Фото: Маја Јаневска-Илиева

СЛЕДУВА СТАТИСТИЧКИ НАЈОПАСНИОТ ПЕРИОД ЗА ВОЗАЧИТЕ НА ПАТНИЧКИ МОТОРНИ ВОЗИЛА

Есенскиот период дава и многубројни температурни осцилации, поголема влажност на сообраќајниците и врнежи, а намалувањето на денот, односно фактот што порано се стемнува, дополнително го дава својот придонес во несоодветните временски услови, особено за возење.
Од тие причини, „Нова Македонија“ направи анализа, а потоа и препорака за тоа на што возачите треба да обрнат посебно внимание во овој период од годината и како да се подготват себеси и своите возила за безбедно да возат и да патуваат

Со пристигнувањето на есента на северната хемисфера од Земјата, во која спаѓаме и ние, вообичаено е луѓето да започнат со подготовки за приспособување на новите временски услови и околности. Во случајов не зборуваме за традиционалните зимници по кои нашите домаќинства се познати, ниту пак по подготовките на печки на дрва, туку на нешто сосема друго: возењето во есенски услови, кое во голема мера може да биде проблематично, незгодно, па и сериозно по здравјето на учесниците во сообраќајот, доколку возачите не возат соодветно и подготвено.

ПРАВИЛАТА ЗА ВОЗЕЊЕ СЕ ПРИСПОСОБУВААТ СО ПРОМЕНАТА НА ВРЕМЕТО

Иако пред околу една недела и официјално ни пристигна есента, уште на самиот почеток таа го покажа вистинското лице. Ниски, па и минусни температури на некои места, интензивни врнежи од дожд, силен ветер, на некои делови се појавија и првата магла, слана, па дури и снег.

Есенскиот период дава и многубројни температурни осцилации, врнежи и влажни коловози, а намалувањето на денот, односно фактот што порано се стемнува, дополнително го дава својот придонес во несоодветните временски услови, особено за возење.

Од тие причини, „Нова Македонија“ направи анализа за тоа на што возачите треба да обрнат посебно внимание во овој период од годината и како да ги подготват своите возила за безбедно да патуваат.

Облачното време, обилните врнежи од дожд, накиснатите лисја на коловозите, како и зголеменото учество на земјоделската механизација на улиците се едни од главните проблеми со кои се оптоварува сообраќајот и се главните причини поради кои возачите страдаат.

Според статистичките податоци, месеците октомври и ноември се најризични за возење, бидејќи возачите сѐ уште се навикнати на топлото време, гумите што ги користат исто така се летни, а коловозите од многу причини можат да бидат лизгави, па и најмалото невнимание возачите може да ги чини незгода.

ГОЛЕМ БРОЈ ПРЕДИЗВИЦИ ЗА ВОЗАЧИТЕ

Намалената видливост е една од главните карактеристики на есента. Есенските услови сами по себе носат време со зголемена облачност во текот на целиот ден, магла во одредени региони и намален виден период на денот.

Сето ова, како што информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на нивната интернет-страница, бара од возачите поголема внимателност при возењето и подготовка на возилата за овие временски услови.
– За да се зголеми видливоста на возилото при вклучувањето во сообраќајот, неопходна е навремена промена на бришачите на ветробранските стакла, употреба на средство за чистење на ветробраните и замена на неисправните светилки – потенцираат оттаму.

Според нив, обилните врнежи ја зголемуваат опасноста од пролизгување на возилата на коловозот.
– Возењето со поголема брзина од пропишаната, излижаните гуми, локвите вода на коловозот и насобраните влажни лисја, можат да го оневозможат движењето на возилото во посакуваниот правец, односно да дојде до пролизгување. Во таков случај не смее да се притиска сопирачката, а особено квачилото, туку треба воланот да се држи цврсто сè додека гумите повторно не воспостават цврст контакт со подлогата (коловозот). Случаите со пролизгување можат да се спречат со навремена замена на летните со зимски гуми. Иако законската обврска за зимска опрема на возилата започнува на 15 ноември, РСБСП им препорачува на возачите да го направат тоа порано, со што ќе ја зголемат својата безбедност, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот – велат од Советот за безбедност на сообраќајот.

ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ МАШИНИ ГО ЗАБАВУВААТ СООБРАЌАЈОТ

„Нова Македонија“ неодамна пишуваше за опасностите што произлегуваат од земјоделските машини низ улиците во земјава, па токму поради тоа возачите мора да бидат внимателни во овој период од годината.
– Земјоделската механизација е бавнодвижечка и во овој дождовен период нанесува кал и земја по коловозите, кои и онака се влажни, со што се зголемува ризикот при одвивањето на сообраќајот по патиштата. Имајќи го предвид фактот дека голем број од земјоделската механизација и работни машини во државата не се адекватно осветлени и обележани, РСБСП апелира за исклучителна внимателност при возењето во овој период од годината – велат од советот.

ШТО ВЕЛАТ ВОЗАЧИТЕ

Направивме и анкета со дел од возачите во Скопје, за тоа колку ги подготвуваат своите возила за есенските услови, и за волја на вистината, одговорите се поразувачки.

Многу од нив немаат специјални светла за магла познати како „магленки“, а некои од нив велат дека воопшто не ги ни менуваат гумите на возилата.
– Немам време да му посветувам толкаво внимание на автомобилот. Возам со летни гуми иако знам дека со тоа самиот се ставам во ризик. За среќа, досега не ми се случила несреќа, меѓутоа свесен сум дека законот вели дека мора да се сменат гумите – вели Влатко Смилевски, возач од Скопје.

За Надица Тодоровска, пак, советите за есенски подготовки на возилото се добредојдени, но потенцира дека вози само во градски услови, бидејќи се плаши од сите тешкотии што ги носат есента и зимата.
– Не сакам да возам на снег, по лизгав коловоз. Не се чувствувам безбедно. Не ја сакам маглата, ниту пак адреналинот што со себе ги носи овој период од годината. Јас секогаш ги почитувам сообраќајните правила и прописи, редовно ги менувам гумите или, пак, ставам универзални, меѓутоа, не сакам да возам во услови во кои се истакнува мојата несигурност. Во овој период од годината избегнувам да излегувам од градот, а доколку треба да патувам, воланот го оставам секогаш за некој поискусен возач или, пак, за некој што добро знае како да управува возило во такви услови – вели таа.


Маглата – еден од најголемите непријатели на возачите

Маглата е едно од обележјата на овој период од годината, особено на доцната есен. Во случај на намалена видливост поради магла, најважните препораки за возачите се: да ја намалат брзината на движење и да држат безбедно растојание од другите возила.
– Најчеста грешка што ја прават возачите при возењето во услови на магла е користењето долги наместо кратки светла. Имено, долгите светла во вакви случаи ги влошуваат условите и видливоста бидејќи светлината се одбива од маглата и ги заслепува возачите. Се препорачува употреба на светла (магленки) што се исклучуваат веднаш по излегувањето од маглата – стои наведено на интернет-страницата на РСБСП.