СТАТИСТИКАТА СО ОДГОВОР ЗОШТО ОД НОЕМВРИ ДО МАРТ СЕ СЛУЧУВААТ НАЈГОЛЕМИТЕ ПОЖАРИ
Одредени уреди што сите ги користиме и ги имаме во нашите домови можат да станат вистински „темпирани бомби“ доколку се користат на неадекватен начин или се оставаат без надзор. Има една работа што сите ја правиме, а може да нѐ чини губење на покривот над главата. Според експертите, ниту еден уред што се користи во домаќинството не е опасен доколку се користи соодветно
Повеќе од сто илјади лица на годишно ниво умираат од пожари во домот низ светот, најчесто во зимските периоди кога луѓето поминуваат повеќе време дома отколку надвор. Само во Соединетите Американски Држави, во периодот од 2013 до 2017 година, 47 проценти од пожарите во домаќинствата и 56 проценти од пожарите во кои имало и жртви се случиле во периодот од ноември до март, и тоа од пет до осум часот попладне. Тоа е периодот кога повеќето од луѓето доаѓаат дома од работа, приготвуваат вечера и извршуваат други домашни работи. Само 19 проценти од пријавените пожари се случиле во периодот од 23 навечер до седум часот наутро, период во кој вообичаено повеќето спијат. Педесет и два процента од тие пожари резултирале фатално за луѓето, бидејќи спиеле и не можеле да го откријат пожарот навреме.
Потенцијално ризични уреди
Одредени уреди што сите ги користиме и ги имаме во нашите домови можат да станат вистински темпирани бомби доколку се користат на неадекватен начин или се оставаат без надзор. Има една работа што сите ја правиме, а може да нѐ чини губење на покривот над главата.
Според експертите, ниту еден уред што се користи во домаќинството не е опасен доколку се користи соодветно.
Неодамна во соседна Србија до темел изгоре цела куќа, а како причина за пожарот е лаптоп што бил поврзан на полнач. Експертите предупредуваат дека сите уреди за домаќинство мора да се користат во согласност со упатствата, а дека и најобичните полначи, за телефон или лаптоп, можат да предизвикаат пожар во кој може да останете без дом.
– Сите уреди што се купуваат во продавниците подлежат на сертификати и гаранции, употребата на уредите и можните опасности зависат од нас. Важно е да ги следите упатствата дадени од производителот кога ги користите овие уреди. Доколку забележите дека нешто не е во ред, без разлика дали станува збор за бела техника, компјутери, клима-уреди, електрични инсталации, грејни тела, мора веднаш да повикате овластен сервисер или да го однесете уредот во сервис – објаснува пожарникар, кој сакаше да остане анонимен.
Тој потенцира дека секој уред што не се користи правилно носи со себе опасност.
– Како можеме да препознаеме дека нешто не е во ред со тие електрични уреди – тие прво почнуваат да се загреваат, ако чувствуваме, на пример, дека полначот од лаптоп или телефон е навистина топол кога сакаме да го исклучиме, тоа значи дека нешто не е во ред. Денеска осигурувачите се претежно автоматски, па ако се случи да пукне осигурувачот, тоа значи дека нешто не е во ред некаде во електричната инсталација, дека има оптоварување и треба да реагираме и да повикаме мајстор – истакнува нашиот соговорник.
Тој особено нагласува дека полначите за компјутери и телефони никогаш не треба да се оставаат приклучени откако ќе заврши полнењето.
– Полначите не треба да ги оставаме во продолжни кабли или приклучоци, туку целосно да ги отстрануваме од мрежата. Опасно е да ги оставите вклучени бидејќи може да дојде до дефект. Сите велиме „нема да ми се случи“, но треба да се однесуваме така што никогаш да не се случи, а не да искушуваме – вели тој.
Правила за ракување
Пожарникарите велат дека секој уред има упатство за употреба, па дури тоа и воопшто да не изгледа како опасен уред. Тие велат дека телевизорите, лаптопите, клима-уредите не се апарати што треба да бидат вклучени и да работат 365 дена во годината.
– Треба да ги исклучуваме кога ќе излеземе од станот подолго време, да не ја оставаме климата да работи кога не сме дома. Ако патуваме неколку дена, треба да ги исклучиме сите апарати, особено греалките. Греалките никогаш не треба да се покриваат со ткаенини или со други материјали, ниту пак да се оставаат во близината на завеси или прекривки, парчиња мебел. Може да дојде до прегревање и нешто да се запали – вели нашиот соговорник.
Пушењето и готвењето се исто така ризик-фактори
Пушењето е еден од главните ризик-фактори за да се случи пожар во домот. Најчесто, причина за пожар предизвикан од никотинското уживање се неизгасната цигара, заборавена цигара или, пак, паднат жар на лесно запалив материјал. Пушењето е причина за повеќе од илјада пожари во домови на годишно ниво.
Во Соединетите Американски Држави, но и во Европа, доста честа причина за пожар е невнимателноста при готвењето. Во САД, дури 42 проценти од пожарите се случиле за време на готвење на гас. Но причина за пожар е и невнимание при готвење на електричен шпорет, заборавена рингла или, пак, тенџере. Пламените јазици од ринглите многу брзо можат да излезат од контрола и да ја зафатат целата кујна, проширувајќи се на остатокот од куќата. Затоа е потребна особена внимателност кога станува збор за готвењето.
Освен тоа, експертите предупредуваат дека никогаш не треба да ја оставате храната на шпорет, а за тоа време да одите на фризер или во продавница.
– Ова е нешто што често го прават луѓето. Или, да речеме, ставаат ручек, па легнуваат да дремат. Покрај опасноста од пожар, чадот што се создава од согорувањето на храната може да биде опасен – велат тие.
Украсни светилки, свеќи, греење на дрва, оџаци…
Создавањето пријатна празнична атмосфера во домот со трепкачките светилки или, пак, со тоа што ќе запалите ароматични свеќи колку и да е убаво, сепак со себе носи огромни ризици. Повеќе од 18 илјади пожари во домот, на годишно ниво во САД, се предизвикани токму од такви причини. Најчеста причина е негрижата. Доста често свеќата се остава без надзор или се остава да догори, а тоа е опасност домот да биде проголтан од пламени јазици.
И љубопитноста на малите деца е доволна причина за пожар, бидејќи тие не се запознаени со опасноста што играта со пламенот може да ја предизвика. Па така, децата најчесто играат со кибрити, запалки и свеќи, а сето тоа, само во САД резултирало со 56.300 пожари во период од четири години.
И во Македонија доста често се случуваат несреќи предизвикани од гас, кој во домаќинствата најчесто се користи за готвење. И Македонија памети голема несреќа предизвикана од гас. Таа се случи во Романовце, резултира со седум жртви, кои починаа како резултат на фатални изгореници од трет и од четврти степен.
Греењето на дрва, исто така, е огромен ризик за избивање пожар. Попуштање на вратичката на печката на дрва и паѓањето на жарот низ подот може да резултира со пожар, кој лесно може да го зафати целиот дом. И неисчистените оџаци во домаќинствата каде што греењето е со печка на дрва резултира со голем број пожари и во Македонија. Затоа „Нова Македонија“ направи и опсежна анализа за тоа на кои начини може да се превенира тоа.
Ризична група
Постарите лица, наркозависниците, алкохоличарите, децата и лицата со одреден инвалидитет се ризик-група што најчесто не ги преживува пожарите.
Постарите лица не се подвижни, слухот, видот и рефлексите повеќе не ги служат, па затоа тие спаѓаат во ризичната група. Неможноста да слушнат и да изреагираат навремено носи ризик за нивните животи.
Наркозависниците и алкохоличарите исто така спаѓаат во ризичната група, па затоа и дрогата и алкохолот се едни од главните ризик-фактори за избивање пожар. Секако, не сами по себе, туку доколку одредено лице е под нивно дејство. Во издрогирана или алкохолизирана состојба, лицето не е свесно за опкружувањето, па доста често и завршува како жртва во пожар.
И самотијата е смртоносна. Поголемиот број студии покажуваат дека кога човек живее сам постојат поголеми шанси да настрада во пожар.
Во ризичната група спаѓаат и децата, кои воопшто не се свесни за опасноста од пожарот. Погоре наведовме дека тие доста често низ игра се запознаваат со огинот, па невниманието на возрасните и незнаењето на децата за опасноста на која се изложуваат резултираат со сместување на најмалите во ризичните групи.