Македонските граѓани и стопанските субјекти се соочуваат со неизвесност дали ќе има редовно снабдување со електрична енергија од домашните капацитети и колку ќе ги чини тоа. Надлежните лица, кои од поблиску ги следат состојбите во енергетиката, даваат различни „погледи“ за тоа дали ќе има нови и повисоки цени на електричната енергија за потрошувачите што се снабдуваат од регулираниот пазар на струја или, пак, можни се и пониски цени за граѓаните

На нешто повеќе од еден месец до новата, 2023 година македонските граѓани и стопанските субјекти се соочуваат со неизвесност дали ќе има редовно снабдување со електрична енергија од домашните капацитети и колку ќе ги чини тоа. Надлежните лица, кои од поблиску ги следат состојбите во домашните енергетски биланси, во изминатите денови даваа различни „погледи“ за тоа дали ќе има нови и повисоки цени на електричната енергија за потрошувачите што се снабдуваат од регулираниот пазар на струја. Оттука произлегува дека во зимскиот период може да очекуваме неколку сценарија за снабдувањето со струја, а нивната реализација би имала различни влијанија врз животниот стандард на граѓаните и на економската активност на фирмите.
Првото сценарио, за кое веќе има и дефинитивна одлука од енергетските власти во Македонија, е дека ДДВ што се наплаќа на сметките за потрошената електрична енергија се зголемува од сегашните пет на десет отсто. Второто сценарио, како што беше најавено од најголемиот производител на струја, односно од РЕК-Битола, е дека во следните месеци нѐ очекува „минимално зголемување“ на цената на киловат-час струја. Но неизвесно е колку ќе биде тоа, затоа што се чека на пресметките и од Регулаторната комисија за енергетика. Во случај да не им бидат признаени повисоките трошоци за производство на домашните енергетски капацитети, тогаш останува „сценариото“ за кое се залагаат од страна на регулаторите, а тоа е да се искористат сите можности за да не дојде до ново поскапување. Следното сценарио е поврзано со движењето на цената на струјата на светскиот пазар и во случај на нагорни трендови, како што е случај во зимскиот период, кога има и голема побарувачка, тогаш поскапувањето на струјата ќе биде неизбежно.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки. Во овој случај, како што нагласи тој, поисплатливо е да се увезува струја отколку да биде ставена во функција ТЕЦ-Неготино.

– ТЕЦ-Неготино ќе работи во моментот кога тоа ќе биде исплатливо за граѓаните. Ако ја земеме предвид цената на мазутот моментално, цената на производство на електрична енергија по мегават-час од страна на ТЕЦ Неготино излегува некаде 240-245 евра, а веќе претходната недела увезувавме по 205 евра за мегават-час. Зборувам за просечна цена, не за дневна. Моментално е поевтино да увеземе отколку да работи ТЕЦ-Неготино. Имаме резерви на мазут и веќе се прават сите подготовки за да може во континуитет да се стави во употреба во текот на грејната сезона. Граѓаните да бидат спокојни, сите подготовки се направени, во континуитет ќе бидат снабдувани со електрична енергија. Се прават калкулации од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата, а најверојатно ќе има намалување за малите потрошувачи – вели Бектеши.
Од Владата информираат дека се носат одлуки и за заштита на буџетот и граѓаните непречено да бидат снабдувани со електрична енергија и тоа ќе трае до крајот на грејната сезона, како за електричната енергија така и за топлинската енергија, и граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки.
По најавите од директорот на РЕК за „минимална корекција на цената на струјата“, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, излезе со став против поскапувањето на струјата за домаќинствата од Нова година.

– Јас сум противник да има поскапување на електричната енергија. Прво треба да направиме анализи, да видиме како се обезбедуваат потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата на регулираниот пазар и како е планот следната година да бидат обезбедени. Кога имаше потреба да се зголеми цената на електричната енергија поради надворешни влијанија, пред сè поради зголемена цена на увоз и реално ЕСМ пред две години имаше цена од 34 евра за мегават-час, што е една неодржлива ситуација, Регулаторната комисија за енергетика ја зголемуваше цената на електричната енергија, не сме бегале од одговорност. Но сега треба малку да застанеме, да направиме анализи што се случило во 2022-та, што е планот за 2023-та, а потоа да се носат соодветни одлуки – изјави Бислимоски.
Според него, сега прво треба да се види како ќе влијае воведувањето на блок-тарифите за цената на струјата кај домаќинствата. Дополнително, како што објаснува тој, со оглед дека сѐ повеќе граѓани инвестираат во енергетска ефикасност, тогаш ќе има и помала потрошувачка, што ќе значи дека на ЕСМ ќе му останат вишоци што ќе може да ги продава и да го покрие негативното салдо.
По изјавата на министерот за економија Бектеши, директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, за вчера најави брифинг со новинарите, на кој ги изнесе ставовите за поскапувањето на струјата од домашните капацитети. Претходно неговите ставови за минимална корекција нагоре ги објаснуваше со состојбите на пазарите за енергентите во Европа.

– Цените на електричната енергија ги формираат цените на енергентите. Со оглед на тоа што имаме зголемени трошоци на производство и зголемени цени на енергенти, имаме дополнителни количества електрична енергија што треба да ги произведеме, дел можеби треба да се набави, моја претпоставка е дека е очекувано да има зголемување на цената на електричната енергија, но сега ги правиме сите напори за тоа да биде мало, минимално или благо покачување – изјави Ковачевски.
Ковачевски вели дека во наредниот период ЕСМ ќе се фокусира на зголемување на домашното производство за да се добие пониска производствена цена. Засега можноста за рестрикции на електричната енергија во земјава не е опција, но, како што предупредија од Министерството за економија, „можни се повремени испади од системот за дел од консумното подрачје на струја, поради повисоката потрошувачка во зимскиот период“. Експертите предупредуваат и на испади на блоковите во термоцентралата во Битола, поради застареност на опремата. М.Ј.