На 27 февруари, само неколку дена по почетокот на руската инвазија во Украина, претседателот на Украина, Володомир Зеленски, апелираше до граѓаните на странските земји да одат во Украина, да се приклучат на странската легија и да се борат заедно со Украинците, а за волонтерите тогаш беа укинати и визите. Според податоците на руското министерство за одбрана, од почетокот на војната до август минатата година, на страната на Украина се бореле дури 79 македонски државјани. Од нив, според истиот извор, загинале 26, а се вратиле 21. Бројката е флексибилна за оние што останале на фронтот, бидејќи се смета дека до крајот на минатата година на фронтот биле активни 32 лица. Од друга страна, според Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, но и според Министерството за надворешни работи, досега нема ниту еден податок дека државјанин на земјава учествувал во воениот конфликт помеѓу Украина и Русија

АНАЛИЗА

Руско-украинскиот конфликт несомнено од самиот почеток беше плодна почва за ширење дезинформации поврзани со актуелните случувања на теренот, особено за лицата странци што се борат на едната или на другата завојувана страна.
Во базенот (дез)информации, вниманието на македонската јавност го привлекоа оние од медиумите дека „македонски граѓани се приклучиле во воениот конфликт како платеници, и тоа на руската страна“, што беше информација пласирана и кај голем дел од српските медиуми. Од друга страна, пак, во јавноста протекоа и податоци дека наши сограѓани заминале да се борат на страната на Украина, исто како воени платеници, приклучени на т.н. Азовски полк.
Дали воопшто има наши сограѓани на бојните полиња каде што веќе цела година се водат битки засега нема официјални податоци, меѓутоа тимот на „Нова Македонија“ побара официјална информација од две државни институции: Министерството за надворешни работи и Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

СТАТИСТИКИ ИЛИ САМО ПРОПАГАНДА

За потсетување, на 27 февруари, само неколку дена по почетокот на руската инвазија во Украина, претседателот на Украина, Володомир Зеленски, апелираше до граѓаните на странските земји да одат во Украина, да се приклучат на странската легија и да се борат заедно со Украинците, а за волонтерите тогаш беа укинати и визите. Потоа, на 5 март, тамошното министерство за надворешни работи претстави и веб-страница за странски државјани што сакаат да ѝ се приклучат на Меѓународната легија за одбрана на Украина, со сите контакти на украинските претставништва во сите земји каде што се формираат странски волонтерски единици.
Официјална потврда за тоа дека македонски државјани се борат на руско-украинските фронтови нема. Независно дали станува збор за платеници или не, македонските институции тврдат дека досега не добиле ниту еден податок или информација за Македонец што се борел на едната или другата страна.
Минатата година во јуни, Москва објави статистика за учество на странски платеници што се борат на страната на Украина.
Според податоците на руското министерство за одбрана, од почетокот на војната до август минатата година, на страната на Украина се бореле дури 79 македонски државјани. Од нив, според истиот извор, загинале 26, а се вратиле 21. Бројката е флексибилна за оние што останале на фронтот, бидејќи се смета дека до крајот на минатата година на фронтот биле активни 32 лица.
На листата што ја објави руското министерство за одбрана, странски платеници во Украина имало и од седумдесетина земји од светот, меѓу нив се Албанија, Хрватска, Полска, Италија, Романија, Финска, Летонија, Косово…
Веднаш по ова, македонското министерство за надворешни работи излезе со официјално соопштение дека не располага со релевантни информации поврзани со евентуално учество на наши државјани во војната во Украина, ниту, пак, дека таму има загинати наши државјани.
– Постојано и внимателно ја следиме ситуацијата, преку Амбасадата во Украина. Кога ќе има нови информации, јавноста ќе биде информирана – соопштија од МНР.

ПЛАТЕНИЦИТЕ НЕМААТ ЗАШТИТА КАКО ВОЕНИ ЗАРОБЕНИЦИ

Многумина од оние што се борат на тамошниот фронт завршуваат заробени и убиени. Според „Њујорк тајмс“, проруските сили во Украина тврдат дека некои од странските борци што ги заробиле се платеници и немаат заштита како воени заробеници според меѓународното право. Женевската конвенција прецизира дека заробените странски доброволци исто така можат да се сметаат за воени заробеници. Дефиницијата за платеник во меѓународното право подразбира некој што првично се бори за финансиска корист и кој е значително подобро платен од локалните вооружени сили.
Припадниците на Меѓународната легија добиваат ист надомест како и украинските соборци. Нивната основна плата изнесува околу 630 долари месечно, додека со дополнителните бонуси може да достигне неколку илјади долари месечно. Некои од оние што се борат со други групи добиваат еднократен надомест за покривање на трошоците, додека другите се слабо платени, пишува весникот.
Во јуни минатата година, портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал Игор Конашенков, изјави дека Министерството за одбрана на Русија го следи престојот во Украина на секој претставник на, како што вели, „меѓународниот собир на коњаници без глави“.
Според руското министерство, 6.956 лица од странство отишле во Украина, од 24 февруари, кога почна оружениот конфликт. Од нив, 1.956 загинале во борбите, а 1.779 ја напуштиле државата. Уште 3.221 борец моментно војуваат на страната на Украина, според Конашенков. Од државите во регионот, на руската листа се присутни и Хрватска со 204 државјани, БиХ со 167, Косово со 156, Албанија со 150, како и Грција со четворица, Бугарија со тројца и Црна Гора со еден државјанин забележан на страната на Украина.

НЕМА ОФИЦИЈАЛНИ, НО ИМА НЕОФИЦИЈАЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА МАКЕДОНЦИ НА ФРОНТОТ

Според националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Златко Апостолоски, досега нема ниту еден податок дека македонски државјанин учествувал во воениот конфликт помеѓу Украина и Русија.
– Досега кај нас нема информација дека македонски државјанин учествувал во војната. Тоа се официјални податоци. Сѐ друго што ќе се прочита на интернет од наши или странски медиуми, дека тоа е поинаку, е само шпекулација – информира тој.
Побаравме официјална информација и од Министерството за надворешни работи, од каде што истакнаа дека во неколку наврати досега соопштиле оти во руско-украинскиот конфликт нема наши жители што се борат активно на едната или другата страна.

НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ОТВОРЕНИ ПОВИЦИ ЗА УЧЕСТВО ВО ВОЈНАТА

Балканските медиуми досега во неколку наврати објавуваа „штури“ информации дека Македонци учествуваат во воениот конфликт помеѓу Украина и Русија. На некои од овие медиуми беа објавени и фотографии од наводно македонски државјани што се борат на страната на Украина, а други поконкретни информации за тоа каде се борат, кои се војниците и од кој дел на земјава се, не беа обелоденети.
Во галиматијасот информации за странски платеници на боиштето во Украина, како карактеристична информација ја издвојуваме „отворен повик од страна на некаков македонско-бугарскиот странски баталјон“, кој, некаде во март минатата година, започна на социјалната мрежа со организирање и запишување волонтери подготвени да се борат за, како што велат, светски мир и слобода против руската агресија врз братскиот народ на Украина! Повикот беше насочен и кон Македонци и кон Бугари, при што на социјалната мрежа Фејсбук постоеше апел за придружување и контакт.
ШТО ВЕЛИ КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК?

Овде треба да потенцираме дека во случај македонски државјани да заминат на доброволна основа да се борат на руска или украинска страна, независно дали е тоа заради идеолошки или финансиски цели, тие ќе одговараат за кривичното дело „учество во странска војска, паравоени или параполициски формации“, исто како што одговараа оние што доброволно учествуваа во војните во Сирија, Ирак или, пак, му се приклучија на ИСИС.
Тоа е казниво според Кривичниот законик и за тоа се одлежува затворска казна.
Според Кривичниот законик, тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на РСМ, ќе се казни со затвор од најмалку пет години (членот 322 – а). Според истиот член, македонски државјанин што учествува или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на земјата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. И тој што повикува или врбува или поттикнува друг на извршување на делата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Овие законски решенија важат и за легионерите што би заминале во Украина.

[email protected]


Украинскиот полк „Азов“

Единицата за специјални операции „Азов“, порано позната како „Азовски баталјон“, сега како „Полк Азов“, е позната по тоа што собира доброволци за учество во борбите на украинска страна. Лицето Андриј Билецки, поранешен член на паравоената организација „Украински родољуб“, е еден од основачите на полкот. Според достапните информации, полкот во 2014 година го формирале милитантни десничари, а негово прво борбено дејствување било против проруските сили во источна Украина. Во меѓувреме тој е интегриран во украинската национална гарда што е под команда на Министерството за внатрешни работи.
Во почетокот полкот се состоел главно од доброволци што носеле обележје слично на т.н. „Волфсангел“, кој, според воените аналитичари, „неодоливо потсетувал на симболите на СС-единиците во нацистичка Германија“. Во меѓувреме, според истите извори, единицата се „деидеологизирала“ и станала регуларна борбена единица. Полкот е наречен по Азовско Море, кое се наоѓа меѓу Украина и Русија. Воените хроничари истакнуваат дека полкот „Азов“ се прославил во 2014 година, кога го врати Мариупол под украинска контрола, откако градот беше заземен од проруските сили.
Единицата има меѓу 2.000 и 3.000 припадници, меѓу кои и доброволци и платеници.


Руска приватна безбедносна група „Вагнер“

Официјално групата „Вагнер“ не постои, досегашните истражувачки новинарски активности не откриле ниту еден официјален регистриран зафат што го носи името „Вагнер“. Но, неофицијално, пак, најмалку 6.000 Руси и жители на поранешен СССР имаат служено за „Вагнер“?!
За сопственик на компанијата, според воените познавачи, се смета Евгениј Пригожин. Тој е лицето што се занимаваше со угостителство и го имаше во посед „омилениот ресторан на Путин во Санкт Петербург“, а подоцна стана познат по прекарот Готвачот на Путин.
Лицето Евгениј Пригожин за првпат јавно призна дека во 2014 година создал патриотска група, за која тој „истакна дека благодарение на нивната храброст, судбината на самопрогласените републики во Донецк и Луганск радикално се променила, а народите во Сирија, арапските, африканските и латиноамериканските земји добиле заштита“. Веројатно токму таа група подоцна била наречена „Вагнер“, но не од страна на Пригожин, кој воопшто не го употребил тоа име.
Во 2019 година „Вагнер“ веќе има свои канцеларии во 20 африкански држави, но и во Венецуела на пример. Интересна е информацијата за доброволците и платениците, односно „борци на Вагнер“, особено новите генерации, дека „обуката ја почнуваат во касарната на руското министерство за одбрана во селото Молкино (Краснодар)“. Медиумите пишуваат дека „според официјалните судски документи, локацијата не му припаѓа на руското министерство за одбрана, туку е детско одморалиште“.