коха Диторе“ од Приштина, во својата колумна со наслов „Да се одбрани С. Македонија!“
– Да молчиш додека гледаш како им раснат канџите на балканските хегемонизми кога маршираат против помалите е исто како да стануваш и самиот жртва на нечија насилничка намера. Бугарското вето на интегрирањето на С. Македонија е израз на задоцнет и бизарен балкански империјализам… Историски е неправедно и морално е сомнително да не се кренеш во одбрана на европската идеја во Скопје и да изигруваш гледач додека Македонија се измачува – пишува во својата колумна Халил Матоши.


Со манифест против францускиот предлог

Како своевиден континуитет во изразувањето на ставот за неприфаќање на францускиот предлог, изразен во неодамнешното писмо на околу 200 интелектуалци објавено и во „Нова Македонија“, овој пат уште 800 интелектуалци од различни професии, кои себеси се именуваа како македонски учители, потпишаа и објавија манифест, изразувајќи го незадоволството од предлогот на францускиот претседател Макрон.
Повикувајќи се на Повелбата и на Општата декларација на ООН за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на Крушевскиот манифест и манифестот на АСНОМ, 800-те интелектуалци го искажуваат незадоволството од предлогот, со кој македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување.
– Францускиот предлог, во кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава, која нема важност пред институциите на ЕУ. Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес, Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоен за ЕУ. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик“ не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ – пишува во манифестот на интелектуалците, испратен до македонскиот претседател Пендаровски, премиерот Ковачевски, францускиот претседател Макрон, но и до високите претставници на Европската Унија и на Европската комисија.
Во манифестот се наведени и програмските цели, посочени во следните точки:
1. Обединување на сите прогресивни и демократски сили во Република Македонија во борбата против ретроградните и романтичарските идеи од минатото;
2. Почитување на волјата и сувереноста на македонскиот народ, а не ултиматумите како нелегитимно и недемократско средство;
3. Замрзнување на преговорите за членство во ЕУ, сè додека Република Македонија и македонскиот народ не добијат извинување за повредата на достоинството, суверенитетот, идентитетот и интегритетот;
4. Почитување на принципите на лингвистиката, историјата, географијата, културологијата како објективни науки, вградени во македонските национални дисциплини;
5. Неоткажување од македонскиот историски, културен и јазичен континуум.