Имавме една постапка која се надевам друг пат нема да се повтори, истакна поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната јавна седница во Апелација за случајот „Таргет-Тврдина”, напоменувајќи дека пресудата со која е осудена на четири години затвор претставува куриозитет.
Јанкулоска во жалбата го спореше вештачењето за вредноста на опремата, бидејќи не се гонеше за нелегалното прислушување, туку за уништување на еден од системите за прислушување. Поранешната министерка кажа дека вештачењето е изготвено од лице без лиценца.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, првообвинетиот Сашо Мијалков, доби затворска казна од 12 години за случајот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од (УБК). Јанкулоска е осудена на четири години, откако судот пресуди дека таа ја спровела наредбата на Мијалков, формирала комисија и ја уништила опремата со која нелегално се прислушувало. На тогашниот началник на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски, кој заедно со Мијалков учествувал во прислушувањето, му е досудена 15 години. На Никола Бошкоски кој исто така е во бегство му е изречена 15-годишна затворска казна.