Покрај криминалците, во „валканата работа“ со креирање фалсификувани документи често се вклучени и т.н. валкани полицајци (корумпирани полициски службеници) што работат во полициските одделенија и имаат пристап до различни системи за податоци. На списокот на „валкани службеници“ се и матичарите што манипулираат со законската процедура
ПРОБЛЕМОТ СО ФАЛСИФИКУВАНИ ДОКУМЕНТИ ПОПРИМА ЕПИДЕМИСКИ РАЗМЕРИ
Фалсификаторите се чини создадоа толку широкоразвиен црн бизнис, што сѐ помалку внимаваат дали ќе остават „печат“ од својата криминална работа и дали токму поради „преработеноста“ им паѓа нивото на заштита. Тоа е факт бидејќи речиси секојдневно некој од нив завршува во рацете на полицијата поради тоа. Уште еден факт што го издвојуваат нашите соговорници од областа на безбедноста е дека „најчестите цели за фалсификување се европските документи“, додавајќи дека за изработка на таквите фалсификувани ЕУ-документи, „криминалните експерти“ се лоцирани на Балканот. Токму овде има многу групи што се занимаваат со креирање и продажба на лажни европски документи.
Цени и до 16 илјади евра
Неодамна во Србија беше уапсена криминална група под сомнение дека развивала бизнис поврзан со фалсификување лични документи специјализирани за словенечки и хрватски пасоши, како и лажни јужноафрикански возачки дозволи.
Според податоците од полициската истрага за тој случај, шестчлена група произведувала лажни документи на земјите од Европската Унија во илегални печатници во Србија и им ги продавала на криминалци.
Во тој контекст, извори за српска „Политика“ откриваат дека цените се движеле од 1.200 до 2.500 евра, во зависност од услугата – дали клиентот зема само еден документ или целиот „ЕУ-комплет“, кој вклучува лична карта, пасош и возачка дозвола.
Поради сомневање дека на овој начин заработиле повеќе од милион и пол динари се уапсени П.С. (1963), Ш.Н. (1981), М.В. (1971), Б.З. (1987), Н.Д. (1962) и П.М. (1994), на кои им е одреден притвор до 30 дена.
При претресот на становите и другите простории што ги користеле членовите на бандата, полицијата пронашла голем број докази – фалсификувани лични документи, дипломи, потврди, нелегална печатница за изработка на лажни пасоши…
Во јавноста се појавија некакви ценовници на лажни документи пред неколку години, кога на Балканот имаше неколку полициски акции во кои беа апсени фалсификатори…
За лицата што ги барале полициските власти, цената на лажниот пасош се движела од 8.000 до 16.000 евра, додека ситните криминалци, на кои им бил забранет влез во некои земји од ЕУ, на пример поради кражба, плаќале за фалсификувани документи од 500 до 1.500 евра. Цената на лажниот пасош е повисока и зависи од „подебелото досие“ на купувачот.
Повторно Балканот центар и за ваквиот облик на криминално поведение
Според упатените, честите апсења фалсификатори покажуваат дека на Балканот има многу групи што како своевидна „криминална служба“ се занимаваат со креирање лажни документи. Со воведувањето на личните документи со биометриски податоци, криминалците сѐ повеќе почнаа да користат вистински патни исправи и да ги менуваат за свои потреби. Тие обично стигнуваат таму на два начина. Или станува збор за украдени документи на други во кои внесуваат лажен идентитет, или нелегално купуваат легални документи, под нивните вистински или лажни имиња со помош на корумпирани функционери. Покрај криминалците, во „валканата работа“ со креирање фалсификувани документи често се вклучени и „валкани полицајци“ што работат во полициските одделенија и имаат пристап до различни системи за податоци, како и матичари што манипулираат со законската процедура.
Проблемот со фалсификување документи не е изразен само во Србија туку и во сите балкански земји.
Случаи во Македонија, Грција, Босна…
Пролетта 2021 година Македонија беше потресена од афера во која вработени во МВР им издале најмалку 215 пасош на лица по кои биле распишани потерници и на лица од безбедносен интерес. Меѓу оние на кои им беше издадена лажна исправа беше и турскиот криминалец Седат Пекер, кој под лажен идентитет извадил македонски пасош.
Македонски пасош во Косово му беше издаден и на Јован Вукотиќ, убиениот поглавар на Шкаљарскиот клан, под лажно име Предраг Поповиќ.
Минатата година со помош на Европол во Грција беше разбиена мрежа на фалсификатори што го снабдуваа тамошното подземје со лажни лични документи, а групата имаше вистинска печатница во Атина за изработка на разни лични и патни исправи. Во 2022 година слична тричлена група беше уапсена од српската полиција во Нови Пазар, а од 2016 година повеќе од 1.200 лица се приведени во Албанија поради измама со пасоши и визи. Во последните години неколку стотици луѓе во Босна и Херцеговина успеаја да добијат лажни лични документи и пасоши на таа земја.
Според истражувањето на „Глобална иницијатива“, многу криминалци од нашите простори успеваат да добијат патни исправи на земјите од Европската Унија со кои можат слободно да се движат во шенген-зоната. Хрватскиот пасош овозможува такво движење во ЕУ, а уште полесно откако Хрватска стана членка на шенген-зоната.
Примерите за апсење на некои лица што се поврзани со криминал во медиумите потврдуваат дека лажните хрватски пасоши се популарни кај многу луѓе.
Филип Кораќ неодамна беше уапсен во Унгарија, а по него трагаа Франција и Босна и Херцеговина, поради сомневање дека се занимава со шверц на дрога. Иако во јавноста е познат како соработник на Лука Бојовиќ, Кораќ никогаш не одговарал за тешко кривично дело. Тој минатата година беше уапсен во Хрватска, а набрзо и осуден, исто така за фалсификување документи. Кораќ имал лажен хрватски пасош на име Слободан Коралија, а документот бил издаден во 2017 година.
Пред четири години, во акцијата „Крт“ што ја спроведе хрватската полиција, беше откриено дека високи членови на кланови од Србија и од Црна Гора дале и до 15.000 евра за хрватски пасоши, во чии лажни информации беше речиси невозможно да се посомневаат на граница.