Фото: Игор Бансколиев

Од почетокот на годинава, во Министерството за внатрешни работи за исчезнати се пријавени четири лица, додека, пак, минатата година МВР трагало по 94 лица на територијата на Македонија. Од нив, полицијата пронашла 89 лица, а сѐ уште се бараат петмина исчезнати. Како што информираа од МВР, причините за исчезнување на лицата се индивидуални и секој случај има свои специфики. Но, според статистиките што се водат, најчести причини за исчезнување на лицата се амнезии,
нарушени семејни односи, односно несогласувања со членовите на семејството, брачните другари, родителите. Од МВР велат дека често пријави за исчезнати лица доаѓаат и од дисфункционални семејства…

Вознемиреност кај граѓаните во врска со исчезнувањето на повеќе наши сограѓани за краток период

Изминатиов период особено стана присутна една појава што загрижува, но и повикува на грижа за најблиските, за подобра комуникација, едноставно за приближување на луѓето едни кон други во ова време на отуѓеност. Имено, сѐ почесто има пријави за исчезнати граѓани, на кои им се губи секаква трага. Нивните семејства, роднини и пријатели бараат помош од надлежните, но и на социјалните мрежи, каде што споделуваат фотографии на своите блиски, со надеж дека некој од корисниците ќе успее да го препознае лицето што исчезнало. Секако, првично сите се обраќаат во Министерството за внатрешни работи, а потоа и самите се впуштаат во реализација на сопствени потраги по членовите на семејството.

Актуелна потрага по пет исчезнати лица

Од почетокот на годинава, во Министерството за внатрешни работи за исчезнати се пријавени четири лица, додека, пак, минатата година МВР трагало по 94 лица на територијата на Македонија. Од нив, полицијата пронашла 89 лица, а сѐ уште се бараат петмина исчезнати.
Како што информираа од МВР, најчести причини за исчезнување на лицата се нарушени семејни односи, како несогласувања со членовите на семејството, брачните другари, родителите, а велат и дека пријави за исчезнати лица доаѓаат од дисфункционални семејства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се споделуваат апели за пронаоѓање на скопјанецот К.Г., кој исчезна во реонот на Долно Нерези, Карпош 4, Влае и Тафталиџе. Тој од својот дом излегол околу 17 часот и оттогаш му се губи секаква трага.
Пред него, веќе неколку дена се трага по 47-годишниот Р.Б., кој исчезна минатата среда. Тој живеел во реонот на Ново Лисиче, а семејството во оваа населба и во Аеродром залепило плакати со неговата фотографија и податоци за изгледот, возраста и облеката што ја носел. Последен пат бил виден во средата, во 13 часот, во Лисиче.
И за двата случаја семејствата наведуваат дека лицата што се пријавени за исчезнати немале здравствени проблеми ниту, пак, пороци што би ги навеле на таков чекор.
Сепак, ова не се единствени случаи на исчезнати лица што ја потресоа јавноста.
Пред неколку дена исчезна охриѓанецот Ф.Б., со своето возило, а набрзо беше пронајден во атарот на селото Расино, починат.
Случајот со З.Л. од Драчево, која исчезна на 31 декември, видно ја потресе јавноста. Нејзиниот син со денови трагаше по мајка си. Тој тогаш на социјалните мрежи истакна дека немала никаков проблем, а дека излегла од својот дом околу пладне.
– Кога ѝ се јавив во 18 часот да прашам каде е и зошто не си доаѓа дома, таа не можеше да зборува на телефон. Ми одговори на повикот, кога ја прашував каде е, само нешто нејасно слушнав, сфатив дека се случува нешто и веднаш се јавив во полиција – раскажа тогаш тој.
Жената по неколку дена беше пронајдена почината, во близината на манастирот „Св. Еремија“ во населбата Пинтија. Екипа на итната медицинска помош констатирала смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција, информираат од МВР.
И ова не е единствен случај на исчезнување во Драчево. Во март минатата година исчезна шеесетгодишната В.К.Ј., која, според информациите од семејството, заминала во оптика да си ги земе очилата и оттогаш ѝ се губи секаква трага. Нејзината ќерка тогаш кажа дека станува збор за сериозна жена, за жена што никогаш така не би го напуштила домот. Виолета работела како сметководителка на Факултетот за безбедност.
Од МВР велат дека во потрагата по лицата што се пријавени за исчезнати се преземаат низа мерки.
– Министерството презема оперативни мерки за пронаоѓање исчезнати лица од собирање оперативни информации, преглед на теренот, водно и воздушно пребарување и набљудување на теренот – велат оттаму.
Потрагата по исчезнатите лица, како што информираат од Министерството, завршува во два случаја – по пронаоѓање на лицето или телото и утврдувањето на неговиот идентитет и кога пријавителот ќе го повлече барањето за потрага.
Од исчезнатите лица, според статистиката на МВР, од 94 лица што лани биле пријавени за исчезнати, 86 се пронајдени живи, а седум починати.

ПОТРАГА ПОДОЛГА ОД ТРИ ГОДИНИ

Еден од случаите што околу три години мистериозно ја бранува јавноста е исчезнувањето на 28-годишната М.Б. (28) од селото Босилово. До ден-денес од неа нема ниту трага ниту глас, откако исчезна на 18 јануари 2020 година во утринските часови.
Истрагата за нејзиното исчезнување ја води Основното јавно обвинителство во Струмица, кое има отворена истражна постапка, но нема нови детали. Според досегашните информации, разгледувани се снимки од безбедносни камери, испрашани се членовите на семејството, извршена е проверка на нивните мобилни телефони, а нема потврда дека таа ја напуштила државата, бидејќи се проверени сите гранични премини.
Потрагата по неа ја реализираа и жителите и семејството во Струмица. Тие ја бараа по текот на реките Турија и Струмица, по каналите, полето, браните, а на повеќе локации во Струмица имаше излепено плакати со нејзини фотографии и контакт-информации, за доколку некој ја забележи, веднаш да пријави кај најблиските.

ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

Според социолозите и познавачите на оваа проблематика, причините за нечие исчезнување не се кријат во киднапирања и „сценарија со сериски убиства како на филмовите“, иако во јавноста честопати непотребно се расплетуваат најразлични приказни.
– Најголемиот дел од лицата што исчезнуваат е поради лични причини. Се скарале со семејството, со родителите или брачниот другар, имале долгови, останале без работа и едноставно сакале да си стават крај на маките така што ќе посегнат по својот живот – велат познавачите.
Според нив, вакви случаи има доста и во оние средини каде што се договараат бракови помеѓу млади лица, а еден од нив не сака да стапи во тој брак, па задолжително бега кај познаници, каде што веднаш се пронаоѓа.
Социолозите и психолозите, пак, велат дека „економско-финансиските проблеми играат голема улога во овој општествен сегмент“. Економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните претставуваат сериозни предизвици за нив.
– Секако, не ги исклучуваме тука ниту граѓаните што поради одредени здравствени проблеми залутале, излегле од домот, па заборавиле каде живеат. Тоа се сосема друг вид исчезнувања и таквите случаи најчесто завршуваат со среќен крај, бидејќи соседите се тие што доста често ги решаваат ваквите случаи со активно вклучување во потрагата. Но економската криза што ги зафати граѓаните, беспарицата, немањето доволно финансиски средства за да го преживеат месецот, на многумина им дојде премногу, па тие се одлучуваат да си го одземат животот. Тоа најчесто е во некоја река или, пак, на некој друг брутален начин. Тука се во прашање секунди, тука нема рационалност, лицето е сито од проблеми и само сака да им стави крај – велат експертите со кои се консултиравме, а кои сакаа да останат анонимни поради сензибилноста на темата.
Дополнително, според нив, голем е и импактот што се врши со постојаното објавување на овие случаи, постојаните апели на социјалните мрежи, кои само ја загреваат и онака вжештената атмосфера, па граѓаните непотребно креваат паника и споделуваат грозоморни сценарија на социјалните мрежи.
– Со тоа не му се помага никому, напротив, се крева непотребна паника на штета на лицето што е изгубено и на семејството. Замислете, трагате по ваш сакан член на семејството, а некој на социјалните мрежи пишува како е киднапиран или, пак, брутално измачуван… тоа никому не му носи добро. Ние имаме институции што знаат да си ја вршат работата и треба да се потпреме на нивната експертиза – велат тие.
Според нив, не треба да се инсинуираат разни сценарија како во филмовите.
– Граѓаните можат да имаат бујна фантазија, но треба да си ја чуваат за себе. Кревањето паника никому не му носи добро – велат експертите.

ЗАГРИЖУВАЧКИ Е ШТО БРОЈОТ СЕ ЗГОЛЕМУВА

Според проф. Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност и познавач на оваа проблематика, исчезнувањето лица има посебно криминалистичко значење.
– МВР на веб-сајтот, во рубриката Исчезнати лица, има околу 70 лица чии податоци фигурираат како исчезнати. Станува збор за лица од најразлична возраст, верска и национална припадност. Загрижувачки е што бројката од година на година се зголемува, а бројот на расветлени случаи не се редуцира. Судбината на исчезнатите лица е неизвесна. Според досегашната практика фокусот за секој одделен случај е актуелен во првите денови од исчезнувањето, но со текот на времето за нив може да се види единствено на веб-сајтот на МВР. Честопати на денот на исчезнувањето семејствата организираат јавни повици за пронаоѓање на нивните членови на семејства. Меѓутоа, сериозна активност за расветлување на овие случаи или решавање на мистеријата околу нивната судбина не е евидентна. Од криминалистички аспект, потрагата по исчезнатите лица треба да има системски карактер и се засновува врз солидна информативна основа за нив. Секој случај е индивидуален и, оттука, причината за исчезнувањето на едно лице многу е поврзана со неговиот начин на живот, стил на однесување, комуникација со лица од криминогена, патогена средина или жариште – вели тој.
Според него, додека секаде во светот во расветлувањето на овие случаи се ангажираат приватни детективи, кај нас тоа не е случај.
– И покрај тоа што постои Закон за детективска дејност во кој точно се наведени надлежностите на приватните детективи во делот на собирање информации за исчезнати лица, сепак во практика не постои случај што е расветлен со приватен детектив кај нас. Оттука, потребно е да се создадат услови за вистинско заживување на детективската дејност во нашата држава, и тоа преку: измени на Законот за вршење детективска дејност, обука и едукација за приватни детективи и создавање на првата комора за детективска дејност – потенцира професорот, кој додава сето тоа да се стави првенствено во функција на граѓаните, а надлежните служби и институции да се растоварат, при што за точно одредени области ќе постои функционално содејство меѓу институциите и комората, односно приватните детективи.

[email protected]