До Квон, осомничен дека со неговата криптовалута оштетил над 200.000 луѓе за околу 40 милијарди долари

За најбараниот бегалец од Јужна Кореја, „криптокралот“ До Квон, кој на пошироката јавност ѝ стана познат по падот на неговата криптовалута кога оштети над 200.000 луѓе за околу 40 милијарди долари, има индиции дека се крие во некоја од земјите од Балканот. Наводно, според информации од светски медиум, чии извори на брифинзите се од истражниот тим на Интерпол, негова претпоследна дестинација била Дубаи, од каде што се упатил на Балканот

Уште еден „криптокрал“ на листата најбарани на Интерпол поврзан со Балканот

Јужнокорејските власти тврдат дека До Квон, неуспешниот „крал на криптовалутите“, кој стои зад загубата од неверојатни 40 милијарди долари, се крие на Балканот. Триесет и едногодишниот Квон во својата земја е обвинет за измама и кршење на законите за пазарот на капитал, а во моментов го бараат три земји, Јужна Кореја, Сингапур и Америка. Според последните информации од неговата матична земја има индиции дека тој се крие во Србија. „Фајненшл тајмс“ објави дека Јужна Кореја контактирала со властите во Белград. Медиумот пишува дека „и покрај тоа што меѓу двете земји (Србија и Јужна Кореја) нема договор за екстрадиција, првичен контакт сепак бил направен, со цел да се постигне решение за негова екстрадиција во земјата.

КОЈ Е ДО КВОН?

Квон До-Хјун, попознат како До Квон, е јужнокорејски коосновач и извршен директор на „Тераформ лабс“ со седиште во Сингапур, матичната компанија на урнатиот стабилкоин тера УСД и на луна – двете криптовалути.
Во мај годинава двете криптовалути пропаднаа, со што беа избришани милијарди долари од пазарот и за една недела предизвикаа стотици милијарди загуби на поголемиот пазар на криптовалути. Квон се соочува со правен и социјален притисок поради неговата улога во целиот распад. Граѓаните на Јужна Кореја, Сингапур и на САД преземаат правни мерки против него, со цел наплата и обесштетување.
Неговата биографија им е добро позната на сите што се чувствуваат измамени. По завршувањето на образованието тој се преселил во САД, каде што работел како софтверски инженер за „Мајкрософт“ и „Епл“. Во јануари 2016 година се вратил во Јужна Кореја и во 2018 година станал коосновач на „Тераформ лабс“, заедно со претприемачот Даниел Шин. Компанијата ја создаде криптовалутата наречена луна, која почнаа да ја продаваат во 2020 година. Блокчејнот Тера, кој ги вклучува двете криптовалути, имаше стабилни економски параметри.
Тера УСД стабилкоин користел алгоритам поврзан со понудата на луна за одржување на вредноста од околу еден долар, за разлика од другите монети што се врзани за готовина. Вредноста на луна во април 2022 година достигна вредност од над 116 долари.
Квон работел и на различни блокчејн-проекти, вклучувајќи ги „Мирор“, „Присм“, „Астропорт“ и „Анчор“. Токенот за „Мирор“, познат како МИР, работел на децентрализирана финансиска платформа поврзана со тера. „Мирор“ им овозможувал на луѓето да ги заобиколат тековните ограничувања на акции и други средства со тоа што го олеснувал тргувањето.
По колапсот на сестринските валути луна и тера УСД во мај 2022 година, „Тераформ лабс“, во јуни годинава, започна со тргување со нова криптовалута наречена луна 2.0. Сепак, објавувањето на луна 2.0, кое сега се нарекува само ЛУНА на платформите за тргување, наиде на реакција од инвеститорите и критичарите.

ПРВИ СО ИСТРАГА ПОЧНАА АМЕРИКАНЦИТЕ

Американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ) започна со истрага на „Тераформ лабс“ во јуни 2022 година за да утврди дали маркетингот на стабилкоинот тера УСД ги прекршува федералните регулативи за хартии од вредност и инвестициските производи. По падот во мај 2022 година, истрагата на СЕЦ се обидува да утврди дали тера УСД и неговите основни алгоритми ги прекршиле федералните прописи за заштита на инвеститорите. И покрај тоа што „Тераформ лабс“ е со седиште во Сингапур, тера УСД потпаѓа под прописите на СЕЦ бидејќи Американците го купија токенот за да финансираат бизнис или да бараат профит.
Во мај 2022 година, членовите на корејскиот парламент и владините власти повикаа на потенцијална парламентарна расправа во врска со „Тераформ лабс“ и нејзиниот основач Квон, наведувајќи го недостигот од регулаторна рамка како главна причина за попречување на истрагата за настаните што се случиле.
По истрагата на Националната даночна служба на Кореја, од основачите на „Тераформ лабс“, Квон и Даниел Шин, беше побарано да платат дополнителни даноци во вредност од приближно 100 милиони долари. Сепак, двајцата основачи одбиле да платат со образложение дека подружниците на „Тераформ лабс“ не се корејски ентитети. Како и да е, Националната даночна служба тврдеше дека со оглед на тоа што „основачите донеле практични одлуки за управување“ за време на нивниот престој како официјални резиденти во Кореја, трансферот на средства помеѓу филијалите и нивната добивка што ја остварува секој ентитет треба да биде во согласност со корејската јурисдикција.
Пред истрагата на СЕЦ за тера УСД, Комисијата за хартии од вредност на САД судски ги повика „Тераформ лабс“ и Квон во 2021 година, во врска со „Мирор“, кој дизајнираше и нудеше финансиски деривати што практично ги „отсликуваат“ акциите на берзата. Квон одговори со изјава дека нема да ги исполни барањата и наместо тоа ќе ја тужи СЕЦ. И покрај обидите на Квон да ги оспори и избегне истрагите на СЕЦ, сослушувањето во Окружниот суд на САД во Менхетн во февруари 2022 година пресуди во корист на правото на СЕЦ да продолжи да ги истражува лабораториите „Квон“ и „Тераформ“.

ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ

Почнувајќи од 9 мај 2022 година, „Тераформ лабс“ се најде на насловните страници откако почна да ја раскинува својата врска со американскиот долар. Во текот на следната недела, цената на тера УСД падна на 10 центи, додека луна падна од највисоко ниво на сите времиња на „практично нула“.
Колапсот збриша речиси 45 милијарди долари пазарна капитализација за една недела. Несреќата придонесе за загуба на стотици милијарди долари низ криптосистемот.
Со околу 200.000 јужнокорејски инвеститори на луна, кои останаа оштетени во падот, стана јасно дека ѓаволот ја однесе шегата. Корејските инвеститори најавија дека ќе поднесат колективна тужба против „Тераформ лабс“, а јужнокорејската влада, исто така, најави дека ќе го гони коосновачот Квон со кривична пријава. Заклучно со 17 мај, повеќе од 1.600 инвеститори се пријавиле за поднесување тужби до домашни адвокатски канцеларии.
Во Соединетите Американски Држави, на 17 јуни 2022 година, во Окружниот суд за северната област на Калифорнија беше поднесена колективна тужба против „Тераформ лабс“ и против Квон дека нудат нерегистрирани хартии од вредност додека ги доведуваат инвеститорите во заблуда за нивната одржливост.

ИНТЕРПОЛ ја интензивира потрагата по криптокралот До Квон

Во јуни годинава, обвинителите барале да му се поништи јужнокорејскиот пасош на Квон. На 14 септември 2022 година, судот во Јужна Кореја издаде налог за негово апсење и на уште петмина други за наводно кршење на корејскиот закон за пазарот на капитал. Обвинителството соопшти дека сите шест лица се во Сингапур. Во септември 2022 година, во Високиот суд на Сингапур беше поднесена тужба од 56,9 милиони долари против Квон, „Тераформ лабс“, Николаос Александрос Платиас и гардата на фондацијата „Луна“.
На 19 септември 2022 година, јужното окружно обвинителство во Сеул објави дека ја започнало постапката за ставање на Квон на црвената листа на Интерпол и за одземање на пасошот. Ваквите налози им се издаваат на бегалци што се бараат или за кривично гонење или за издржување казна
Деновиве беше објавено дека Квон, всушност, се крие во Србија. Како што објави „Фајненшл тајмс“, тој од Сингапур преку Дубаи пребегал во Србија, а таму се крие бидејќи двете земји, Србија и Јужна Кореја, немаат договор за екстрадиција. Квон неодамна на својот твитер-профил се огласи и порача дека не е во бегство и дека ништо не крие. Но во таа пригода тој не откри каде точно се наоѓа.

[email protected]