Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти детали од истрагата поврзани со смртта на ракометарот на Бутел, хрватскиот интернационалец Денис Тот (27).
Во врска со случајот за починатиот Д.Т. по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени се следните факти, соопшти МВР.
– На 7 април, околу 3.30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р.Хрватска, со привремен престој во Македонија и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) од Скопје, при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест – наведуваат од МВР.
Од страна на Итна медицинска помош лицето било пренесено во Ургентен центар при Клиниките „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош со реанимација и бил ставен на апарати за дишење, во критична состојба.
Според лекарите повредениот имал престанок на работата на срцето и бил во животна опасност. Во текот на вчерашниот ден им подлегнал на повредите.
За настанот, како што информира МВР, бил известен дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје и по негова наредба телото на починатиот е предадено на обдукција.
– Воедно обезбедени се видео записи од безбедносни камери, „Сејф Сити“ и ноќниот клуб, а од страна на ЕУМНА при СВР Скопје подигнати се предмети од починатиот што ќе бидат предадени во ОКТИВ при МВР за вештачење. Вчера во просториите на ЕНК при ЕВР Скопје во присуство на бранителот, извршен е службен разговор со повеќе лица меѓу кои и двајца од осомничените. Постапувајќи по Наредба издадена од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на 8 април, извршен е претрес во домот на лицето А.Ѓ. кој е недостапен на органите на прогонот и со потврда за привремено одземени предмети одземени се предмети што ќе бидат доставени на вештачење во ОКТИВ при МВР – наведено е во соопштението од ресорното министерство.
Од таму додаваат дека по лицето А.Ѓ. (28) од Скопје е распишан централен распис а од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје е доставен соодветен поднесок.