Криминалот и загадувањето на прв поглед се сосема различни општествени феномени и немаат допирни точки. Интерпол минатиот месец објави извештај за поврзаноста помеѓу организираниот криминал и загадувањето. Од досегашното искуство, насобрано од многубројните акции на Интерпол поврзани со загадувањето и криминалните организации, донесен е заклучок дека со криминалните дела поврзани со кривичното дело „загадување“ биле вмешани и други посериозни кривични дела

Интерпол извести за поврзаноста помеѓу организираниот криминал и загадувањето

Новиот извештај на Интерпол опфаќа огромен број информации што се сублимирани во длабинско испитување на 27 студии на случаи на криминал поврзани со загадувањето. Сите тие студии се споделени од органите за спроведување на законот во земјите-членки на оваа организација. Иако повеќето случаи доаѓаат од европските земји, истрагите покажуваат дека поврзаноста на организираниот криминал и делата со кои се загадува е глобален општествен феномен од понов датум, кој вклучува широк спектар на сторители и организациски структури.

Стотици милиони долари заработка

Факт е дека со загадувањето не се уништува само природата туку се нанесуваат катастрофални последици по животната средина и бизнис-заедницата и сериозно се нарушува владеењето на правото. Исто така, непоправлива е и штетата на државните буџети, бидејќи се трошат илјадници евра, за да се санираат последиците од делата против животната средина.
Новиот извештај на Интерпол во кој се обработени голем број студии на случаи покажува огромна заработка на државите од изречени казни за загадување, што всушност покажува дека проблемот со делата против животната средина е многу посериозен отколку што изгледа. Се проценува дека приходите на криминалните организации што на некој начин заработиле од реализација на ова кривично дело изнесуваат половина милијарда американски долари, и тоа само за оние 27 случаи што се опфатени во извештајот.
Државите, пак, плаќаат баснословни суми за санирање на последиците од загадувањето и тие се движат од шест до 27 милиони американски долари.
За да ги затскријат трагите на делата против животната средина, сторителите систематски вршат серија измами со документи и финансиски криминал, вклучувајќи и даночно затајување и перење пари. Во некои случаи за кои е потребно соучесништво од јавни службеници, сторителите исто така прибегнувале кон поткуп, изнуда и измама, а тоа значи дека во нишката кривични дела не е само загадувањето туку се провлекуваат уште десетици други дела.
Пластични примери за тоа се неколкуте случаи обелоденети во извештајот.
Во еден случај, организираните криминални групи незаконски извезувале комунален отпад од Обединетото Кралство и го депонирале во Полска. Притоа, во фалсификувани документи лажно навеле дека го отстрануваат отпадот од легитимни локации со седиште во Обединетото Кралство. Нелегалното депонирање, кое било соодветно наплатено, резултирало со 30-40 пожари на илегални отпади во Полска.
Во Шпанија, пак, една компанија увезувала отпадни гуми од други европски земји, а потоа ги препродавала како гуми за втора употреба во земјите во Африка, Карибите и Латинска Америка. Тоа го правеле и покрај фактот што гумите биле неправилно складирани во несоодветни услови и не биле во согласност со законски пропишаните правила. Компанијата не пријавила увоз на гуми за да избегне даноци и ги перела заработените пари преку набавка на недвижен имот, возила, накит и виртуелни валути.

Вистинското лице на криминалот со загадувањето

Криминалот со загадувањето често е дел од организиран криминал, спроведен со иновативни и софистицирани методи, но не секогаш се појавува во една единствена форма. Има случаи во кои се вклучени мафијашки или криминални групи, но поразувачки е фактот што сѐ поголем е бројот на поединци и бизнисмени што работат под закрила на легално отворени фирми со сосема друга дејност, а преку која илегално се занимаваат со дела против животната средина.
Повеќето од случаите што се анализирани во извештајот на Интерпол биле прекугранични, што ја нагласува важноста на меѓународната полициска соработка во борбата против криминалот со загадувањето.
Делата против животната средина речиси секогаш се сметаат како високопрофитни и дела со низок ризик, бидејќи се многу тешки за откривање.
За да се надминат ваквите пречки, извештајот на Интерпол препорачува да им се посвети поголемо внимание на истрагите поврзани со делата против животната средина и интегрирање на алатките и техниките што се користат против организираниот и финансискиот криминал. Тоа може да се направи преку мултидисциплинарна обука на истражителите или формирање постојани повеќеагенциски работни групи.


И Македонија сериозно се зафати со проблемот

Екоцид е новото кривично дело што е предвидено да се воведе со измените на Кривичниот законик во земјава. За екоцид, според измените, сторителите ќе можат да добијат парични казни, но и доживотен затвор.
Екоцидот, што всушност ќе подразбира предизвикување пожари на шуми, излевање нафта/хемиски отпад, дренирање блатски екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејства или пропуштање дејства што би довеле до масовно уништување на екосистемите, загадувањето на животната средина, ќе биде на листата на најтешки кривични дела, бидејќи е дело направено со умисла.
Тоа значи дека најстрого ќе се санкционираат дела со кои се уништува природата до тој степен во кој тешко ќе оди обновувањето на растителниот и животинскиот свет.