Европол е загрижен поради „новиот тренд“ на користење на пиротехничко експлозивните средства што се користат да се направи огномет, за предизвикување стравотно разорни детонацииа

Огнометот или „лансирањето ракети што се распрскуваат во разнобојна светлина на ноќното небо“ досега се користеше исклучиво за прослави, венчавки, свадби, родендени, сунети, како и за време на новогодишните прослави… Но во последно време огнометот како феномен од прославите или, попрецизно кажано, пиротехничко-експлозивните средства што се користат за да се направи огнометот се користат, ако се во поголеми количества и комбинирани според одреден сооднос, како ефикасни убиствени минско-експлозивни средства, со чија помош криминалците или криминалните организации зачестено извршуваат тешки кривични дела

Со пиротехника наменета за огномет се ограбуваат банкомати и се решаваат пресметки помеѓу криминални банди

Како што наближува декември, месецот во кој годишните прослави доживуваат кулминација со прославувањето на Нова година, така почнува и нелегалната продажба на пиротехника, петарди и други распрскувачки ракети, кои се детонираат насекаде низ земјава. Лично се уверивме дека на скопски Бит-пазар веќе може да се забележат првите тезги на кои се продаваат разни пиротехнички материјали. Предупредувањата од надлежните во нашата земја за последиците од набавката, дистрибуцијата, продавањето и, секако, употребата веќе се лиферувани во јавноста. Во истиот контекст, Европол презема и поконкретни и широки акции, при што заплени поголеми количества опасна пиротехника.

Во Германија и во Холандија запленети 350 тони опасна пиротехника

Европол, заедно со холандската и германската полиција, успешно разби криминална мрежа што била вклучена во нелегална трговија со пиротехнички средства наменети за огномет.
Осомничените го складирале големиот и силно експлозивен материјал за огномет на необезбедени локации, што претставува сериозен ризик за безбедноста на оние што живеат во околните области.
Двегодишната детална истрага разоткрила холандска криминална мрежа вмешана во голема трговија со опасни силно експлозивни огнометни материјали. Истрагата била поведена уште во 2020 година, врз основа на добиени разузнавачко-безбедносни информации. Понатаму, заедничката истрага на холандските и германските власти ги откри и маршрутите што се користат за транспорт и дистрибуција на нелегален материјал за огномет од земји како Кина преку неколку национални граници, вклучувајќи ја и Германија, за да стигнат до Холандија.
Она што загрижува, според анализите на Европол, е „новиот тренд“ на користење на пиротехничко-експлозивните средства што се користат да се направи огномет. Имено, ако материјалите за огномет се во соодветно количество и соодветно искомбинирани од неколку супстанции, тие може да предизвикаат стравотно разорни детонации. Според Европол, тоа им е познато на криминалците и на криминалните организации, при што тие веќе почнале да ја користат пиротехниката како ефикасно убиствено минско-експлозивно средство, со чија помош криминалците или криминалните организации зачестено извршуваат тешки кривични дела. Досега се забележани конкретни примери на користење пиротехника за насилни пресметки „една против друга криминална група“, како и за „напади и кражба на банкомати“ извршени во Германија.

Долг меѓународен криминален синџир за набавка, складирање,
дистрибуција и продажба на пиротехнички материјали

Минатиот месец, полициските службеници од Германија и Холандија уапсиле вкупно 11 осомничени. Тројцата главни осомничени биле уапсени во Холандија, на 17 октомври. Другите осум осомничени што биле уапсени играле логистички улоги, како што се олеснување на транспортот и складирање на материјалите за огнометот или биле контакт со потенцијалните купувачи.
Во јуни, органите за спроведување на законот во Германија и Холандија извршија рација на неколку локации, вклучувајќи и куќи, деловни простории и складишта на осомничените. Германските офицери открија седум локации, вклучувајќи и бункери, плевни, бизниси и контејнери, кои се користеле за складирање на нелегалниот материјал за огномет. Локациите биле далеку од исполнување на строгите безбедносни барања за складирање такви високоексплозивни предмети. Запленети се вкупно 350 тони нелегален материјал за огномет, со комерцијална вредност до 25 милиони евра. Откриени се и резерви на готовина. Истрагата за криминалната мрежа и нелегалниот материјал за огномет е во тек, а не се исклучуваат натамошни апсења. Материјалот за огномети ќе биде уништен откако ќе заврши истрагата.

Прецизни законски процедури и правила за користење на пиротехниката во нашата земја

Состојбата со продажбата на нелегални пиротехнички материјали за огномет не е ништо подобра ниту во земјава. Но, за среќа, сега за сега, нема примери дека пиротехниката кај нас се користи за криминални операции, туку само за прослави. Во минатото, најчесто, огнометот се користеше за новогодишните прослави, но во последно време тренд е огнометот да се пука и за свадби, крштевки, прослави или колку да се помине од редот, или, како што многумина знаат да кажат, „да се занимаваат децата“.
Иако постои строга процедура што мора да се запази, сепак, граѓаните не се оптоваруваат многу со законските прописи.
Од Министерството за внатрешни работи неодамна за „Нова Македонија“ информираа дека во согласност со постојните законски норми и процедури, изведувачот на огнометот при неговата изведба е обврзан од страна на Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите безбедносни мерки за заштита во согласност со Законот за заштита од експлозивни материи и упатствата за употреба на пиротехничките средства издадени од производителот.
– Известувањето од страна на изведувачот се доставува до надлежниот орган МВР, врз основа на членот 39 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Времетраењето за изведбата на огнометите е пропишано и се ограничува до 23 часот. Доколку пропишаниот временски интервал за изведба на огномети од II категорија (обични огномети во организација на граѓани по повод роденденски или други прослави, за разлика од огнометите од I категорија, кои по правило ги организираат институции или други правни субјекти) не се почитува, граѓаните можат да се обратат до надлежната полициска станица, која по службена должност ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на граѓаните во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир – нагласија оттаму.
Треба да се спомене и фактот што минатата година Министерството за внатрешни работи имаше полни раце работа во битката со илегалната продажба на пиротехника. Запленети беа поголеми количества пиротехнички материјали, кои најчесто завршуваа во рацете на малолетни лица, кои не знаат да управуваат со огномет.


Што велат членовите на Законот што ја регулира оваа проблематика

Според членот 39 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир:
Палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични приредби мора да се пријави во Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје ќе се одржи приредбата, најдоцна пет дена пред почетокот на приредбата.
Во пријавата од ставот 1 на овој член се наведуваат местото, времето и целта на палењето, односно одржувањето на приредбата, бројот на факлите, односно количеството на пиротехничките средства што ќе се употреби и мерките за безбедност што ќе се преземат.
Пријавувачот е должен да ги спроведе мерките за безбедност што ги навел во пријавата, како и мерките што му ги определил Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи.
Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи кому му е поднесена пријавата може да го забрани палењето ракети, односно одржувањето на приредбата ако тоа го бараат причините на безбедноста.
Писменото решение од ставот 4 на овој член ќе му се достави на пријавувачот најдоцна 48 часа пред одржувањето на приредбата.

Според членот 31:

Кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните, ќе му се изрече глоба во висина од 200 до 500 евра во денарска противвредност.

Според членот 32:

Кој на јавно место неовластено приреди огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедност во смисла на членот 39 од овој закон, ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на правното лице ќе му се изрече глоба во висина од 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во висина од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице.