Фото: МВР

На интернет веќе функционира интернет-страницата „Најди ме“, која споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик, но иако страницата постои, не е заживеана целосно. На najdime.org.mk може бесплатно да се креира профил за исчезнати лица. По внесувањето на податоците, автоматски се генерира слика, која може да се искористи за поддршка на полициската потрага

ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ВАЊА ЃОРЧЕВСКА ГИ АКТУАЛИЗИРА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ШТО ЧЕКААТ РЕАЛИЗАЦИЈА

Македонија нема систем за барање исчезнати лица по примерот на американската алатка „Амбер алерт“, за кој неодамна пишувавме, а се имплементираше во соседна Србија. Овој систем се активира кога ќе исчезне некое лице, а сите медиуми, полицијата и сите информативни механизми се вклучени во потрагата со известување за исчезнатото лице. „Амбер алерт“ во Србија беше претставен неодамна, под името „Најди ме“, а проектот наиде на позитивни реакции во јавноста.

МАКЕДОНИЈА НА НОЗЕ

Цела Македонија е на нозе откако пред три дена, во понеделникот, околу 7.30 часот, исчезна 14-годишната Вања Ѓорчевска одејќи накај училиште, во Дебар Маало. Откако мајката на социјалните мрежи побара помош од граѓаните во пронаоѓањето на девојчето, сите се вклучија во споделувањето информации и детали за неа.
Се прегледуваат камери, полицијата активно трага по неа, а и самите граѓани се обидуваат да ја пронајдат, споделувајќи информации за Вања дури и во социјалните групи „Во живо од Грција“, каде што членуваат луѓе од целиот Балкан.
Според досегашните информации, проверен е компјутерот на Вања, со домашните немала никакви проблеми, така што ништо не укажува дека таа избегала оддома поради проблеми. Вања немала никакви проблеми ниту на училиште.
Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, во последните три години, од 2020 до почетокот на месецов, биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца сѐ уште се водат како исчезнати.
Ова го отвора прашањето дали на Македонија ѝ е потребен системот „Амбер алерт“.

КАКО ФУНКЦИОНИРА

Станува збор за механизам со кој преку СМС, објави на телевизија, известувања на аеродроми, хотели, гранични премини се даваат податоци на исчезнати деца за нивно брзо пронаоѓање.
Во светот овој механизам е нашироко во употреба, а од неодамна и Србија имплементира систем за итно известување „Најди ме“, со кој, во случај на исчезнување на малолетно дете, се испраќа итно известување во медиумите на секои 30 минути. Предвидено е медиумите да ја прекинат програмата и да објават фотографија од исчезнатото дете со основни информации. Потоа мобилните оператори ќе им испратат порака на своите корисници за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Во рамките на овој систем е предвидено ЈП „Патишта Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, автобуските и железничките станици на своите екрани да објавуваат информации за исчезнувањето на детето.
Претседателот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека системот ќе се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а ќе функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секој половина час во првите осум часа по исчезнувањето.
– По тие осум часа, до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на објавата ќе мора да продолжи на секој час. Потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациите, освен ако полицијата не го побара тоа – објасни Јуриќ.
Системот „Најди ме“ претставува дополнителен механизам за пребарување исчезнати лица помлади од 18 години и ќе игра важна улога во случаите во кои се оценува дека информирањето на јавноста може да придонесе за побрзо пронаоѓање.
Сепак, нема да биде објавено секое исчезнато дете. Според системот, во оние ситуации кога објавувањето податоци за исчезнување дете го отежнува случајот, се меша во работата на полицијата и претставува опасност за жртвата, началниците на полициските управи ќе направат одлука за активирање на системот врз основа на јасно дефинирани пораки.

СЕПАК ИМА ИНИЦИЈАТИВА ОД НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Прво и основно што треба да се нагласи е дека во земјава веќе две години постои иницијатива овој систем за пронаоѓање исчезнати да заживее, но сѐ уште е на ниво на невладини организации, а МВР дало поддршка за идејата и се јавува како активен соработник.
Овој систем во Македонија е воспоставен од страна на невладината организација „Новинари за човекови права“, во соработка и под проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ.
При промовирањето беше кажано дека во план е да остварат соработка и со банки, па кога луѓето ќе одат да извадат пари, прво што ќе се случи е да излезе фотографија на исчезнатото лице со сите основни податоци. Како што информираа оттаму, идејата е да се соработува и со јавниот градски превоз, такси-компании и со мобилните оператори, хотелите и сите оние места каде што има поголема фреквенција на луѓе.
На интернет веќе функционира интернет-страницата „Најди ме“, која споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик, но иако страницата постои, не е заживеана целосно. На najdime.org.mk може бесплатно да се креира профил за исчезнати лица. По внесувањето на податоците, автоматски се генерира слика, која може да се искористи за поддршка на полициската потрага. По желба, профилот на исчезнатите лица може да се објави и на нивната фејсбук-страница, на Инстаграм и на веб-страница. На крајот, податоците на подносителите ќе бидат проверени од администратор, а потоа објавени.

КОИ ЗЕМЈИ ГО ИМААТ „АМБЕР АЛЕРТ“

И Хрватска има „Нено аларм“ од 2022 година. Кога ќе исчезне дете, хрватската полиција ја известува компанијата „Мета“, која испраќа известување до граѓаните на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм – во радиус од 60 километри од местото каде што детето е видено последен пат.
Системот се користи и во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Бугарија, Италија, Холандија, Бугарија.


Девојчето по кое е именуван системот

Системот „Амбер алерт“ (Amber alert), врз основа на кој е создаден „Фајнд ми“ (Find Me), е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас што било киднапирано и убиено.
Вообичаената полициска практика во светот беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа, за да им се даде шанса на оние што во афект побегнале од дома или отишле кај момче или девојка да се вратат. На овој начин полицијата заштедувала ресурси, но трагичниот настан во 1998 година ги променил сите процедури и светот го добил системот „Амбер алерт“, кој во голема мера ги зголемува шансите за пронаоѓање на исчезнатите деца.
Системот „Амбер алерт“ го добил името по девојчето Амбер Хагерман, кое живеело со родителите и помладиот брат во Арлингтон, Тексас, Соединетите Американски Држави. Амбер била девојче што живеело типичен американски живот, возело велосипед, било во извидници и не се разликувало од своите врсници.
Сето тоа се сменило на 13 јануари 1996 година. Нејзиниот помал брат и таа ги возеле своите велосипеди до паркингот на една напуштена продавница, бидејќи таму била инсталирана рампа за велосипеди, па сите деца се собирале таму. Нејзиниот брат си заминал, но таа останала, што било и фатална грешка.
На нејзиното киднапирање посведочил еден постар жител на Арлингтон, кој подоцна сведочел дека видел црн автомобил или пикап со темна боја како застанува, а возачот го грабнува детето. Девојчето врескало и се обидело да избега, но возачот бил пресилен за детето, кое не успеало да се спаси.
Сведокот повикал полиција и го пријавил случајот. Патролата пристигнала брзо и го снимила описот даден од сведокот, дека киднаперот е бел или Шпанец, на возраст меѓу 25 и 40 години, просечна висина, просечна градба. Опис што не може многу да ѝ помогне на полицијата.
Иако сведокот бил стар, а описот општ, почнала опсежна потрага, а бидејќи станувало збор за киднапирање, се вклучиле и агентите на ФБИ. Во претресот учествувале дури 60 полицајци. За жал, сето тоа било залудно.
Случаен минувач шетајќи го своето куче го пронашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток. Местото каде што било пронајдено телото било на помалку од 10 километри од паркингот каде што се случило киднапирањето.
Обдукцијата ја реконструираше агонијата низ која поминало детето. Криминалецот ја одржувал во живот два дена, ја тепал и ја силувал, а потоа ѝ го пресекол грлото. Телото било пронајдено без облека, само со еден чорап.
Нејзиниот убиец никогаш не бил изведен пред лицето на правдата.


Спасени животи

Американската јавност беше толку шокирана што реши да преземе акција и да создаде систем што ќе ги зголеми шансите за преживување на децата што се жртви на криминални киднапирања. И создаден е системот „Амбер алерт“, кој го носи името во чест на убиеното девојче од Арлингтон, а благодарение на кој се спасени безброј животи.
„Амбер алерт“, односно системот „Најди ме“, е важен затоа што времето е пресуден фактор. Експертите велат дека е важно јавноста што поскоро да биде информирана, бидејќи во такви случаи секоја информација е важна.
– Имајќи предвид дека е докажано дека првите 48 часа по исчезнувањето се клучни за пронаоѓање дете, медиумите се обврзани да информираат во тој рок, почнувајќи од приемот на информацијата за исчезнувањето – објаснуваат експертите што работат на оваа проблематика.
Според нив, првите два дена се клучни.
– Првите 48 часа се клучни за пронаоѓање на детето, поради што времетраењето на ваквото јавно информирање е ограничено на тој период. Заклучокот е дека, по правило, времетраењето на системот не смее да биде предолго, за да се задржи ефектот на сензибилизирање на јавноста. Во земјите каде што се спроведува, во најголем број случаи системот „Амбер алерт“ трае 24 часа, меѓутоа во Франција трае четири часа, а во Грција 48 часа – велат упатените.
Според истражувањата, во повеќето случаи злосторството се случува во првите четири часа од киднапирањето, така што времето е од суштинско значење, а системот за предупредување „Амбер алерт“ ги зголемува шансите за преживување на детето за над 90 проценти.