Фото: Игор Бансколиев

Додека деновиве фокусот е целосно насочен кон тоа како ќе биде заведен јазикот, со фуснота, без фуснота, со еднократни унилатерални изјави или без нив, никој не споменува дека во ниеден документ децидно не стои дека Бугарија го признава постоењето на македонскиот народ! Експертите не гледаат никакви гаранции за зачувување на македонскиот народ, туку, напротив, интенција е тој да биде претставен како вештачки конструкт, без своја историска врска. Или, со други зборови, на патот кон ЕУ, трасиран со францускиот предлог, Македонија ќе остане без Македонците

Oпасни подметнувања на Софија

Жестока полемика се разви деновиве во македонската јавност за францускиот предлог, при што главниот аргумент на заговорниците за прифаќање на предлогот е дека наводно се добиени цврсти гаранции за македонскиот јазик, иако ваквите тврдења се крајно сомнителни и дискутабилни, барем според она што може да се прочита и види од предлогот. Но она што дополнително се наметнува како нова голема дилема е дали постојат некакви гаранции за постоењето на македонскиот народ, гаранции за вековниот континуитет и посебноста на македонскиот народ и за неговиот идентитет.
Имено, додека фокусот е целосно насочен кон тоа како ќе биде заведен јазикот, со фуснота, без фуснота, со еднократни унилатерални изјави или без нив, никој не спомнува дали Македонија, ако некогаш стане членка на Европската Унија, таму ќе влезе со признаен македонски народ или, пак, ќе мора и тоа да го брише од преамбулата на Уставот пред да стане полноправна членка.

Токму тоа е дилемата што ја наметнува францускиот предлог, бидејќи во него нема никакви гаранции дека македонскиот народ нема да исчезне низ долгиот пристапен процес, кој, несомнено, ќе биде постојано оптоварен со бугарските ревизии на секое поглавје, а сето тоа охрабрено со постојана европска поддршка на Софија.
Претседателот на Здружението на историчарите на Република Македонија, проф. д-р Митко Б. Панов, анализирајќи го францускиот предлог, не гледа никакви гаранции за зачувување на македонскиот народ, туку, напротив, гледа интенција тој да биде претставен како вештачки конструкт, без своја историска врска.
– Финалната верзија на францускиот предлог, со кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострано декларирана самоопределба, без историска генеза за идентитетско постоење. Прифаќањето на францускиот предлог ќе значи согласност за раскинување на историската врска на македонскиот народ со сопственото културно-историско наследство.

Ако кон тоа се додаде дека придавката „македонски“ со Преспанскиот договор е веќе забранета идентитетска придавка за нацијата и за државата, на патот кон ЕУ, трасиран со францускиот предлог, Македонците не само што ќе останат без Македонија, туку Македонија ќе остане без Македонците. Националната свест на Македонците и историјата на македонскиот народ ќе станат прашање што претстои да се редефинира од страна на ЕУ – за да нема повеќе македонско прашање – смета Панов.
Според него, пред и во текот на преговарачкиот процес, Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година.
– Тоа ќе се постигне преку историското ремоделирање во согласност со националните наративи на соседите како прифатени европски историски „вистини“, кои ќе ги претворат македонскиот народ и македонската нација во современ идентитетски продукт на договорите со Бугарија и со Грција, без своја историја и без свое културно-историско наследство.

Ревизијата на историјата на македонскиот народ станува составен дел од преговарачката рамка и услов за интеграцијата во ЕУ – констатира професорот Панов.
Тој уште додава дека усвојувањето на предлог-заклучоците во францускиот предлог е условено со претходно потпишување на билатералниот протокол, кој станува клучен за преговарачкиот процес.

– Овие документи директно ја засегнуваат историјата што ги дефинира идентитетот на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик – заклучува Панов.
Универзитетската професорка и политичарка од опозицискиот блок Солза Грчева смета дека македонскиот народ со ваквиот француски предлог е буквално ставен на ветрометина и лесно може и тој да биде избришан ако не се побараат писмени гаранции од Европа.

– Ваков каков што е, овој предлог не дава никакви гаранции за македонскиот народ, тој дури никаде и не се споменува. За да не ни се случи и тој да биде избришан, Македонија треба да побара писмени гаранции од Европа дека македонскиот идентитет, односно народ, нема да биде предмет на никакви преговори и оспорувања, исти писмени гаранции да се побараат и за македонскиот јазик без фусноти и какви било додавки и, трето, Европа да даде гаранции дека нема да бидеме запирани во понатамошниот процес на преговори. Сите тие работи како гаранции треба да ги побара македонската страна – вели Грчева.

Професорката Наташа Котлар предупредува дека македонскиот народ веќе е на удар, а тоа најдобро се гледа и во овој француски предлог, но и во претходните Договори за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, во кои македонскиот народ воопшто и не се споменува.
– Сето ова што денес го имаме како предлог, бугарско-француски или обратно, почива на оној несиметричен договор од 2017 година. Основата е таа. Ако го погледнеме тој договор, уште пред да биде потпишан, дознавајќи ги информациите од бугарските медиуми, предупредивме уште тогаш дека овој договор нема да биде договор меѓу два рамноправни народа и две суверени држави. Уште тогаш македонскиот народ почна да се брише, а тоа продолжи и со Преспанската спогодба – вели Котлар.
Таа додава дека македонскиот народ воопшто не фигурира во основата на договорите, па не е за изненадување што го нема ниту во овој француски предлог.

– Немаме никаква гаранција дека низ преговорите со ЕУ, Бугарија нема да го оспори македонскиот народ, бидејќи во преговорите е вклучено и почитувањето на асиметричниот Договор за пријателство и соработка, во кој никаде не се споменува македонски народ. Тоа го има и во Преспанската спогодба, а двата договора се многу блиски во насока на асимилирање и негирање на македонскиот народ. Со овој француски предлог се продолжува процесот на бришење на суверенитетот, бидејќи народот е носител на суверенитетот на една држава. Ако Европа му го признаеше правото на интегритет на македонскиот народ, тие немаше да дозволат таква содржина. Европа не сака да си ја признае грешката што ја направи во 1913 година. Мислеа дека тогаш го затворија македонското прашање, но тоа одново и одново им се појавува. Уште тогаш не им беше гајле за македонскиот народ, а очигледно не им е гајле ниту сега – заклучува Котлар.


Ковачевски: Македонскиот народ ниту некој успеал да го асимилира, ниту
некогаш ќе се случи да го асимилира

Премиерот Димитар Ковачевски, на вчерашната заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача дека македонскиот идентитет е загарантиран и дека не постои опасност во текот на преговорите некој да го асимилира македонскиот народ.
– Ние, Македонците сме горди на својата историја, горди сме на својот јазик, горди сме на својот идентитет со сите негови аспекти. Македонскиот народ ниту некој успеал досега да го асимилира, ниту го асимилирал, ниту некогаш ќе се случи да го асимилира. И тоа е факт – истакна Ковачевски.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се надоврза и рече дека ќе застане зад легитимните права на македонскиот народ.
– Свесни сме за загриженоста за националниот идентитет, можете да очекувате дека ќе стојам зад вашите легитимни права – порача Мишел.


МПЦ-ОА со апел за целосно зачувување на македонскиот идентитет

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) очекува Владата и сите други општествено-политички фактори да се обединат и да изградат стратегија, која целосно ќе ги зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи.
– Светиот синод со загриженост посвети внимание на ситуацијата предизвикана од последниот модифициран француски предлог, како и последиците што би произлегле од истиот тој, и повторно упатува апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси. Како Синод очекуваме Владата и сите други општествено-политички фактори вклучени во овој процес да се обединат и да изградат стратегија, која целосно ќе ги зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи. Синодот ја информира јавноста, доколку во која било форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ-ОА нема да го прифати тоа – наведуваат од САС на МПЦ-ОА.