Фото: ЕПА

Ема Коронел Аиспуро, сопругата на озлогласениот мексикански наркобос Хоакин Гузман-Ел Чапо, е ослободена од американски затвор откако помина две години зад решетки во Лос Анџелес, бидејќи му помогнала на својот сопруг да дистрибуира дрога вредна милијарди долари и за перење пари во САД. Триесет и четиригодишната мајка на две деца сега е подготвена да започне нов живот без својот сопруг Ел Чапо. Сега многумина се прашуваат која е поранешната убавица и како станала најблиска доверлива сојузничка на најозлогласениот наркобос на светот? Ова е приказната за Ема Коронел Аиспуро…

Најопасната жена на светот повторно е на слобода

Ема Коронел Аиспуро, сопругата на озлогласениот мексикански наркобос Хоакин Гузман-Ел Чапо, е ослободена од американски затвор откако помина две години зад решетки во Лос Анџелес бидејќи му помогнала на својот сопруг да дистрибуира дрога вредна милијарди долари и за перење пари во САД. Како шеф на озлогласениот картел Синалоа, 66-годишниот Гузман управуваше со трговијата и шверцот со дрога во Мексико 25 години. Околу себе имаше собрано и група луѓе подготвени да убиваат, киднапираат и мачат.
Гламурозната 34-годишна сопруга и мајка на две деца сега е подготвена да започне нов живот без својот сопруг, а многумина се прашуваат која е поранешната убавица и како станала најблиската доверлива сојузничка на најозлогласениот наркобос на светот?

КАКО ЗАПОЧНА ЉУБОВТА СО ЕЛ ЧАПО

Неодамна ослободената затвореничка била родена во ранчерско семејство во близината на Сан Франциско во 1989 година, а пораснала во зафрленото село Дуранго Ла Ангостура, во Мексико. На 17-годишна возраст таа стана кралица на убавината, кога победи на изборот за убавина како дел од фестивалот на кафе „Гуава“ во Мексико во 2007 година.
Оваа убавица, која има двојно државјанство, не е прва во семејството што се поврзува со картели. Имено, нејзиниот татко Инес Коронел Барерас бил еден од најдоверливите соработници на Ел Чапо пред неговото апсење во 2013 година.
Како се запознала со Ел Чапо?
Ема го запознала наркобосот кога тој ја замолил да танцува со него на забава во Мексико кога имала 17 години.
„Ми се насмевна заводливо. По некое време, една личност ми пријде и ми рече: Тој човек прашува дали сакаш да танцуваш со него. Јас реков ок„, изјави таа за „ЛА тајмс“ во едно од нејзините ретки интервјуа.
Обичен танц прерасна во бурна романса, а Ема набрзо ја доби титулата трета сопруга. Тие се венчаа откако таа наполни 18 години. Ел Чапо е 32 години постар од неа, а нивните две ќерки се најмладите од деветнаесетте деца за кои се вели дека се негови.
Коронел Аиспуро ги роди близнаците Емали и Марија Хоакин во болницата „Антелопе Вали“ во Ланкастер, Калифорнија. Името на Гузман беше испуштено во изводите на нивните деца бидејќи американскиот Стејт департмент понуди награда од пет милиони долари за неговото апсење во моментот на нивното раѓање.
За време на судењето, наркокралицата Ема го молела судијата да не дозволи ќерките „да растат без присуство на мајка“, па се очекува таа да ја искористи новооткриената слобода за да се врати во прегратките на своите ќерки.

Каква беше нејзината улога во познатата наркоимперија?

Во февруари 2021 година, таа беше приведена од ФБИ на меѓународниот аеродром „Далас“ во Вашингтон, под обвинение за трговија со дрога.
Според обвинителите, Ема помогнала во водењето на наркоимперијата на нејзиниот сопруг помеѓу 2014 и 2017 година и, како што велат, тесно соработувала со командната и контролната структура на картелот Синалоа. Таа беше обвинета дека дистрибуирала големи количества дрога што била прошверцувана во САД.
Коронел Аиспуро му помогна на својот сопруг да избега од најбезбедниот затвор во Мексико во 2015 година, купувајќи земја што беше искористена за копање на подземниот тунел, што на крајот го доведе до слобода. Обвинителите рекоа дека таа исто така шверцувала ГПС-часовник преку обезбедувањето на затворот, откако го маскирала како храна. Наркокралот, како што го нарекуваат Ел Чапо, ја користел сопругата и како „гласник“, па таа пренесувала пораки меѓу него и другите членови на картелот додека бил во затвор, објави тогаш обвинителството.
Во 2021 година, Ема Коронел Аиспуро се изјасни за виновна за помагање во увозот на повеќе од 450.000 килограми кокаин, 90.000 килограми хероин, 45.000 килограми метамфетамин и околу 90.000 килограми марихуана. Таа исто така учествуваше во два обида да го ослободи својот сопруг Ел Чапо од затвор. Станува збор за едно успешно бегство од 2015 година и уште еден неуспешен обид, кој се случил една година подоцна, додека тој чекал екстрадиција во САД.
Првично соочена со максимална затворска казна од десет години, Коронел Аиспуро доби релативно лесна казна поради недостигот од криминално досие и фактот што таа не беше вклучена во насилните активности на картелот Гузман. Како дел од нејзиниот договор за признавање вина, таа исто така на властите им предаде 1,5 милион долари заработени од дрога. Ослободена е по 27 месеци затвор.

Ема Коронел Аиспуро даде безрезервна поддршка на судењето на нејзиниот
сопруг

Посветената сопруга Коронел Аиспуро присуствуваше на судењето на нејзиниот сопруг секој ден како поддршка. Таа се појави во скапа дизајнерска облека и со големи очила за сонце на лицето, а бидејќи шпанскиот ѝ е мајчин јазик, таа носеше слушалки и го слушаше преводот во текот на целиот судски процес.
За време на судењето на Ел Чапо, поранешната кралица на убавината објави и инспиративни цитати за љубовта и лојалноста на нејзиниот профил на Инстаграм, кој подоцна го избриша. Позната по тоа што не дава интервјуа, тогаш направи дури и исклучок и даде ретко интервју во кое го претстави Ел Чапо како љубен татко и сопруг.
Кога пристигна пресудата на Ел Чапо, тој се сврте да ја погледне својата сопруга уште еднаш и ја бакна. Борејќи се со солзите, таа потоа му се насмевна и му упати палец нагоре.
Ел Чапо беше осуден на доживотен затвор и ќе ги живее деновите во затворот што го нарекуваат „високотехнолошка верзија на пеколот“.