Само со последната операција „Карбек“, во втората половина од мај, Интерпол пронајде 1.121 украден автомобил и 64 мотоцикли, при што беа уапсени 222 лица. Во текот на 2021 година, со помош на полициите на земјите-членки, кои споделија информации од сопствените држави за украдени возила, Интерпол успеа да идентификува и да пронајде 248 илјади украдени возила, благодарение на базата на податоци, која постојано се дополнува и добива сѐ поголемо значење

ГЛОБАЛНА АКЦИЈА НА МЕЃУНАРОДНАТА ПОЛИЦИСКА ОРГАНИЗАЦИЈА

Нелегалниот бизнис со украдени возила е еден од најраспространетите во светот и за него може да се каже дека не признава граници и ограничувања. За „важноста“ и „значењето“ на овој валкан бизнис зборува и податокот дека криминалните организации, па и индивидуалците, најчесто користат украдени автомобили, со чија помош реализираат и други матни бизниси, како што се шверц на дрога, пренос на мигранти и многу други нелегални активности. Овој бизнис носи неброени пари за криминалните организации и токму затоа никогаш не престанува крадењето на возилата.

ОТКРИЕНИ НАД ИЛЈАДА УКРАДЕНИ АВТОМОБИЛИ

Неодамна, од 16 до 31 мај, под капата на Интерпол, се реализира глобална полициска операција насочена кон трговијата со украдени возила, која доведе до враќање стотици автомобили, камиони и мотоцикли кај вистинските сопственици за само две недели.
Во операцијата, насловена „Карбек“, што во превод значи „враќање на автомобилите“, полицијата на цел своевиден фронт на поморски пристаништа и копнени гранични премини во 77 земји изврши проверка на возилата и нивните сопственици со помош на базите за податоци на Интерпол. Тоа доведе до моментално откривање потенцијални криминалци или криминални активности.
Операцијата доведе до идентификација на 1.121 украден автомобил и 64 мотоцикли; апсење или притвор на 222 осомничени трговци со украдени возила; приведување осум осомничени шверцери на луѓе; откривање 26 лажни документи за возила и заплена на 480 илјади пакувања украдени цигари.
– Полицајците упаднаа во наводни „продавници“ – места каде што украдените возила се демонтирале на делови што се шверцуваат или продаваат преку Интернет – при што конфискациите предизвикаа понатамошни истраги за бандите за криминал со автомобили на глобално ниво – велат од Интерпол.
Оттаму информираат дека на возилата им биле отстранети идентификациските броеви, па националните органи за спроведување на законот се поврзувале со производителите на автомобили за да го идентификуваат потеклото на возилата.

УКРАДЕН АВТОМОБИЛ ОД ЕВРОПА ЗАВРШУВА ВО АВСТРАЛИЈА

Бидејќи украдените возила често се тргуваат за да се финансира одредена криминална група, но и да се изврши криминал, почнувајќи од трговија со дрога, трговија со оружје и шверц на луѓе, до корупција и меѓународен тероризам, централата на Генералниот секретаријат на Интерпол ги анализираше разузнавачките информации собрани за време на операцијата „Карбек“ за да ги идентификува врските со други области на криминал.
Како што информираат оттаму, со анализата на податоците се дојде до потврда на претходните сознанија дека автомобили украдени во Европа се пронајдени дури во Јужна Америка и во Австралија.
– Со возила што обично се шверцуваат надвор од границите на државата, при што завршуваат илјадници милји подалеку од местото каде што се украдени, меѓународна операција како оваа е клучна за да ѝ се овозможи на полицијата да се справи со мрежите зад глобалниот шверц на автомобили – рече Илана де Вајлд, директорка на Организиран криминал во Интерпол.
Илана де Вајлд нагласи дека главниот клуч за успехот на операцијата е богатството на информации содржани во базата на податоци за украдени моторни возила на Интерпол и фактот дека во текот на целата операција полицијата на терен можела да пристапи до овие клучни податоци.

БОРБА СО ЗАЕДНИЧКА ДАТАБАЗА

Интерпол, со помош на сите земји што членуваат во него, а кои споделија информации од сопствените држави за украдени возила, минатата година успеа да идентификува и да пронајде 248 илјади украдени возила, благодарение на базата на податоци. Повеќе од 130 земји ги споделиле своите национални податоци со Интерпол и извршиле повеќе од 280 милиони пребарувања.
Програмата на Интерпол, позната под името „Намалување на криминалот и кражбите на возилата“, постои уште од 2016 година. Базата на податоци за украдени моторни возила вклучува податоци за украдени автомобили, камиони, мотори, приколки, камп-приколки, автобуси и нивни компоненти.

КРАЖБАТА НА ВОЗИЛА НЕ ЈА ОДМИНУВА НИ МАКЕДОНИЈА 

Македонската полиција нема соопштено колку случаи на украдени возила кај нас или во светот, кои минале или се задржале на територијата на Македонија, се откриени благодарение на оваа голема акција на Интерпол. Засега за вклученоста на Македонија во оваа акција може да се види на две фотографии на официјалната веб-страница на Интерпол, но без дополнителни информации.
Но затоа, пак, во полициските хроники неодамна беше забележан случај кога косовската полиција на граничниот премин Вермица запрела возило од типот „ленд ровер“, управувано од Б.С., државјанин на Македонија. По извршените проверки, било констатирано дека автомобилот бил украден во 2021 година во Бугарија.
– Ова возило е испратено на контрола во „втора линија“ и при постапките за идентификација и контрола од страна на полициски службеници и службеници на Фронтекс што се на мисија во Вермице, констатирано е дека предметното возило е украдено во 2021 година во Бугарија – информира полицијата.
Иако не спаѓа во оваа група украдени возила, неодамнешниот случај што го расветли македонската полиција зборува за дрскоста на крадците. Имено, еден од случаите на украдено возило што годинава беше во центарот на вниманието во јавноста е кражбата на возило „лада нива“ со скопски регистарски таблички, кое било во сопственост на институцијата Народен правобранител.
На 14.6.2022, во 17 часот, во СВР-Скопје, Б.Ш. (32) од с. Ласкарци, општина Сарај, пријавил дека во периодот од 12.6.2022 до 14.6.2022 од механичарска работилница на локален пат Тетово – Скопје било одземено патничко моторно возило „лада нива“ со скопски регистарски таблички, сопственост на институцијата Народен правобранител – информираа од МВР.

Само минатата година во земјава биле регистрирани 252 случаи на украдени возила. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, најмногу возила биле одземени во Скопје, дури 86 случаи, додека во метрополата исто така најголем е бројот на украдени возила, дури 12. Тринаесет случаи во Скопје се евидентирани како тешка кражба на возило. По Скопје, најмногу случаи на одземање моторно возило се регистрирани во СВР-Струмица, исто како и кражби на моторни возила, каде што се евидентирани седум случаи. Дури 24 случаи на кражби на возила се евидентирани во СВР-Тетово, 24 во СВР-Велес, 27 во Штип, десет во СВР-Битола, 14 во СВР-Охрид и седум во СВР-Куманово.
Од сите тие случаи, решени се 79.

[email protected]