Употребата на огнено оружје се санкционира по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а во зависност од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години
ПРОДОЛЖУВААТ СТРЕЛБИТЕ ОД ОГНЕНО ОРУЖЈЕ НА СЕМЕЈНИТЕ ПРОСЛАВИ
Летото е веќе тука, а тоа значи и почести семејни прослави кај граѓаните. Тоа е така поради убавото и стабилно време, а и поради тоа што повеќето наши државјани што се на привремена работа во странство во овој период од годината се враќаат во земјава. И кај македонскиот народ, но и кај Албанците и кај Србите, постојат некои традиции, кои сега се чинат како анахрони, но и сериозно небезбедни по здравјето и животот на луѓето.
Традицијата, обичаите, установените правила на поведение на прославите се навистина убава работа, но доколку прославите не звучат како да се случува „војна“. Речиси нема прослава во земјава што не е проследена со пукотници од пиштоли, а понекогаш се слушаат и пукотници од автоматски огнени оружја. Огнометот не го ни споменуваме, бидејќи тој веќе стана рутина, па, така, се пука огномет и за родендени, па и рекреативно.
ГРАЃАНИТЕ СЕ ПЛАШАТ ЗА СВОИТЕ ЖИВОТИ
Речиси нема населба во која имало поголема прослава, а да не се пукало со огнено оружје и кај македонските и кај албанските граѓани. Таквиот вид прослави многупати досега завршувале неславно и катастрофално, затоа што куршумите завршувале на непредвидени места. Токму неодамна на социјалните мрежи, во една албанска група, се споделија фотографии од пукнато ветробранско стакло како последица на заталкан куршум. Во албанската група насловена „Сакаме чист Чаир“, од членот беше споделен апел да не се пука на прослави, бидејќи тоа претставува голема опасност за граѓаните.
Сепак, сето тоа останува само на апели и на чаршиски муабети, бидејќи никој досега не се осмелил да пријави пукање на прослава. Луѓето се плашат, прифаќаат да се кријат во своите домови, само за да не си создадат дополнителни проблеми со своите соседи.
Факт е дека досега стотици пати е пишувано на оваа тема, а и во минатото Министерството за внатрешни работи спроведе и кампања со надеж дека ќе се намали ова примитивно однесување на поединци, но во реалноста ништо не е променето.
Кај нас се чини дека прослава не е прослава ако не „заигра“ огнено оружје.
Бутелчани и чаирчарни секое лето мака мачат со овие појави. Тие велат дека им е прекуглава да се кријат во своите домови, бидејќи речиси нема ден да не се случува некаква прослава.
– Досега ни се случија неколку прослави во соседството од кои се пукаше како на бојно поле. Нашава населба некако како постојано да има прослави, а тоа значи и неконтролирано пукање. Се случува да се пука и на сосема друга улица, а јас да пронајдам чаура на улицата пред врата. Живеам во Бутел 2, имам мали деца, кои на горештиниве по цел ден се капат во базен. Сега, откако почнаа со пукотниците, ги прибирам внатре од страв да не заталка некој куршум. Од друга страна, пак, се плашам и да пријавам, затоа што не сакам да си создавам дополнителни главоболки со соседите. Сите знаеме какво време дојде, не знаете кој ќе извади пиштол и ќе го употреби против вас – вели нашата соговорничка.
И СЛАВЕНИЧКОТО ПУКАЊЕ СЕ КВАЛИФИКУВА КАКО КРИВИЧНО ДЕЛО
Дека користењето оружје и пиротехника на семејните прослави не е дозволиво потврди и помошник-министерот за внатрешни работи Тони Ангеловски.
Според него, се преземаат репресивни, но и превентивни мерки за да се елиминира оваа појава.
– Работиме на елиминирање на оваа несакана појава, која, за жал, е присутна со години, не само во нашата држава туку и во опкружувањето – истакна тој.
Употребата на огнено оружје се санкционира по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а во зависност од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години.
Славеничкото пукање може да биде фатално и да заврши со смртни случаи, повреди, оштетувања на имотот и други последици.
– Традиционално, оружјето се користи за славеничко пукање. Сигурна сум дека никој намерно не сака најсреќниот ден на едно семејство да го претвори во голема трагедија за друго, но тоа, всушност, може да се случи и се случувало. Оттука, навистина е многу важно сите ние не само да го кренеме гласот против славеничкото пукање туку и да преземеме акција. Да преземеме одговорност и да покажеме дека најдобриот начин да се слави е со пеење и со играње, а не со пукање – рече при минатогодишната кампања против употребата на оружје за време на прослави Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.