Кривичниот суд го прифатил предлогот на обвинителството за определување на триесет дневен притвор за Сашо Мијалков обвинет во предметот „Плацеви на Водно“.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОK бр. 63/21 во јавноста познат како „Плацеви на Водно“, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена – стои во соопштението од Кривичниот суд.
Додаваат дека Советот сметал дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 односно дека постои опасност од бегство.
– Решението е во фаза на експедирање до странките во постапката кои имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје – се истакнува во соопштението.
Утрово Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра за Мијалков по што тој требаше да излезе од притвор.